Уф, како звучи насловот на текстот, небаре е Жил Верн во прашање 🙂 Токму името на славниот француски писател е она кое често се среќава во прекрасниот Пазин, сместен во срцето на Истра. Веќе со години наназад, овој административен центар на велелепниот полуостров на северот од синиот Јадран организира книжевна резиденција, на која сум гостин овој месец. Досега уште неколку македонски писатели биле дел од „Куќата за писатели“, или оригинално, „Hiža od besid“, сместена веднаш до средновековниот „каштел“, под чии ѕидини зјае легендарната „пазинска јама“, која ја овековечи споменатиот основоположник на научната фантастика, Жил Верн, во својот роман „Матијас Сандорф“ издаден во далечната 1885 година. Сите овие информации нафрлани во првиот пасус од овој текст бараат опуштена и систематична обработка, додека надвор капе ситен пролетен дождец. Затоа, одиме кроце и по ред.
„Hiža od besid“ е пазинска, но и генерално, истарска културна институција. Сместена е на „Бурај“, во стариот дел од градот, кој претставува заштитен споменик на културата. Се наоѓа веднаш до средновековната тврдина, прочуениот „каштел“, над бездната на пазинската јама. Куќата во сопственост на градот Пазин е обновена и довршена во 2009 година, и оттогаш почнуваат книжевните резиденции на хрватските, а подоцна и на интернационалните гости.
Македонски писатели кои во изминатите години престојувале во оваа инспиративна куќа биле Игор Исаковски, Ермис Лафазановски, Румена Бужаровска, Hикола Mаdzиров и Иван Шопов. Резиденцијата ги угостува авторите кои воопштено се занимаваат со книжевно творештво: прозаисти, поети, драмски писатели, преведувачи, теоретичари, историчари на книжевноста, издавачи и книжевни научници. Погледот од неа е фантастичен, а сето тоа се наоѓа на улицата која го носи името „Жил Верн“, во случајов, број 8.
Од серијалот „Чудесни патувања“, кој содржи дури 64 книги, како 27 по ред фигурира авантурситичкиот роман „Матијас Сандорф“, издаден во 1885 година. Францускиот визионер на новите светови со издавачката куќа имал договор да издава по две книги годишно, па оттаму и оваа негова хипер-продукција која претставува светско културно наследство.
Во првото поглавје на романот од 1885 година, Верн дејствието го сместува токму во пазинската тврдина, каде е затворен унгарскиот гроф Матијас Сандорф, кој подготвува востание за одвојување на неговата земја од Австрија. Почнувајќи од Трст, преку Пазин, потоа дејствието продолжува низ цела Истра, за да се спушти долу во Далмација, па во Бока Которска, итн. Романот го позајмив од градската библиотека во Пазин и навистина претставува возбудливо патување во едни времиња прилично далечни од денешна перспектива.
Романот на хрватски јазик е преведен дури во 1972 година, и оттогаш почнува приказната на поврзување на малиот град во срцето на Истра со името на славниот француски литерат. Освен улицата, постојат и друштва кои гордо го носат неговото име, а во јули се одржува и годишниот „Истракон“ (пандан на славниот „КомикКон“) сместен целно во градот кој Жил Верн совршено го опишува во неговиот роман.
А она што е најинтересно е дека, иако со своите три брода често патувал низ Медитеранот, нема пишан податок дека Верн некогаш го посетил Пазин. Истражувачите сметаат дека описите ги добил или од неговите пријатели морепловци, или од тогашниот пазински градоначалник, кој наводно добил писмо со молба од францускиот литерат да му го опише градот, околината, „каштелот“ и особено пазинската јама под него, за да може што поверодостојно сето тоа да го опише во неговиот нов роман.
Пазин е административно седиште на истарската општина („жупанија“) уште од 19 век, највеќе поради својата централна положба на полуостровот, но и спроед значењето. Затоа и често го нарекуваат „срцето на Истра“.
Прв пат е споменат во 983 година како „Castrum Pisinum“. Токму деновиве, поточно, на 2 јуни, градот го славеше 1039 роденден од постоењето со редица случувања од културата. Меѓу нив, имав можност да изгледам концерти, запознавајќи се со сцената на пазинските рокери и панкери, а во Спомен домот на културата театарот „Exit“ ја одигра претставата „Реалисти“.
Архитектурата во Пазин е разновидна, од старите камени куќи со типичните медитерански кепенци на прозорците во стариот дел, до модерните зданија во новиот дел од градот. На многу од куќите фигурираат спомен табли на кои стојат информациите поврзани со значајните личности кои во минатото престојувале во тој објект. Центарот на градот, пак, го краси „Шеталиштето на пазинската гимназија“ облагородено со уреден парк, пријатен за престој во жешките летни месеци.
Најатрактивен за посета на туристите, секако, е „каштелот“ кој се наоѓа на еден од излезите на градот. Тој е најдобро зачувана средновековна тврдина на Истра. Во пишаните документи се споменува од 983 година. Оттогаш пазинскиот „каштел“ заедно со населбата која се ширeла околу него многу пати бил освојуван, подаруван и ограбуван, рушен, преградуван и даван под закуп. Менувал сопственици и управители, но и своето име.
Денес во него се сместени изложбите на Етнографскиот музеј на Истра, како и четирите постојани поставки на Музејот на град Пазин. Деновиве имав можност да ги посетам, и поради нивната атрактивност, заслужуваат засебен текст и претставување.
Моето моментно престојувалиште, „Куќата за писатели“, е на педесет метри од него, и од балконот имам прекрасен поглед. Под куќата зјае славната „пазинска јама“ низ која со својот пријател избегал Матијас Сандорф од истоимениот роман на Жил Верн, а долу тече реката „Пазинчица“, која во овој летен период и не може да се пофали со многу вода. Таа е „река-понорница“ и нејзиниот тек е непредвидлив и делумно се’ уште неоткриен. Но, пред да се слее во пазинската јама, таа на стотина метри од тврдината, на едно место оформува атрактивни водопади, на кои мештаните неретко и се капат. За жал, таканаречениот „кров“ во моментов е пресушен, во што можев да се уверам при прошетката низ околната природа, но денешниот дожд најавува дека реката деновиве ќе надојде и дека најверојатно ќе можам во живо да ја видам таа речна атракција. Во случајов, приложувам фотка од мрежата како изгледа кога реката е во полна сила.
Пазинчани значењето на јамата максимално го искористиле за туристички цели. Покрај неколкуте патеки за пешачење крај градот, тие создале и уредна планинарска патека која од мостот „Вршиќ“ крај Пазин се спушта директно долу, во утробата на бездната. Таа е максимално пријатна за шетање, и содржи информативни табли на кои посетителите се информираат за историјата на јамата, нејзините истражувачи во минатото, како и за флората и фауната со која е облагородена.
Друга комерцијална атракција е Зип-линијата која се простира над јамата. Авантурата тргнува од провалијата под хотелот „Ловец“ и се состои од две линии, со максимална висина од 100 метри над „Пазинчица“.
Првата линија е долга 220 метри и постигнува брзина од 40км/ч, и завршува под мојот балкон крај „Куќата за писатели“, така што секојдневно имам можност да слушам крици од авантуристичкиот потфат на посетители од целиот свет. Втората линија е малку подолга, 280 метри, а и побрза со 50км/ч. Таа завршува на видиковецот кој, погодувате, го носи името „Жил Верн“. Секако, планирам при крајот од престојот и јас да зипнам, би било грев да не го доживеам левитирањето над јамата која овој месец претставува моја инспирација за пишување на новиот роман 🙂
И на крајот, ултимативното доживување според кое и го насловив овој текст – влегувањето во утробата на карстната јама. Кај споменатиот мост „Вршиќ“ започнува патеката по која се спуштате долу до реката, а потоа до крајот на нејзиниот тек, токму најдолу, под моето престојувалиште, се наоѓа познатата пазинска пештера. Со двајца професионални водичи-спелеолози, брачниот пар Сања и Мартин (Чех од Прага кој 20 години живее во Пазин), со уште четворица авантуристи се спуштивме во ова подземје и доживеваме навистина убави моменти.
Пазинската јама е природен спелеолошки објект настанат во контакт со непропустливите слоеви од флиш и пропустливите вапнички карпи. Со кациги со светло над челото и професионалните водичи-спелеолози лесно се спуштивме во кањонот на реката „Пазинчица“, а потоа и во подземјето во должина од околу 200 метри. За да се премине овој простор, се возите на две кратки зип-линии, што посетата ја прави уште повозбудлива и уникатна.
Турата завршува во големата сала, која ја краси малото подземно езеро. Тука го забележавме и чамецот со кој спелеолозите секоја година ја чистат водата од насобраната пластика која реката ја носи по својот тек, се цел водата непречено да премине низ дупката која потоа ја претвора во „невидлива река“, која на крајот излегува дури на изворите на Раша. Сето ова го открил научникот Масимо Села во 1934 година, кој испитувајќи ја пештерата и текот на реката, по неа пуштил јагули, а потоа и специјална боја, кои се појавиле токму во сливот на реката Раша.
Интересно, инспириран од романот во кој Жил Верн опишува како главниот лик и неговиот пријател бегаат од затворот во „каштелот“, скокајќи во јамата, и со помош на еден дрвен трупец влегуваат во пештерата, и потоа низ разните лавиринти, излегуваат дури дваесетина километри југозападно, во Лимскиот канал, научникот Едуард Алфред Мартел, таткото на модерната спелеологија, дошол да ја истражи пазинската јама и пештерата, и потврдил дека „Пазинчица“ се слева во Лимскиот канал, како и во романот на Верн. Долги години потоа и самите мештани верувале и ја кажувале таа приказна, но, четири декади потоа Сера научно потрдил нешто сосема друго. Како и да е, посетата на пештерата, благодарение на Сања и Мартин, беше незаборавно доживување на константни 15 степени целзиусови.
И за крај од овој текст, поради вложениот труд, мислам дека заслужив да се засладам со малку блачко, со познатите колачи „Цукеранчиќ“, кои едноставно се топат во устата, и може да се конзумираат или со кафе и чај, или со познатото истарско вино „Малвазија“, или пак со локалниот пијалак „Пашарета“. На здравје 😉