„Еј, ај после часови да одиме до Корчагин, има еден професор што држи часови по филозофија и естетика, супер е, ќе чуеме нешто ново“, падна предлог на голем одмор во Орце, и секако, попладнето следевме предавање на професорот Сидовски од кое паднавме на газ. Потоа отидовме уште неколку пати, бидејќи во материјата почна да вклучува и филмска уметност, а сето тоа за нас беше премија.
Подоцна со Сидо редовно се гледавме на разните проекции и фестивали низ градов и дискутиравме за погледнатите филмови, бевме дел од неколку жирија, два пати го поканив на интервју во „Филмополис“ по повод неговите нови непрофесионални филмски остварувања, за на крајот да ми биде и еден од промоторите на книгата „Филмски град“ минатиот октомври.