Малкумина знаат дека САД и Русија копнено се разделени само неколку километри. Имено, Диомедовите острови кои се наоѓаат во Беринговиот теснец меѓу себе се раздалечени само 4 километри, што ја означува и најблиската копнена раздалечина меѓу овие две држави. Островите ги заплиснуваат водите на Чукотското море од север, и на Беринговото море од југ, и му беа голема инспирација на италијанскиот писател Умберто Еко да го напише својот трет роман.
Малиот Диомед, познат и како островот Крусенстерн, и’ припаѓа на Аљаска, и на него живее заедница на ескими наречени „Игналук“. Околу 170 од нив живеат во единственото населено место на островот, во кое имаат училиште и продавница. Пошта добиваат со хеликоптер, кога времето го дозволува тоа. Локалците се познати како одлични резбари на предмети од слонова коска. Чудно, нели!? 🙂
Големиот Диомед, или Ратмановиот остров, пак, му припаѓа на Сибир. Луѓето кои живееле таму за време на Советскиот сојуз биле преселени низ други градови во внатрешноста. Денес постои само една мала воена база со руски војници.
Најинтересниот момент со Диомедовите острови е тоа што, освен што меѓу нив се наоѓа границата меѓу двете супер-сили, токму тука поминува и меѓународната временска линија, која прави Големиот Диомед да е „оддалечен“ 21 час од Малиот Диомед. Затоа островите се познати и како Утрешниот остров (Големиот Диомед) и Вчерашниот остров (Малиот Диомед). Што значи, доколку најмалата раздалечина меѓу нив (4км) ја поминете со чамец за 10 минути, да речеме, тогаш за кратко време или ќе се катапултирате во иднината, или повторно ќе нурнете во минатото. Возбудливо, нели 😉
Островите се крстени по старогрчкиот бог Диомед, кралот на Аргос, кој се прославил како голем лидер во познатата Тројанска војна. Приказната за бестрашниот војсководец доминира во петтата книга од „Илијада“, каде Хомер ги велича неговите воени способности. Врската со литературата преку името, пак, ја продолжуваме во друга насока.
Имено, Диомедовите острови во книжевноста ги прослави италијанскиот писател Умберто Еко во својот роман „Островот од претходниот ден“ од 1994 година, кој на македонски го објави „Детска радост“ во превод на Марија Грација Атанасоска. Тој на мајсторски начин ја плете приказната за италијанскиот благородник од 17 век, Роберто од Грива, кој во служба на Франција е во потрага по тајната на географската должина. Во тоа време се кршеле копјата меѓу научниците од различни држави како да се уреди токму таа работа, за морепловците да можат подобро да се снаоѓаат, зашто се случувало некои острови за прв пат да бидат откриени од еден морепловец, кој потоа не можел повторно да ги пронајде, па заслугата за нивно откривање да му припадне на друг истражувач од друга држава.
Херојот во романот на Еко, по бродоломот со „Амарилис“, го пронаоѓа напуштениот холандски брод „Фауна“ и, меѓу другото, ја раскажува приказната како му се случила претходно опишаната илуминација – да биде во различен ден на двата блиски острова, кои се раздалечени дури 21 час. Прекрасна тема за книжевна обработка, која италијанскиот писател во својот трет роман (по „Името на розата“ и „Фукоовото нишало“) прекрасно ја обработува, со што го потврдува своето врвно место во европската и светската литература.