Реиздание на „Ветрилиште“

Се радувам што денес од печат излезе второто издание на „Ветрилиште“, откако последниот примерок од првото издание од ноември 2024 година се продаде неодамна. За разлика од оригиналното издание, кое беше јубилејна десетта објавена книга, па си доби тврд повез и внатрешно шиење за да биде незаборавна, овој пат романот е објавен во мек повез во едицијата „ПРОаЗА“ на ИЛИ-ИЛИ под редниот број 247.

За романот-финалист за наградата „Стале Попов“ на ДПМ добив одлични реакции и осврти. Еве неколку извадоци кои фигурираат на задната обвивка на корицата, како мала „провокација“ за оние што го пропуштија:

„Петтиот роман на Игор Анѓелков е краток и деликатен текст, понекогаш гротескен и брутално искрен, соголен до коска. „On the road“ приказна која се одвива во текот на еден ден, помеѓу пеењето на два петли“.

Марија Бежановска

„Долгиот пат почнува ритуално. Миењето на плочата од гробот, разговорот со мртвите, споделувањето радост со нив од овој свет, испраќање порака до другиот свет и другата димензија, станува посебен и издвоен момент во книгите на Анѓелков. Миењето на гробот е ритуално прочистување на границата која стои помеѓу мртвите и живите. Гробовите мораат да бидат чисти и убави, тие се огледало и прозорец на нашиот однос кон животот и подготовката за преминот. Но и шанса да се исповедаме пред некој отаде светот, отаде живите современици, далеку од нашето здодевно секојдневие. Во последните два романи на Игор, имам чувство дека дијалогот со мртвите е поискрен, вистинит, подлабок отколку оној во кој главните ликови комуницираат со живите“.

Никола Пијанманов

„Во време кога романите почнуваат да наликуваат на математички загатки и проблеми со својата сложена структура, во кои се пишуваат длабокоумни есеи и трактати со кои писателите егзибиционистички ја истакнуваат својата самобендисаност,  почнува обратен процес – враќање кон едноставно раскажаните приказни. Како средство на соочување, едноставноста е помоќна од софистицираноста, а најважно сознание е дека оној кој нема да ја раскаже својата приказна, како што вели Владимир Пиштало, останува под вечно старателство на другите“.

Тони Ќосев

Ветрилиште постои во оние рамки кои ќе ги постават мечтите на читателите. И едно нешто е важно: романот трае додека траат чудата. А чуда, сепак, се случуваат“.

Пепи Стамков