2 април, Меѓународен ден на книгите за деца

По повод роденденот на славниот дански писател Ханс Кристијан Андерсен (1805-1875), од 1967 година на 2 април се прославува Меѓународниот ден на книгите за деца. Оваа година организацијата му припадна на Кипар, од каде стигнува и пораката од писателката Елена Периклеус, спакувана во поема насловена „Засади приказни, и светот ќе процвета“. Авторка на прекрасниот постер, пак, е Сандра Елефтериу.

Засади приказни, и светот ќе процвета“, Елена Периклеус

Еднаш, се роди едно дете, кое копнееше да живее подобро од хероите во бајките – кои живееја среќно засекогаш.

Детето растеше и се менуваше, читаше и стана Дон Кихот, борејќи се со ветерници; Алиса, внесувајќи чуда во животот; Робин Худ, спасувајќи ги шумите; волк, собирајќи глутници што пеат на месечина.

Годините минуваа, но светот остана недопрен од промената за која некогаш сонуваа.
Сепак – детето успеа да состави сосема нов свет во градинарскиот двор, исполнет со сè што му е драго на срцето.

Минаа уште години.
И додека книгите шепотеа мудрост во душата, детето знаеше што треба да се направи.

Кога дојде есента, земјата беше обработена и семето беше засадено.
Пристигна зимата.
Детето трпеливо чекаше белата обвивка да се стопи, негувано од друштвото на книги што пуполеа.

Потоа дојде пролет. Нежни лисја изникнаа од стеблата.
Стеблата се згуснуваа, гранките се растегнуваа, пупките никнуваа.
Душата на детето расцвета, исполнета со бои и мириси.

А летото?
Тоа беше време на чамци, едрилици, балони на топол воздух, велосипеди… време на патување надалеку и нашироко!

Сега детето знаеше – без сомнение: Ова беше начинот да се промени светот, со тоа што ќе стане садничар.

Садничар на магични приказни, сеење зборови, негување слики, жнеење чуда, полевање имагинација. И така приказните почнаа да растат и да се шират.

Потоа?
Детето кастреше со љубов, подарувајќи букети на минувачите –
Букети со мир, надеж, сила и вера во невозможното.
Букети мали чуда, за секого.

Секоја пролет, на втори април,
приказните што ги посеа детето го запалија светот со цвет.

О, и преку работилниците за градинарство, жнеењето мудрост се пренесуваше на младите и старите.

И детската градина стана Градина на Надежта,
двор, Двор на Чудата,
како што магионичарот секогаш држеше до својата позиција –
одмотувајќи црвени нишки на раскажување приказни низ ветрот.

Организаторите од Кипар, по повод Меѓународниот ден на книгите за деца, оваа година објавија и композиција насловена „Малиот градинар“, авторско дело на Јоргос Хаѕипјерис, инспирирано токму од поемата на Елена и илустрацијата на Сандра Елефтериу. Слушнете ја на следниот линк:

Читајте им на децата уште од најмала возраст. Не дозволувајте да пораснат само пред паметните телефони, таблетите, компјутерите… Ете, можете денес да го почнете заедничкото читање токму со песната на Елена. Тоа е најмалку што можете да направите за поквалитетна иднина на вашето дете 😉