По освртот кон „Граѓанинот Кејн“, еве мал осврт и кон еден од најдобрите визионерски филмови во филмската историја, „2001: Одисеја во вселената“, кој следната година ќе наполни 50 години. Иако неговите главни креатори, Артур Кларк и Стенли Кјубрик, одамна не се меѓу нас, се надеваме дека јубилејот ќе биде достојно одбележан, на радост на фановите ширум светот.
По неочекуваната прерана смрт на култниот британски режисер на 09 март 1999 година, само неколку дена пред премиерата на неговото последно остварување „Очи широко затворени“, пред неколку години неговите лик и дело беа за момент „извалкани“ со еден јутјуб клип во кој, наводно, Кјубрик раскажува дека спуштањето на човекот на Месечината било во негова режија. Сепак, сето она што тој со неговите остварувања го остави како филмско наследство нема да може да го загрози дури ни ваквиот факт, доколку се покаже како точен. Едноставно, Кјубрик ни подари различни жанровски филмови кои и ден-денес претставуваат вистинска лектира како за филмаџиите, така и за филмофилите на планетата Земја.
Девет години подоцна, на 19 март 2008 година, оваа димензија ја напушти и замина на безвременско патување низ вселенските простори и Артур Кларк. Тој е погребан на градските гробишта во Коломбо, главниот град на неговата втора татковина, Шри Ланка, во која престојуваше во последните четири децении од својот живот. Според негови инструкции, погребот бил извршен без „никакви религиски обичаи“, а на надгробната плоча се изгравирани зборовите: „Овде лежи Артур Кларк. Тој никогаш не порасна, но никогаш и не престана да расте“. Овој прекрасен ум го задолжи светот со прекрасни дела полни со имагинација, и сметаше дека книжарниците и библиотеките се местата каде љубопитните би можеле да се соочат со неговиот светоглед пронаоѓајќи ја неговата надеж дека човечката цивилизација, конечно, ќе почне да се движи кон вистинската цел – откривање и контакт со другите светови во инспиративната Галаксија.
Кларк уште од рана возраст се заинтересирал за научно-фантастичната литература, обидувајќи се кратките приказни кои ги творел во својата соба да ги објави во угледните жанровски списанија. По завршувањето на студиите, откако активно влегол во светот на науката, неговиот книжевен опус од корен се менува, бидејќи почнува своите ес-еф приказни да ги базира врз реални научни факти од физиката и астрономијата. Одисејата околу создавањето на филмското дело од 1968 година започнува во моментот кога Артур Кларк ја напишал и ја објавил кратката приказна „Стражарот“, која на Кјубрик му изгледала како вистинска подлога за нешто дотогаш невидено во филмската историја. Соработката започнала веднаш, и само за неколку месеци сценариото било готово, а филмот на почетно ниво на реализација. Дури отпосле, откако остварувањето постигна голем планетарен успех, Кларк својата кратка приказна ја претвори во раскошен роман по кој лудуваа сите, за подоцна да се појави и продолжението, „2010: Годината во која остваривме контакт“ (екранизиран во 1984-та од режисерот и ко-сценарист Питер Хајамс), и „3001: Конечна одисеја“ во 1997 година, која се уште чека адаптација на сребрениот екран.
Во години во кои ес-еф жанрот беше во длабока криза, и во кои на екранот се уште царуваа плитките приказни за летечките чинии и големите монструми кои ја тероризираат нашата планета, „2001: Одисеја во вселената“ претставуваше вистинско поместување на жанрот, и воопшто, на филмската уметност. Сторијата која почнува во зората на човечката цивилизација, и која преку легендарниот рез (коска во воздух – вселенски брод) не фрла далеку напред, во иднината, беше и се уште е вистински визуелен и интелектиален предизвик за филмаџиите, бидејќи чувствата по гледањето на филмот и по речиси 50 години од премиерата, и покрај фактот што фамозната „2001“ е далеку зад нас, претставуваат вистинско и автентично искуство. Конечно, во ова дело Кјубрик ја напушта класичната наративна конвенција за да ни раскаже четири поврзани приказни за човековата судбина, кои на крајот се рефлектираат и врз освојувањето на вселената. Тој исто така инсистира и приказната која се случува на другиот крај на вселената да изгледа како навистина да се случува таму, пред се благодарение на дотогаш невидените визуелни ефекти. Ултимативното патување од почетокот до крајот на човековата цивилизација е облагородено со музиката на класичарите Рихард Штраус и Герг Лигети, чија музика одлично ја надополнува сторијата за прекрасното и опасно патување во осамените предели на вселената, во која човекот не бара „мали зелени со коси очи“, туку пред се тој е во потрага по себеси, низ една интроспективна визура под диригентската палка на маестро Кјубрик. Токму во оваа суптилна филозофска нишка на сценариото и лежи вредноста на овој мастерпис.
Пикантерии поврзани со овој филм има многу. Една од нив вели дека актерите кои ги носеле костимите на луѓето-мајмуни во првиот 15-минутен дел од филмот едвај издржувале на сетот, бидејќи режисерот инсистирал на перфекционизам во секој кадар. Исто така, интересен е и кастинг-моментот, во кој повторно последниот збор го имал маестрото, кој не сакал познати актери во главните ролји, туку луѓе од крв и месо, без непотребната аура на ѕвездите, поради подобра идентификација на публиката со самите ликови. Затоа Кир Дулеа, гери Локвуд и Вилијам Силвестер се полн погодок, и токму овие улоги се врвот во нивните, инаку, сиромашни филмски кариери. И секако, најбитниот момент, изброто на гласот за компјутерот Хал-9000, за кој на рутинска радио-аудиција изборот паднал на непознатиот Даглас Реин, кој долго време не знаел како неговата гласовна улога ќе функционира во целосната слика на филмот, но резултатот, несомнено, е фасцинантен.
За жал, и во случајот со овој филм се потврди познатата констатација дека Американската филмска академија нема слух за наградување на вистинските ремек-дела, па иако „2001: Одисеја во вселената“ беше номиниран во седум категории, меѓу кои и за најдобар филм, сценарио и режија, позлатената статуетка ја доби единствено тимот кој работеше на визуелните ефекти, на чело со инженерот Даглас Трамбал. Затоа пак, Британската академија истата година му додели се што требаше да му се додели. Но, настрана наградите, тие не секогаш се мерило за квалитетот на филмското остварување. Она што е важно е дека приказната на Кларк и Кјубрик претставува вистинско културно наследство од непроценливо значење за човековата цивилизација, и иако нивните претпоставки дека 2001-та е клучна година за скок на луѓето малку подалеку, надвор од нашата гравитација, не се остварија, сепак, филмот беше и се уште претставува вистински инспиратор не само на ес-еф писателите, филмаџиите, филмофилите, туку и на научниците, во обидот конечно реално да допреме до несогледливите вселенски пространства. Марс е веќе во фокусот, а „Јупитер енд бијонд“… ќе видиме. Се надевам 😉
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и на kinoteka.mk)