Главна филмска „ѕверка“ на четвртото издание на „КинеНова“ е рускиот документарист Витали Мански. Тој пристигна во Скопје на 04 октомври, и веднаш од аеродром се појави на закажаната конференција за новинарите во очи на отворањето на фестивалот. Мански беше расположен за разговор, несебично впуштајќи се во објаснувања поврзани со неговиот филм „Путиновите сведоци“, кој минатата година победи во Карлови вари, и кој беше прикажан на „КинеНова“ како специјална проекција со присуство на авторот.
„Кога снимав, чувствував дека тоа е моја професионална должност. Кога ги разгледав снимките 12-13 години по снимањето, чувствував разочарување“ – изјави Мански по повод причините зошто решил да го направи неговиот документарен филм, додавајќи дека неговото сведоштво е многу важно не само за Русија, туку и за другите земји кои се борат да не ја загубат својата слобода.
Витали Мански е роден во 1963 година, во Лвов, Украина/СССР. Дипломирал на престижниот Државен институт за кинематографија во 1989 година (VGIK) и набргу потоа станува еден од најценетите руски документаристи и продуценти. Снимил повеќе од 30 филмови како режисер и истите се прикажани на многу светски фестивали. Како продуцент се потпишува зад филмовите на режисерите Рената Литвинова, Дмитри Желковски, Сергеј Лозница… Во 1996 година го стартува проектот на архивирање на приватни аматерски видеа за животот во СССР од 30-те до 90-те години на минатиот век. Мански е продуцент на националната награда „Lavrovayavetv“ која секоја година се доделува на најдобрите руски документарни филмови.
„Мојот филм „Путиновите сведоци“ беше специјален филм за затворање на фестивалот „АртДок“, чиј претседател сум јас, но откако од руските цензори доби забрана за јавно прикажување, ние го прикачивме на интернетската платформа на фестивалот, со можност да биде погледнат, и тоа се случи од страна на 3000 гледачи. Потоа руските хакери го „украдоа“ и го ставија слободно да може да се погледне на Интернет, и истиот беше погледнат од 7 милиони гледачи. Во моментов правно е можно филмот да се гледа на artdoc.media, бидејќи во Русија и понатаму прикажувањето е забрането, и „Путиновите сведоци“ никогаш не доживеа кино премиера во матичната земја“ – одговори Мански на прашањето околу постоењето на цензурата и забраните за кино-прикажување во Русија, практика која ја паметиме од некои минати времиња, но очигледно, истата се’ уште е во сила.
На прашањето дали имал можност да го погледне наградуваниот македонски документарен филм „Медена земја“, одговори дека тоа го сторил на фестивалот во Хонг Конг кога бил дел од жирито, но дека не гласал за него, бидејќи сметал дека е добар визуелено, но дека тој лично, како автор, бара многу повеќе документаристика во изразот и дека има сосема различен сензибилитет и поимање за овој жанр, за разлика од македонскиот филм, за кој рече дека изобилува со многу колоритност.
Инаку, како увертира во „играњето“ со темата „Путин“, рускиот докуменатрист го привлече вниманието кон себе со филмот „Под сонцето“ (2015) сниман во Северна Кореја. Мански и екипата, по долгогодишниот процес на барање на дозвола за снимање, добиваат официјална покана од тамошниот лидер да снимат документарен филм за едно семејство со прецизно сценарио и упатства. Прифаќајќи ја поканата, тие го снимаат нарачаниот филм, но камерата не секогаш ја исклучувале кога режисерот ќе кажел „Стоп!“.
Како програмски директор на „КинеНова“, имав особена чест да го водам разговорот со г-нот Мански по специјалната проекција на неговиот филм на 07 октомври во 20 часот пред преполната кино сала на Кинотеката. Филмаџијата повторно беше расположен за одговарање на поставените прашања, а разговорот течеше на следниот начин:
- На почетокот од политичката кариера, на Путин му требал публицитет и веројатно било лесно да се дојде до него, но како успеавте да бидете толку блиску до Елцин, кој, иако во оставка, сепак е се’ уште најмоќен човек во Русија во тој момент?
- Јас им бев потребен ним, а веројатно и тие на мене, па најдовме некој заеднички јазик. Требаше народот да го засака Путин, а документарниот филм е поефикасен метод за презентација на новиот владетел за разлика од официјалните медијски презентации како вестите или дебатните емисии на телевизиските канали. Ние бевме дел од операцијата „Наследник“ во која требаше да се случи трансфер, односно, замена за Борис Елцин, кој поднесе оставка. Изборот падна на Путин од страна на демократското крило во партијата на Елцин, меѓу либералите и демократите, кои тој на крај сепак ги симна од политичката сцена, или подобро, ги уништи.
- Се навративте на снимките по многу години, гледајќи на нив од сосема поинаков контекст. Како дојде до одлуката да ги извадите од архивата и да направите документарен филм од нив?
- Јас мислев дека Путин е тука само да ја одигра улогата и по одредено време да замине од функцијата, но кога во 2012 година ја одиграа онаа игра со Медведев на замена на функциите и кога тој стана и претседател, јас многу се разочарав и веднаш сфатив дека работата се движи кон кошмар.
- Веројатно денес е многу тешко, и речиси невозможно да се снима Путин толку одблиску. Колку е сменет Путин од оној кој го снимавте пред 19 години до овој денес, чија слика ја креираат медиумите задолжени за тоа?
- Пред се’ тогаш живеевме во друга земја, многу подемкоратска од оваа денес, бидејќи тогаш се одлучуваше кој може и кој треба да го снима процесот на сенародните избори, и кандидатот како Путин. Нормално дека секоја власт и моќ која со неа ја добива човекот, таа го менува како индивидуа. На тој процес не се имуни ниту руските политичари. Интересна е оваа коинциденција која се случува денес (07 октомври, м.з.). Токму денес, на проекцијата на мојот филм овде во Скопје, на „КинеНова“, му е роденден на Путин, кој го прослави со министерот за одбрана таму некаде високо, во планините. Гледајќи ги денес фотографиите во руските медиуми од начинот на кој тој го прославува роденденот, сето тоа ми заличи на прославите на севернокорејските лидери.
- Ајде малку да позборуваме за формата, за условите додека го снимавте документарецот. Колку луѓе бевте на терен, колку ви беше дозволено да се опуштите при креирањетро на сликата за човекот кој беше ваш субјект на опсервација?
- Ова е филм во кој ги комбинирам снимките од снимањата со Елцин, Горбачов, со своето семејство… Се работи за архивски снимки од различни снимателски сесии снимани од различни луѓе, кои сепак беа/бевме дел од истата екипа. Јас со Горбачов бев поблизок и со него снимав почесто во текот на една година. Со Елцин пак не бев толку близок, и поради неговата здравствена состојба, моравме секогаш однапред да се договараме кога, како и што ќе снимаме. Со Путин соработував и го снимав околу една ипол година, и прилично се зближивме и развивме добар однос.
На крајот од разговорот ја вклучив и публиката со прашања, а присутните го искористија моментот и најголемиот дел од нив беа со политичка содржина. Еве сублимат од одговорите на Мански на нив:
- Многумина го сметаат Путин за голем патриот, дека ја зајакнал земјата, но јас не се сложувам со тоа. Тој ја врати Русија назад, кон империјализмот, кон царска Русија. Една модерна земја треба да се стреми да оди напред, а тој сопствената земја ја врати назад, кокетирајќи со војната. Во меѓувреме Русија беше исклучена од групацијата на осумте најмоќни земји во светот, што е сериозно назадување. Земјите пак кои го признаа Крим, како Севррна Кореја, Куба, Зимбабве… не можат да се пофалат со некаков демократски капацитет. Во однос на платите во Русија во државниот сектор, пак, тие се во постојан пад, особено по случувањата со Крим. Но, доколку Путин замине од функцијата по легален пат, сепак би бил запаметен како добар владетел.
Витали Мански е годинашен претседател на фестивалското жири и заедно со колешките Јесим Устаоглу од Турција и Ана Хофман од Германија ќе ги прогласат најдобите на фестивалот. Кои наслови ќе станат лауреати, ќе дознаеме вечерва во 20 часот во Кинотека.