Книжарница „Alta Acqua“ во Венеција

Задолжителни места за посета при шетање низ некој европски град се безбројните книжарници расфрлани ваму-таму низ центарот и по квартовите. Секоја од нив си има свој шарм и раскажува своја автентична приказна, но една од највпечатливите дефинитивно е „Alta acqua“ во Венеција, самопрогласената „најубава книжарница во светот“ поради можноста, доколку имате среќа, да ја  посетите токму во моментите кога е поплавена, односно, кога настапува период на… погодувате – acqua alta!

Да се отвори книжарница во град во кој улиците неретко се преплавени со вода се чини како не баш сјајна идеја, но доколку тој град е Венеција, една од најпосетените туристички дестинации во светот, тогаш потегот веројатно и не е толку лош. Сместена на  Calle Lunga Santa Maria Formosa, во пределот Castello, книжарницата „Алта аква“ е вистински фластер за посетителите поради креативните решенија за избегнување на надоаѓачката вода во кризните денови меѓу есента и пролетта, како гондола, тоалетна када, количка…

…но и поради самата понуда на книги, магазини, мапи и други изданија кои се нудат на полиците, а меѓу кои може да се пронајдат примероци стари повеќе од сто-двесте години, на радост на пасионираните колекционери.

Бидејќи музејот на Корто Малтезе беше затворен, за што пишував во текстот на следниот линк https://herojnaedenden.mk/nomad-vo-svetot-na-orvel/#more-983, но и поради тоа што во колекцијата за овој стрип херој на Хуго Прат ми фалеше првата епизода, решив да се почестам со италијанското издание на „Балада за соленото море“, плус неизбежните магнети за фрижидер, кои со ликот на Корто ги имаше во изобилство. Една од епизодите за овој морепловец со посебен weltschmerz се одигрува токму во Венеција, и затоа овој град зазема посебно место во биографијата на легендарниот стрип херој.

 

Засебно место во венециската книжарница е резервирано за еротските книги, и особено за светски познатиот љубовник од 18 век, Џакомо Казанова. Неговата специјалност, водење љубов под маски, ја овековечи Федерико Фелини во истоимениот филм од 1976 година, во кој Казанова маестрално го одигра Доналд Сатерленд.

„Acqua alta“ е термин кој се користи во овој регион кога водата достигнува високо ниво на северот од Јадранското море. Притоа максимумот го достигнува токму во венецискиот залив, каде ги поплавува Венеција, Трст и неколкуте помали гратчиња во околината.

Интересно, книгите кои се оштетени од поплавите и кои навреме не се кренати од подот не се отстранети од книжарницата, туку во задниот дел од дуќанот сочинуваат еден висок скалест ѕид на кој можете да се качите и кој ви отвора прекрасен поглед кон еден од безбројните канали, а тоа задоволство сака да го доживее речиси секој посетител.

Составен дел од ентериерот на книжарницата се неизбежните мачки, кои ги има насекаде околу вас. Тие се питоми и мрзеливи, и важно е да се забележи на која книга решиле да залегнат во моментот, бидејќи тоа може да го детерминира вашиот избор на наслов, доколку не можете да одлучите што да купите.

Отворена во 2004 година од г-нот Луиџи Фрицо, книжарницата „Аlta acqua“ и понатаму плови на границата на (не)возможното, иако однадвор не изгледа којзнае колку атрактивно. Но, уметноста е внатре, во утробата. Доколку патот ве води во Венеција, топла препорака да ја посетите, нема да зажалите 😉

@Venice, 2014

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *