Од високата кула, во која често навратував за да се возам со лифтот до кровот, имаше најубав поглед врз околните згради, паркот и кривулестиот тек на реката Вардар. Легнував на стомак, цврсто прилепена до жешкиот катран на самиот раб од педесетметарскиот лет кон смртта, и набљудував. Некогаш носев и семки од кајсии за да се пошегувам со минувачите. Тука, од високо, работите изгледаат поинаку, можеби заради стравот. Тополите не се толку високи, а јајцата во гнездата на враните и страчките се на дофат. Ги сакав овие висински прошетки и не ги кажував никому, заради девојчето од полициската зграда, чиј лик се најде на банкнотата од 10 динари кога успеа да го преживее падот од петтиот кат, благодарение на живата ограда. Не сакав да ја ставам на испит мојата среќа.
Читај повеќеБеба
Напишете коментар