Пицигин

Пицигин е игра која се игра со мало топче на песочна плажа, во плиткото, или што би се рекло, до глуждови. Ова е „најсплитскиот“ спорт кој на плажите се појавил пред доаѓањето на фудбалот.

Имено, општо познато е дека сплитските студенти во Прага во 1911 година го оформуваат фудбалскиот клуб „Хајдук“, но три години пред тоа, во 1908 година, токму прашките студенти на сплитските плажи ќе ја донесат необичната игра со топка која се викала „водено поло“. Но бидејќи градот немал баш длабоки плажи, играта почнала да се игра во плиткото, и со текот на времето си создала свои правила, кои важат и ден-денес.

Култно игралиште за Пицигин е плажата „Бачвице“. Оттаму се раширил низ цела хрватско крајбрежје со низа варијации. Играта е заштитено културно нследство на „лијепа наша“. Од 2005 година се одржува и светско првенство во Пицигин, каде се оценуваат скоковите во вода на играчите додека ја „спасуваат“ топката, но и севкупниот уметнички впечаток на екипите. На „Бачвице“ е ставен и рефлектор за ноќно играње на Пицигин, а во последниве две децении традиционално се игра и на првиот ден од Новата година.

Едно облачно пладне на „Бачвице“, кога ретко кој се капеше, имав можност да уживам во играта на неколку искусни „пицингаши“. Во видеата прикачени кон овој текст се надевам дека ќе уживате и Вие. 

Инаку, играта оригинално се игра со пет играчи во „плиќакот“. Во Пицигин нема победник и поради тоа е тешко да се зборува за строги правила. Петте играчи се оддалечени 6-7 метри еден од друг и не треба да дозволат топчето да падне во морето. Него го удираат исклучиво со рацете, по можност со обете. Пицигин не е крута игра бидејќи целта и’ е забава и опуштање. Но кога на играчите ќе им здодее „загревањето“, започнува акцијата, при која се изведуваат разно-разни акробации во водата, и тука лежи сета убавина. Пицигин го играат играчи на возраст од 7 до 77 години.

Важно е да се напомене дека во Сплит ќе те санкционираат ако кажеш дека Пицигин се игра со топка или топче, а не со „балун“. А балунот се добива од соголено тениско топче, кое е доволно измрцварено за да се соголи горниот слој, и потоа да се игра со гуменото внатрешно топче, откако претходно ќе помине уште низ неколку обработки со креда и лепак. Но, за поедноставување на нештата, во поново време се користат и „кинески“ топчиња кои на сплитскиот пазар ги има во разни бои и големини, и чинат пет евра. Со нив станувате инстант пицингаш, можеби малку „фејк“, но на крајот од денот, важно е да се забавуваш.

Доколку сте некаде крај вода, на песочна плажа, пробајте Пицигин, нема да зажалите: слатко ќе се изнасмеете и истовремено ќе се почувствувате помлади и посреќни 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *