Денеска од печат излезе книгата „Тито: вечниот партизан“ во издание на ИЛИ-ИЛИ. Со дистанца од 40 години, германската историчарка Мари-Жанин Чалиќ напиша интересна биографија за овој необичен владател. На околу 400 страници таа пишува за комплексниот, но и многу флексибилен политички лик, типичен производ на ерата на крајностите, што Тито лично ја доживеал и во чиешто обликување учествувал.
Кога Јосип Броз Тито, доживотниот претседател на Југославија, на 4 мај 1980 година почина во Универзитетската клиника во Љубљана во 88-та година од животот, целата земја застана. Луѓето бea потресени, исплашени, тажни. Почина таткото на социјалистичка, повеќенационална Југославија. Со него заврши цела една ера.
Пред својата смрт Тито важеше за меѓународно признат државник. Денес многумина го сметаат за брутален диктатор. Но, што бил тој навистина? Мари-Жанин Чалиќ ја открива историската личност зад легендите и ја раскажува приказната за еден авантуристички живот што го отсликува подемот и падот на Југославија.
Книгата претставува сеопфатен приказ на животот на Јосип Броз Тито, една од најзначајните личности на 20-от век. Авторката се занимава со животниот пат на Тито, од неговото скромно детство во Кумровец, преку улогата на водач на југословенските партизани за време на Втората светска војна, па сè до воспоставувањето и долгогодишното владеење во социјалистичка Југославија.
Чалиќ го анализира Тито како политичка и симболична фигура, нагласувајќи ја неговата способност да балансира помеѓу Истокот и Западот за време на Студената војна, што му донесе голем углед на меѓународната сцена. Книгата, исто така, ги истражува контроверзиите поврзани со неговиот авторитарен начин на владеење, политичките пресметки со ривалите и неговите напори за зачувување на сложената и разновидна југословенска федерација. Авторката му пристапува на Тито со историска дистанца и настојува да избегне идеализација или демонизација. Преку комбинација на архивски извори и современи истражувања, Чалиќ дава избалансиран портрет на човекот кој ја обележа историјата на Балканот и пошироко. Книгата е значаен придонес за разбирање на југословенската историја, како и на поширокиот контекст на 20-от век.
Мари-Жанин Чалиќ е професорка по историја на Источна и Југоисточна Европа на Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. Работела како политички советник на специјалниот координатор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа во Брисел, како и во седиштето на УНПРОФОР во Загреб и во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг.
Авторката редовно пишува и говори во медиумите на теми поврзани со историјата и политиката на балканските земји. Нејзините публикации ги вклучуваат, меѓу другото, и монографиите „Југоисточна Европа. Светската историја на еден регион“ и „Историја на Југославија во 20 век“.
Еве што велат критичарите за книгата на Чалиќ:
„Мари-Жанин Чалиќ раскажува со големо знаење и со стил кој Ве повикува да продолжите да читате, страница по страница“. Михаел Мартенс, Франкфуртер Алгемајне Цајтунг
„Историјата раскажана на достапен и живописен начин е белег на историчарката, која веќе има напишано две стандардни дела за подобро разбирање на мултиетничкиот лавиринт: „Историјата на Југославија во 20 век“ (2010) и „Југоисточна Европа. Светската историја на еден регион“ (2016)“. Томас Розер, Тагеблат
„Авторката успеала да создаде добра и, пред сè, многу читлива биографија. Таа не само што самоуверено продира, го совладува, уредува и презентира обемниот материјал, туку читателска публика има можност да дознае за нови важни аспекти од современата историја“. Клаус Бухенау, Годишници за историјата на Источна Европа
Можеби е време една книга за Тито повторно да ги краси вашите креденци и шифоњери во дневните соби, но овој пат не како декор, бидејќи ова издание претставува објективен поглед врз една од најинтересните историски фигури во 20 век, книга која ќе ја читате – и препрочитувате!