Извадок од кураторскиот текст во непостоечкиот каталог за изложбата:
„Во напливот на модернистички употребни нешта и реди-мејд предмети, од сета таа затрупаност од сигнификантни постмодерни орудија околу нас, најчесто за една употреба, неодамна во нашиот град пристигнаа и електричните тротинети, кои како кучиња-скитници од комбија беа исфрлени во метрополата, со цел да му помогнат на граѓанинот за побрзо пребродување на саканата цел од точка А до точка Б.
Одеднаш нивната присутност почнавме да ја сведочиме насекаде околу нас, најчесто во функција на „леви сметала“ среде тротоарот, оставени апансас (внимавајте, не ананас!), без некаков ред и смисла на постоење. Уметникот со неговото будно фотографско око одеднаш се става во кожата на сите свои сограѓани и во функција на „морален“ просудувач го архивира нивното егзистирање на различни несоодветни локации.
Со таа постапка тој создава една виртуелна мапа на градот составена од познати и малку познати места крај кои секојдневно поминуваме, но повеќе или помалку (не) ги забележуваме. Но, откако уметникот ги погледнал фотките дома, на својот компјутер, тој навлегол во една сосема нова уметничка димензија и сфатил колку овие електрични тротинети, учесници во јавниот превоз, всушност се осамени. Тие си дремат во просторот како вејка на ветрот, чекајќи некој да ги ослободи од нивната вселенска алиенираност. Но тука е нашиот уметник кој низ фотографиите ја соголува нивната природна состојба, со тоа потсвесно алудирајќи и на човековите битија, кои особено по пандемијата, како да го фатија истиот правец на небиднина, на оттуѓување од сето она што е суштински човечно“.
„Секој ден се возам со велосипед низ градот, и не можев да не ги забележам овие јадни тротинети оставени туку-така овде или онде. Тоа ја разјаде подзаборавената тага во моето срце и решив да им посветам изложба со која се надевам дека ќе укажам на нивната осаменост во овој и онака осаменички град, во кој ретко се случуваат добри изложби“, изјави уметникот по повод изложбата на неговиот ФБ профил. „Сепак, на крајот од поставката оставам отворена врата, оставам порака на надеж, бидејќи на две места забележав два тротинета еден до друг, додека на последната фотографија, публиката ќе забележи дека еден тротинет му прави друштво на другарот Тито, кој и понатаму сите нас не’ гледа и се чуди до кое дереџе стигнавме по неговата смрт“, поентира уметникот, кој изразува надеж дека изложбата ќе им се допадне на посетителите на неговиот профил, но и на неговиот блог сајт.
На овие температури, на човек не му останува ништо друго освен малку да откачи