„Во една здодевна врнежлива вечер ја посетивме екипата на филмот ‘Панкот не е мртов’, која во фабриката ‘Треска’ имаше тешки услови за работа. Но ентузијазмот беше на ниво, особено кај авторот на филмот Владимир Блажевски, кој дури по 17-годишна пауза влегува во реализација на нов целовечерен проект.“ Ова беа воведните зборови во прилогот што одеше во „Филмополис“ број 272, кога со авторот и екипата на филмот зборувавме за предизвиците што ги носи филмот кој тие денови го снимаа, за мали пари, но со многу љубов. Меѓу другото, тогаш Блажевски ни кажа дека сценариото е готово веќе 4 години, по што во игра влегле 4-5 копродуценти, но откако можноста за соработка пропаднала, останал само доделениот буџет од Филмскиот фонд, што е многу малку и за домашни услови. Блажевски призна и дека музички панкот не му е близок, но дека ги препознава пораките што тој ги прокламира и токму тој дел од приказната бил провокативен за пишувањето на сценариото. Констатираше дека транзицијата во Македонија си го стори своето и дека на некој начин и ние овде со години живееме панкерски. Сепак, тој ќе се обиде филмот да кореспондира со поширокиот дел од публиката. И успеа во тоа. „Панкот не е мртов“ е еден од најнаградуваните македонски филмови, кој успеа, поради својата универзална мака за која раскажува, да биде препознаен од публиката и критичарите каде и да се прикажа. Инаку, премиерата на филмот се случи на отворањето на 14. издание на Скопскиот филмски фестивал. „Филмот е радикално и луто скопски, и затоа е природно премиерата да се случи токму на новото издание на СФФ“, заклучи Блажевски на пресот. Во кината низ Македонија се прикажуваше од 15 април. Интервју со Блажевски го направивме за стартот од новата сезона на „Филмополис“, по летната пауза и успехот на филмот на неколку фестивали на кои учествуваше, што навистина беше прекрасен повод за разговор. Читај повеќе
Архива за месец: септември 2011
Разговор со екипата на „ОВА НЕ Е АМЕРИКАНСКИ ФИЛМ“
Во „Филмополис“ број 273 направивме прилог за снимањето на новото македонско остварување „Ова не е американски филм“, чија мобилност на екипата во тие денови се забележуваше на разни локации низ главниот град. Нам ни дозволија да ги снимаме на покривот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, каде што се одвиваше една гангстерска филмска сцена, во чија реализација беше вклучен поголемиот дел од актерскиот ансамбл. На покривот, со скопското сонце над нас, позборувавме со истите протагонисти како и при подоцнежната премиера на филмот, па затоа одлуката падна да го претставиме интервјуто со екипата на веќе гледан филм, по кинопремиерата во „Милениум“, за разлика од зафркантските изјави за време на снимањето, кога многу работи во однос на филмот сè уште беа отворени и лебдеа во воздухот. Но, забележав и за време на тоа снимање дека работата некако лабаво делува, како да се снима телевизиска драма, а не игран филм. Токму тоа ќе се забележи и во крајниот производ. Но, да не должиме многу, следува интегралниот текст од најавениот прилог, вклучувајќи ги, секако, и изјавите на продуцентот, режисерот, „несудениот“ сценарист и актерите во филмот.
Владимир Блажевски во „Филмополис“ 359
За филмот „Панкот не е мртов“ во вечерашното интервју со сценаристот и режисер Владимир Блажевски, со што стартува новата, деветта сезона на Вашиот омилен филмски магазин на ТВ Телма.