Од 21 до 25 август, Сплит беше домаќин на завршницата на меѓународниот настан „Спортски игри на младите“. Во 10 дисциплини се натпреваруваа повеќе од 10 илјади деца и младинци од Хрватска, Србија и БиХ, земјите кои беа дел и од овој завршен спектакл. Во претходните месеци преку 260 илјади учесници беа дел од игрите, а финалињата се одиграа токму деновиве во „главниот град на Далмација“. Најатрактивно беше на просторот „Прокуратива“, каде овој единствен медитерански плоштад од 19 век се претвори во фудбалска арена на која се одржа и ревијален натпревар на кој учествуваа поранешните фудбалски ѕвезди како Луис Фиго, Кристијан Карембе, Естебан Камбијасо, Мехмед Баждаревиќ, Звонимир Бобан, Немања Видиќ, Аљоша Асановиќ… а како единствен претставник од Македонија беше селекторот кој не’ однесе на Европското првенство, Игор Ангеловски.
Започнаа последните денови од престојот во Сплит, и мислејќи како да ги „потрошиме“ со квалитетна содржина, одеднаш забележавме дека на „Прокуратива“ и на „риви“ нешто се подготвува. Се израдувавме кога вечерта сведочевме дека екипите само за еден ден успеаја прекрасниот плоштад на кој се одржува значајниот медитерански музички фестивал „Сплит“ се претворил во арена за мал фудбал. Од медиумите и од плакатите низ градот дознавме дека тука ќе се одвива завршната манифестација од настанот „Спортски игри на младите“, која уште од 1996 година ги здружува децата и младинците од трите балкански држави преку спортски натпревари да создаваат нови пријателства.
Во четвртокот околу 19 часот на програмата беа финалињата во мал фудбал во машка и женска конкуренција. Малку се разочаравме кога ни кажаа дека влезот на трибините е резервиран само за учесниците, кои беа многу на број, а места за седење не баш доволно. Но многу од децата со маичките и акредитациите се шетаа низ градот и не беа заинтересирани за натпреварите, па тоа ни овозможи и нам, на обичните смртници, да влеземе на трибините. Сепак одеше пренос на неколку спортски телевизии, и настанот мораше да биде величествен, со исполнети трибини до последното место. А и чуму би се правел во срцето на градот, доколку „обичните“ граѓани и туристи не можат да го посетат настанот. На крајот, добриот глас е оној кој надалеку се слуша.
Први на терен излегоа фудбалерките на тимовите од Загреб и Крушевац. Хрватско-српското финале беше одличен повод фудбалерот Дарио Срна, еден од амбасадорите на УЕФА, под чие покровителство се одвиваат овие игри, да изјави дека токму најпопуларната игра е онаа која ги спојува младите од двете земји. „Што би посакале повеќе од ова!?“, поентира некогашниот репрезентативец на Хрватска. Девојките одиграа борбен натпревар, и на крај славеа „Медузице“ од главниот град на Хрватска со 3-1.
И додека полумесечината пловеше над атрактивниот плоштад, забавувачот на центарот правеше магии со топката, а маскотата ги забавуваше најмладите во публиката, го очекувавме машкото финале во мал фудбал. Конечно, на терен излегоа момците од тимовите „Ливада“ од Крижевци (Хрватска) и „Угарак“ од Какањ (БиХ).
Натпреварот беше жесток и наптреварувачки, и двата тима имаа одлични поединци, но на крајот сепак Крижевчани покажаа подобра умешност во играта и заслужено победија, исто така со 3-1.
Интересно, и обата меча ги судеше женско-машката судиска двојка Светлана Билиќ, првата судијка која судела натпревар од првата српска машка фудбалска лига, и легендарниот италијански „човек во црно“ Роберто Росети.
Вечерта беше заокружена на отворената сцена на шеталиштето, каде популарниот Лука Нижетиќ со неговиот бенд ги забавуваше присутните, проследено со спектакуларен огномет над сплитското пристаниште.
За следната вечер на големо во медиумите беше најавувано присуството на големите фудбалски ѕвезди. Се исплашивме дека нема да можеме да влеземе на настанот, но овој пат присуството беше уште поотворено и попријателско од страна на организаторите. Најпрво присуствувавме на промоцијата на новиот, се’ попопуларен спорт „Падел“, кој е комбинација од тенис, сквош и уште пар спортови. Не ги сфатив правилата, но интересно беше да се гледа, затоа што го играа легендите Мехмед Баждаревиќ, Звонимир Бобан, Немања Видиќ и актуелниот претседател на ПСЖ, Насер Ел-Келаифи, член на извршниот одбор на УЕФА и, воедно, промотор на оваа игра.
Секако, го искористив моментот и се сликнав со легендите. На Баждаревиќ му реков: „Мехо, ај да се сликаме, фан од Македонија“. Потоа слушнав дека не е Мехо, туку дека го викаат Меша. Јбг. До Насер не стигнав, а и не ми беше предизвик.
Следеше она главното. Трибините се наполнија, а пред нас, еден по еден, излегуваа легендите: Фиго, Камбијасо, Мијатовиќ, Каранка, Бобан, Станиќ, Срна, Видиќ, Карембе, Асановиќ, Станиќ… и, на наше пријатно изненадување, како единствен претставник од Македонија, поранешниот селектор Мрме. Баш се израдувавме.
Мислевме дека ѕвездите ќе ги „изедат“ децата, селектирани од најдобрите тимови од игрите, ама за кратко време момците поведоа со 3-0. Беше спарно, деновиве во Сплит температирата е константно околу 33-34 степени, а поранешните легенди, барем повеќето од нив, имаа бајаги салце околу стомаците.
И тогаш Росети, кој повторно со Билиќ беа судии на ревијалниот натпревар, стапи на сцена. Почна да суди непостоечки фаули за „старците“ и овие дадоа пар нерегуларни голови, дури и еден по истекувањето на времето на полувреме. Но, се’ е забава за народ, нели. Во второто полувреме младите повторно нагазија, но и ветераните направија неколку добри акции, и на крајот мечот заврши мирољубиво, 6-6.
Интересно, карактерите на одредени фудбалери дури и на ваков ревијален натпревар останале исти. Фиго беше строго профи, ко да се работи за финале на Лига на шампиони, Карембе беше истата летечка „труба“ по теренот како и порано, Каранка столб во одбраната, децата се одбоиваа од него, Бобан ја држеше стабилно средината, Асановиќ се гураше со задњиот во одбраната барајќи позиција за шут, а Мијатовиќ по пар неуспешни слободни удари, се повлече на клупата поради умор. Килажа, друже, килажа 🙂
По заедничката фотка на теренот на сите учесници, започна ловот за селфи со фудбалерите. Еве го крајниот резултат, за сеќавање на некогашните времиња кога се играше добар фудбал. Ведран немаше проблем со тоа и не сакаше да се фотка зашто не ги знаеше фудбалерите, вели: „Да беше тука Винишс џуниор, веднаш ќе се сликав“ 🙂
Е да, не можам да не споменам дека Фиго испадна најголем шутрак. Децата доаѓаа со телефоните и го молеа да се сликне со нив, а тој само шибаше напред и не ги рецкаше, и овие се обидуваа да штракнат, барем нешто да фатат, а овој мува не го лазеше. Ш.пак!!!
Свесни за влијанието врз децата и младите, поттикнувањеto на здрав живот, толеранција, заедништво, дружење и останатите придобивки кои се усвојуваат со занимавање со спорт, оваа манифестација низ фер-плеј и пријателство ја шири хуманоста, почитувањето на различноста, го минимизира насилството развивајќи го чувството за заедништво. Под покровителство на УЕФА, во соработка со Министерството за спорт и туризам на Хрватска, оваа манофестација е бесплатна за сите деца, вклучувајќи го и сместувањето на државните завршници, како и на меѓународното финале во Сплит. „Спортските младински игри“ веќе 27 години се најголема спортско-аматерска манифестација во Европа, која промовирајќи го спортот, го збогатила животот на два ипол милиони деца во Хрватска, БиХ и Србија, кои биле дел од игрите. Најавено е дека од следната година ќе се приклучи и Словенија.
Тука природно се поставува прашањето: каде е во сето ова Македонија? Што прават нашите спортски федерации, нашите спортски работници и институции? Чинам дека имаме и Агенција за спорт и млади. Сето тоа укажува на крајните резултати во спортот: доколку соодветно не се работи со децата и младинците, не можат да се очекуваат и позначајни резултати во иднина во било кој спорт. Општо позната вистина на која и понатаму надлежните кај нас остануваат глуви и слепи. За жал!