Пред влезот во националниот парк „Маврово“ има една табла десно на која пишува „село Дуф“. Немој да се зезнете и да се упатите надолу, таму не се наоѓа еден од најубавите водопади во Македонија (секако, ние ја знаевме приказната ). Продолжете да возите кон Дебар, и додека уживате крај убавините на дивата Радика, го поминувате велелепниот Свети Јован Бигорски, и доаѓате на крстопатот каде треба да свртите нагоре, кон рустикалното Ростуше. Таму, на влезот од селото, си има уредно наместени табли кои ја означуваат патеката кон водопадот Дуф, кој всушност се наоѓа на Ростушка река.
Интересно, во првиот дел патеката е дива, барем ние ја одбравме неа, и одреден дел се искачува по брзакот нагоре, што е фино и авантуристички. Потоа се доаѓа до патеката која води низ прекрасен предел, каде на моменти може да се одморите на поставените клупи, и дури потоа да ве плесне убавината на Дуф. Највоодушеввачки момент е природно заглавената карпа во горниот дел, низ која надолу се струполува грч студената вода. Температурата и во август е студеникава, па поподготвените меѓу посетителите си беа дојдени со шушкавци и со дуксеви. На заминување се простуваме од Ростуше и се заблагодаруваме на екипата од Здравствениот дом „Д-р Русе Бошковски“ што ни дозволија таму да го оставиме автомобилот.
На враќање следи посетата на селото Вруток, и уште на почетокот, изненадувачки прекрасната соц-реалистичка капија на влезот од „Елем“. Секако, крајна дестинација се изворите на Вардар, по чија линија функционира одличен ресторан, каде ручекот е неизбежен. Во отворените „аквариуми“ до нас пливаат стотици калифорниски пастрмки, и на крајот неминовно е пар од нив да бидат дел и од нашиот оброк.
Лижење прсти за крај на еден прекрасен ден во природа!!!