Денеска од печат излезе новата поетска стихозбирка „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски, како јубилејна, десетта книга во едицијата „Поеза“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Стихозбирката се состои од пет циклуси песни кои градат многу занимливи меѓусебни врски, но и деликатни, дискретни, а суштински врски со претходното поетско творештво на Анчевски. Првиот циклус ги поставува поетичките начела и креда на поетот, а четирите циклуси што следат ги разработуваат истите во најразлични детали, ситуации и контексти. Завршниот циклус, пак, наместо да прави заклучоци и поетски „резимеа“ на изнесените начела, всушност, многу умешно и мудро, го враќа читателот на почетокот и бара нов прочит на книгата.
