Откако навлезе во осмата декада од својот живот, еден од најпознатите жители на Големото јаболко, Вуди Ален, откри дека освен границите на Њујорк, на планетата Земја постојат и други градови и држави вредни за почит и уживање. Луцидниот интелектуалец кој го мрази Холивуд исто толку колку што овој не го поднесува него (да, да, љубовта е взаемна!), конечно призна дека во Европа отсекогаш имал многу повеќе почитувачи на неговата уметност отколку во матичната земја. Затоа последните неколку негови проекти ги сними токму на Стариот континент.
По возбудливиот „Mеч поен“ (2005) во кој си игра со Достоевски, просечниот „Scoop“ (2006) и комплексниот „Сонот на Касандра“ (2007), снимени во Британија и Франција, Ален се пресели на југот, во жешката Шпанија, без намера да се докажува пред неприкосновениот Алмодовар на негов терен, но мудро крадејќи ја неговата „муза“ Пенелопи Круз, за комплетирање на ѕведениот кастинг во кој фигурираат и Скарлет Јохансон и Хавиер Бардем. „Вики Кристина Барселона“ е мудро избраниот наслов кој веднаш влегува во фокус поради имињата на двете главни протагонистки и градот во кој се случува жешкото дејствие во филмот.
Женските ликови отсекогаш биле посебна инспирација за филмскиот мајстор од Менхетн, кој сето искуство го црпи од привтниот живот, зачинет со неколку неуспешни бракови. По редицата препознатливи „жени на работ од нервниот слом“ во неговите остварувања во изминатите четири декади, се чини дека Ален конечно успеа да направи неодолив спој на три силни женски карактери, кои одлично функционираат во текот на целиот филм. Како контрапункт на традиционалната и приземна Вики (Ребека Хол), режисерот ни ја „подарува“ несигурната и уметнички настроена Кристина (Јохансон), која без предрасуди ќе прифати одредено време да живее со психотичната Марија Елена (Круз), поранешната жена на нејзиното момче, уметникот Хуан Антонио (Бардем). Преполн со сензуални сцени и интелигентни реплики, филмот на Вуди Ален ве заведува уште од првиот момент и не ве пушта до крај. Со тоа, токму преку овие три женски ликови, чија комплексност е сеопфатна, режисерот на своите фанови конечно им ја подари и „другата во себе“.
Искрено се надевам дека Европа и понатаму ќе го инспирира 74-годишникот да снима уште поквалитетни филмови, бидејќи човекот очигледно не знае да прави ништо друго освен прекрaсни драми во кои многумина се препознаваат. Тој и самиот изјави: „Станувам премногу нервозен кога не правам ништо и во тие моменти постои сериозна можност мојата вродена шизофренија да излезе на површина. Затоа, веројатно до последниот момент од мојот живот ќе продолжам да снимам филмови“. И, нека биде така, бидејќи сакаме уште, и уште, и уште!
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 14 април 2009 година.