Претходните три вечери патот ме водеше во МКЦ. Што да правам, кога МКЦ ја нуди најдобрата понуда во загадениот ни град. Сега ич не мора да ме прашувате „кај искачаш“, јасно, „во МКЦ“, да го е..м, каде на друго место 🙂 Имено, таму се одржаа три последователни супер настани, две промоции на книги и еден коцерт, иако имаше и други дешавки на останатите сцени, но овие беа во зоната на мојот интерес: промоциите на книгите како дел од мојата професионална определба, а концертот како момент за опуштање и мал хедонизам, кој одвреме-навреме, кога можеме, сите ние си го дозволуваме.
Пред пар седмици го слушнав, според мене, албумот на годината од Македонија, и тоа сосема неочекувано. Иако Нино (Спировски) ме покани да го гледам неговиот нов проект „Светлост“ токму вечерва во МКЦ, како предгрупа на шведската атракција „Фајр“, јас „откачив“ на проектот кој тој заедно со компањоните Букршлиев и Омерагиќ го снимиле неодамна, и благодарение на „ПМГ рекордингс“ го донесоа на светлината на денот и ни го подарија нам, на слушателите, како доказ дека градов и понатаму раѓа квалитетни музичари кои допрва ќе ни носат музички радости. Задоволството беше заокружено токму со најавениот концерт во четвртокот во Џепното кино во МКЦ, како презентација во живо на сработеното пред околу педесетина луѓе, низ еден интимен перформанс, кој треба да стане практика и на други бендови од ваков калибар.