Водопадите крај Камењане

Нашата земја изобилува со водопади, небаре Нијагара е зад следниот агол. Смоларски, Колешински, Беловишки, Шарпланински, Дуф… еден грст водопади. Се надевам дека сте посетиле барем некои од нив. Карактеристика за сите е тоа што вообичаено пешачите по најчесто солидно трасираната патека, по одредено време стигнувате до целта… и потоа по истиот пат назад. Водопадите крај селото Камењане се нешто посебно. Таму го имате задоволството да уживате во природните убавини помножено со осум. Да, во еден ден, во една тура посетувате дури осум различни водопади, и сето тоа за краток период, така што имате доволно време да се опуштите и крај секој водопад троа да здивнете, воопшто не брзајќи. Се работи за чудо на природата за кое малкумина знаат, и во кое поради некомерцијалниот момент нема непотребна врева и гужва, па така ви останува само да го впиете сето она што во моментот ве опкружува, а тоа е природата која се заборавила од давање.

Ги искористивме споените слободни денови за време на националниот државен празник и се упативме кон Тетово, откако во претходниот период неколку пријатели ни препорачаа да ги посетиме водопадите крај Камењане. Откако го одминавме градот под Шара и продолживме по автопатот кон Гостивар, по само 7-8 километри крај патот фигурира еден мал знак на кој пишува „Водопади“. Се исклучувате вртејќи кон десно, и веќе сте на локалниот пат кој ве води кон околните села. Таму може да ве изненадат многу нешта, особено едно зелено Фиќо на вториот кат, кое очигледно сериозно ја сфатило дадената улога – ревносен чувар на имањето на газдата.

Препораката е пред да се нурнеме во обиколка на осумте водопади, да седнеме на пита во бурекџилницата „Sac“. Надалеку прочуениот бурек под вршник навистина ги задоволи сите наши утрински потреби, откако намерно го скокнавме појадокот пред да тргнеме, стартувајќи само со овошје. Специјалитетот беше прсти да излижеш, ме потсети на вкусот на безгрижното детство на село.

Љубезните домаќини ни покажуваат дека десетина метри подолу е знакот кој го покажува правецот кон водопадите на излезот од селото. Тргнуваме, и за неколку минути, минувајќи низ селските маала, како кога минуваме низ Глумово кон Матка, речиси сме на прагот од целта. Со крајно вртење полн лево се симнуваме по земјен пат, и по сто-двесте метри стигнуваме до широчинка на која паркираме, а горе ни се смешка автентичната воденица која, види чудо, баботи и работи!

Господин Љутви и неговата сопруга секојдневно се тука, и на патниците-намерници им раскажуваат детали од својот животен пат, за лековитата вода на Камењанска река за која доаѓаат луѓе дури од Канада, и се разбира, она што нас најмногу не’ интересираше, за воденицата која се’ уште е во функција.

Влегуваме внатре и опчинети сме од звукот на тркалото кое врти, носено од брзата река која тече под воденицата. Во моментот се одвива процес на мелење на житните култури и создавање на чисто природно брашно, без грам адитиви.

Се разбира, на крајот купивме 2кг брашно од мајстор Љутви, 120 денари за ова мало, но слатко задоволство (бујрум на мекици!), и конечно заминуваме кон водопадите, кои со нетрпение очекувавме да ги откриеме.

По малку стрмниот пат кој сепак не е тежок за искачување пеш (може да се оди со автомобил до самиот влез, но од почит кон природата не го правиме тоа), по дваесетина минути стигнуваме до официјалниот влез на кој висечките знамиња се во полураспадната состојба. Го минуваме првиот од многуте дрвени мостови до крајот на рутата, и веќе сме во шумата, следејќи ја патеката која минува крај брзата камењанска река ту од левата, ту од десната страна.

Најдолг е патот до првиот водопад. Нема задоволство без малку исчекување, нели. Но не се плашете, не се работи за долго патување, туку за 10-15 минути од влезот во паркот. Попатно воопшто не е здодевно, затоа што од сите страни гледате мали водопади кои го збогатуваат околниот пејзаж, сето тоа културно надградено со дрвени скалила кои ве качуваат на следното ниво. Како во бајка.

И конечно, првиот водопад. Не е којзнае што, тој е најнизок од останатите седум побратими, но доволно провокативен да не’ поздрави и да ни посака среќен пат понатаму.

За кратко време, ете го пред нас и вториот водопад, за нијанса повисок од претходниот.

Патеката продолжува по делумно пропаднати скалила, сепак сосема проодни. И генерално, на целиот комплекс му треба мало освежување и поправки, за да функционира со сиот свој сјај. Но на вакво совршенство не треба да му се гледаат ситните недостатоци, зашто околу вас се крие сета магија на природата. Се стишувате, и уживате во она што таа несебично ви го нуди.

И конечно, ете го, зад аголот, се смешка и третиот водопад. Овој е најубав досега, и функционира како крстопат кон вториот дел, второто ниво од прошетката.

Првите три водопади се нижат еден по друг и до нив се стигнува релативно бргу. Патот до четвртиот е со мал искачувачки предизвик, и за оние што не се сигурни, лесно може да се случи да се откажат и да седнат да здивнат во околните сенки. Препораката е да не се направи тоа, туку во еден здив да се освојат сите осум убавини, и потоа, на крајот, да се седне и триумфално да се одмори под длабоките букови сенки. Но, кој како милува, нели 😉

По искачувањето на скалилата во стилот на доктор Индијана Џонс, следи пријатно изненадување – поглед кон прекрасната полошка котлина. Времето е прекрасно, малку заросува за да не’ освежи, но сепак сонцето доминира на синото небо полно со големи, бели облаци. Милина!

Следи уште едно изненадување. На највисоката точка фигурира една убава издолжена карпа која надвиснува над третиот водопад кој го оставивме долу. Креаторите на патеката знаеле дека ова е убаво место за починка, ем видиковец кон третиот водопад, ем поглед кон Полог, и тука направиле соодветни масичка и столчиња од дрво, за мала починка.

Патеката продолжува прудолу, а потоа угоре, како на возбудлив ролеркоустер. Разликата од десетина-петнаесет минути меѓу третиот и четвртиот водопад сепак не е воопшто напорна, туку нуди вистинско задоволство.

Петтиот убавец следи многу бргу. Таблата за него, за жал, е уништена од влагата. Но пред него, наидуваме на една возбудлива конструкција која како да е создадена за фотографирање. Се разбира, поради лизгавоста, не се качивме на дрвените скалила угоре, доволно ни беше што воопште сме тука и што уживаме во оваа прошетка.

Повторно угоре, повторно нивоа, повторно „Хари Потер“ опкружување, како што го наслови подмладокот на оваа волшебна тура, и лека-полека пристигнуваме и до шестиот водопад. Според таблата, тој е најмалиот брат, така што искрено му се извинувам на првиот водопад што толку лесно го навредив поради неговата наводна „низина“ 🙂

Речиси сите што го посетиле местово велат дека седмиот водопад е најубав. Тргнуваме без размислување кон него, веќе од далечина слушајќи ја неговата моќ. И навистина, „седмицата“ е супер моќен, и затоа ја доби насловната фотографија на оваа репортажа. Бонус е тоа што на платформата пред него можете да здивнете и да уживате во неговата конкретна и заводлива убавина.

Време е да го „освоиме“ и последниот, осми водопад, небаре сме го искачиле Монт Еверест. Но фино е кога ќе ја оствариш зацртната цел, и тоа за неполни два часа. За неполни два часа толку насобрана убавина на едно место. Неверојатно!

Лево од осмиот водопад, како крајна дестинација од патувањето, на една од карпите истакната е табла на која фигурираат имињата на Руши Исмани и Махир Реџепи. Иако текстот е испишан само на албански јазик, сепак сфативме дека тоа се иницијаторите за изградбата на оваа патека во 2021 година. Благодариме/Faleminderit!

Вниманието ми го зема едно растение во необична боја од страната на осмиот водопад кое слободно си паѓаше отстрана, заплиснато од студените води на Камењанска река, кое се чинеше како одличен субјект за снимање. Како онаа ќесата во филмот „Американска убавина“ што ја снимаше момчето со својата хенди камера. Ништо посебно, но всушност – магично!

Напливот на задоволство целосно не’ обзема, и по убавата одмор-пауза, време е да се вратиме назад. Во оваа точка постојат две опции. Првата е да продолжите угоре по патеката, и да излезете зад ридот, а потоа и на патот за село Јеловјане, па по кратко пешачење да стигнете до село Камењане, и секако, до вашиот превоз. Ние сепак се одлучивме да се вратиме назад по истата патека, зашто чуму ќе ни е цивилизација кога овде имаме се’!? Погледнувам кон небото, нема опасност од дождови, патот под нозе и се спуштаме удолу кон почетната точка, кај мајстор Љутви, кој вети дека ќе внимава на автомобилот.

И ако при истражувањето на осумте водопади, водата беше таа која не’ обзема, како главен, носечки елемент на нашето искачување кон врвот, при враќањето назад ги отворивме сетилата за деталите и почнавме да ги забележуваме останатите богатства што ги нудеше прекрасната околина: мовта врз кората од дрвјата, печурките, желадите, цветовите меѓу гранките и во тревата…

Се поздравуваме со г-динот Љутви, кој дотрча да не’ испрати, си посакуваме се’ најдобро, и заминуваме кон Скопје. За кратко се прашуваме дали да кркнеме уште еден бурек во „Сач“, но сепак тоа би било премногу. Следниот пат – сигурно 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *