„ГОТЛЕНД“ од Мариуш Шчигел

Готленд“ е трогателна приказна за критичкиот ум под стегите на комунистичкиот режим, соочен со апсурдни ситуации, додека приватниот живот перверзно бил искористуван од властите, со цел да биде замолчен.

Главните ликови на „Готленд“ се: основачот на познатата фабрика за чевли „Бата“, славниот естраден пејач Карел Гот, љубовницата на нацистот Гебелс, скулпторот на најголемиот споменик на Сталин во светот, внуката на Кафка, која им го давала своето име на користење на автори ставени на црна листа во комунистичкиот режим за да може и понатаму да издаваат, младото момче кое се самозапалува по угледот на Јан Палах, 30 години по неговата смрт, познатиот чешки драматург Јан Прохаска и многу други.

Книгата има одлична композиција, произлезена од повеќегодишни истражувања, разговори, посети и пишани материјали. Овие репортажи честопати наликуваат на есеи и на раскази. Тоа е продолжение на полската традиционална школа на литературна репортажа, која претставува мешавина на факти, добро изградени ликови, поетски наратив и артистичка рефлексија на одредени настани и ситуации.

Заснован на минуциозни истражувања и стотици интервјуа со сите, од филмски работници, писатели и поп-ѕвезди до обични граѓани, Готленд претставува калеидоскопски приказ на еден истраен народ што преживува тежок, а честопати и бизарен период – подеднакво смешен, вознемирувачки, возбудлив и апсурден, со еден збор… кафкијански.

————————————————————————————————————————————–

Мариуш Шчигел, роден во 1966 г., полски новинар и писател, добитник на Европската награда за литература во 2009 г. Има објавено шест книги: Неделата која се случи во среда (1996), На секоја тема – ток шоу за читање (заедно со Витолд Ожеховски, 1997), Готленд (2006), Каприсче. Женски приказни (2010), Направи си рај (2010) и Небесна љубов (2012). Освен тоа, има објавено бројни репортажи во различни антологии. Во 2014 г. е одликуван со еден од највисоките ордени – Орденот на полската преродба од Претседателот на државата, Броњислав Коморовски.

————————————————————————————————————————————-

PRESS RELEASE ЗА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА

Во четврток (25 август 2016) во 21 часот во клубот „Ла Кања“ во Скопската чаршија ќе се одржи промоцијата на книгата ГОТЛЕНД со гостување на полскиот автор Мариуш Шчигел. Промотори на книгата ќе бидат Сашо Кокаланов и Звездан Георгијевски, а за музиката ќе биде задолжен Костадин Шурбановски.

Се работи за 127. издание во популарната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, чие издавање и гостување на авторот е дел од програмата “Креативна Европа” на Европската унија.

————————————————————————————————————————————-

По враќањето во Полска, воодушевен од гостувањето во Скопје, Мариуш Шчигел напиша поопширен текст во весникот „Газета Виборча“. Еве ги неговите импресии:

„Одете на одмор во Македонија, баталете го морето! Украдов неколку слики од фејсбук од мојот издавач Или-Или. Пред една недела се вратив од Скопје и се уште сум под впечатоци. Такви што оваа недела ќе компонирам уште една мала творба од серијата „Шчигел е во лов“ … токму од Скопје. Незаборавно беше:

  • Кањонот Матка, браната изградена во 1938 г. на реката Треска, во близина на главниот град, со пештерата Врело, која може да се посети (на сликата: со преведувачката на „Готленд“ Лидија Танушевска и издавачите – Игор и Ненад, кои ми беа како татковци;
  • Македонското јадење со учество на домати, пиперки, сирење и месо, а месото беше поезија! Иако малку го јадам, таму беше невозможно да не се проба;
  • Скопје – град кој треба да го симболизира идентитетот на Македонците, креиран од страна на нивната десничарска, корумпирана и искомпромитирана власт – е веројатно еден од најинтересните градови на светот. Полн со знаменитости стари 5, 3 или 2 години. Преполнет со споменици. Има плоштади кои изгледаат како сите споменици на светот да се собрале таму на некаква конференција. Архитектонската политика – еквивалент на нашата историска политика.
  • Луѓето – љубезни, отворени, скромни, весели; ги сакаат Полјаците;
  • Читателите – со такви идеи што шапките од глава сами паѓаат. Го испревртеа тој мој „Готленд“ интелектуално на сите страни. Па, тоа е книга за современа Македонија! А што се случуваше по промоцијата! Вино, пиво и дилеми од типот, на пример: а зошто Полјаците не ја почитуваат научната фантастика?, како тоа не ја почитуваат?, па ете Лем го екранизирале Советите, а не Полјаците, тогаш како ја почитуваат?,; Советите ја екранизираа фантастиката, бидејќи не можеа да прават филмови за реалноста, а ние можевме; е па кој е подобар: Зануси или Вајда… итн.

Знаете што, се чувствував како да сум се вратил во Полска од седумдесеттите години. Да не бев таков што не се опива, би можел да разговарам со нив до мугрите 🙂

Исто, многу важно, за Амбасадата на Република Полска. Малку бев изненаден од срдечноста на амбасадорот и конзулката: вечера со гости (во моја чест), покана во амбасадата (има што да се види; некогаш ќе напишам нешто и за концептот на тоа место). Во секој случај – се чувствував несвојствено, бидејќи во други земји тоа речиси да не се случува ( освен во Прага, полската дипломатија беше свечено гостопримлима во однос на мене и во Естонија, а моите книги излегоа во 18 земји). Немам никакви очекувања во однос на полската димпломатија, па со мала срамежливост ја прифаќав срдечноста на г-нот амбасадор Јацек Мултановски и г-ѓата конзул Вероника Стањец-Порчик. До моментот кога преведувачката Лидија Танушевска не ја изговори пресвртната реченица: „Убаво е што татковината толку се грижи за тебе“. Навистина пресвртна. Доволен е еден поглед отстрана, што ќе им помогне на нашите очи!“

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *