Кон „Стапица“ на Срдан Голубовиќ
Одамна на големото платно се нема појавено толку вознемирувачки филм како „Стапица“, можеби уште од времето на рускиот лауреат во Венеција во 2003 година, „Враќање“ на Андреј Звјагинцев. Семејната драма и специфичните меѓучовечки односи, доколку се работи за добро напишано сценарио, отсекогаш претставувале полн погодок, токму како што тоа е случај со ракописот на брачниот пар Срѓан и Мелина Кољевиќ, кои успешно го адаптирале истоимениот роман на Ненад Теофиловиќ. Балканската транзиција како меѓупростор во кој паралелно левитираат новите капиталисти и скромните граѓани е одлична почва за филмска лавиринт-приказна од која нема излез, нешто што во ниту еден момент нема никого да остави рамнодушен.