Пред некое време по пошта ми стигна нешто што одамна го посакував: бокс сет со десет албуми од Таксидомун од 2015 година, во издание на Crammed discs, нумериран со број 12 од 300 примероци. Десетте албуми се живо злато, надополнети со прекрасно дизајниран каталог со приказните на членовите за секој албум засебно, плус вообичаениот даунлоуд код. А да, и плакат, кој веднаш го врамив и сега е дел од дневната соба. Живи радости! Го добив највредното парче во мојата скромна ЛП колекција.
Колекционерското парче за кое одамна се сметаше дека е распродадено, имав среќа да го најдам на една од популарните платформи за продажба на плочи. Се зачленив и со анксиозност влегов во тој свет за кој претходно читав различни искуства. Знаејќи ја ситуацијата со домашната пошта, не се осмелвував да го нарачам прилично скапиот бокс сет, плашејќи се дека парите ќе отидат во бунар. Но, има некои задоволства во животот кои ако навистина ги посакуваш, и треба да си ги дозволиш. Ако не е така, тогаш чуму работиме и живееме? И си реков: мечка страв – мене не страв! И приказната тргна.
Од неколкуте понуди со слична цена (само поштарината за нијанса беше различна, во зависност од која држава требаше да ги пратат плочите), по студениот одговор од Италија и Германија, ја избрав онаа од Белгија. На крајот на краиштата, базата на Таксидомун по доаѓањето од Америка во Европа на почетокот од 80-те беше токму Брисел, и тоа претчувство не ме излажа.
Томи беше супер љубезен, и откако му објаснив дека Таксидомун многу ми значат, но се плашам да влезам во трансакција, меѓу другото, не верувајќи и’ до крај на нашата пошта, тој ми пиша дека и нему многу му значат Таксидо, и дека неколку пати членовите на бендот ги угостил кај него дома кога навраќале во Брисел или за снимање, или онака, присетувајќи се на добрите времиња. Таа изјава ме освои.
Продолжувајќи го понатаму муабетот за доставата, користејќи регуларна пошта, тој рече дека досега немал искуство со праќање плочи во Македонија, но поради тежината на пакетот, може да го замоли синот да ми нацрта цртеж со „Happy birthday“ и така да ја пушти пратката, како роденденски подарок, со надеж дека овде кај нас нема додатно да ме царинат. Екселенте! Му се заблагодарив, платив и остануваше само да чекам 2-3 недели плочите да стигнат на мојата адреса.
По 15 дена, возам велосипед кон книжарница, и ми ѕвони телефонот. Непознат број. Ало, овде чичко поштар, имам пратка за Вас. Супер, велам, како да направиме, јас сум на Партизанска. И јас сум во близина, се чекаме за пет минути на бензинската на Макпетрол. Топ, се сложувам. Колку должам, прашувам, за да извадам пари од банкомат, дополнувам. 330 денари, и ќе честиш едно сокче, вели чиката. Не едно, две – велам радосен.
Извадив петстотка од банкоматот спроти Букурешт и го најдов комбито на паркингот на бензинска. Ѕиркам внатре и го здогледувам пакетот за мене. Чудно, обично при претходните пратки ми стигнуваше картичка да одам во локалната пошта да си го подигнам ЛП-то, но овој пат, веројатно поради тежината, ми го носат со пикап. Немам замерки, никако. Чиката се појавува, ми го дава пакетот, потпрашува што има внатре, велам „плочи“, тој се насмевнува и ми подава документ барајќи да го потпишам и да му платам. Му давам петстотка, а тој брца во џебовите да ми врати кусур. „Не, не, мајсторе, бркај работа“, му велам, тој се насмевнува, јас му возвраќам, и задоволно продолжуваме да си бркаме работа во различни правци.
Едвај чекав попладнето да дојдам дома и да го отворам „богатството“. Фино запакувано, внимавав нешто да не оштетам, кога веќе приказната испадна супер. Изненадувањето беше големо кога видов дека се работи за спакуван бокс сет, а јас мислев дека ќе добијам веќе слушани плочи, но добро зачувани. Барем така го сфатив огласот. Живи радости!!! Црешата на шлагот од тортата беше цртежот на малиот на Томи. „Среќен роденден Игор“ пар денови пред мојот вистински роденден. Па поубав подарок не можев да добијам. Добро сега, не е баш подарок, чесно си платив за ова задоволство, но приказната испадна навистина убаво.
Седнав зад компјутерот и му пишав на Томи една голема благодарност. Истовремено на неговиот профил на платформата оставив коментар со највисоки препораки за него како продавач, бидејќи се’ беше над очекувањата – од пакувањето до личните приказни кои ги разменивме. Тој набргу ми одговори исто така заблагодарувајќи се, велејќи дека во моментов е во Ирска на турнеја со бенд. „Светов си живее со полна пареа“, си помислив и им се вратив на плочите кои, еве, до ден-денес секојдневно го исполнуваат домашниот простор со прекрасни звуци.
Секако, следниот ден го искористив ваучерот и ги симнав во дигитален формат сите десет албуми на бендот со висок квалитет, а плакатот го дадов да се врами. Избрав мат стакло и жолта рамка, која на прекрасниот дизајн ми се чинеше најсоодветна. По неколку дена го земав врамениот постер, и сега гордо виси во дневната соба, додека од грамофонот вози музиката од бендот во различни фази од кариерата.
Таксидомун ги засакав уште од моите рани адолесцентски години. Немаше друг бенд што ми нудеше такво задоволство како овие уметници. Експериментот во нивниот пристап ми беше многу инспиративен, и неретко нивната музика ја употребував за џинглови во медимуите во кои подоцна работев (на радио и на ТВ). И не само тоа, саундтрак за многу непрофесионални филмчиња снимени во младоста беа токму музиките на бендот од Сан Франциско. Два од нив беа дел од неколку филмски фестивали, а легендарниот „Алкал“ се прикажа во една емисија за културата и уметноста на национална телевизија.
Инаку, пред ова, во домашната ЛП колекција одамна го имав албумот „Desire“, како една од првите плочи што сум ги купил, заедно со оние од Велвет андрерграунд. Пред некоја година го набавив и реизданието на дебито „Half mute“, а во меѓувреме ми улетаа и „Holly wars“ и едно тројно грчко издание, каде бендот е многу популарен, и каде, впрочем, еден од основачите, Блејн Рајнингер, одамна живее. Поточно, од 1998 година тој е резидент на Атина, каде живее со својата сопруга и синот. Кога веќе го добив бокс сетот, решив да ги оттуѓам овие изданија, и за среќа, имаше доволно интересенти за нив, што значи, и кај нас има почитувачи на музиката на Таксидомун. Незаборавни беа нивните концерти во киното „Милениум“ и во МКЦ. Кој бил – знае!
Официјалната биографија на Таксидомун вели дека се работи за авангарден, електронски ориентиран колектив, чија музика се движи од њу вејв поп до џез фјужн, надополнета со необични експериментални звучни пејзажи, воообичаено обликувани од саксофон и виолина. Групата е формирана во Сан Франциско во 1977 година од двајцата студенти по електронска музика на градскиот Сити колеџ, Блејн Л. Рајнингер (клавијатури, виолина) и Стивен Браун (клавијатури, други инструменти). Локалните театарски врски на Браун им обезбедија опрема и повремени настапи на локалните сцени, на кои им се приклучува и вокалистот Винстон Тонг.
Панкот и њу вејвот доминираат на музичката сцена во Сан Франциско во тоа време, а Таксидомун настапуваа како предгрупа на Devo во 1978 година, приближно во исто време кога го снимаат и нивниот прв сингл, „Pinheads on the Move“. Следи објавувањето на првото ЕП, No Tears, на кое беа вклучени Мајкл Белфер (гитара) и Пол Зал (тапани). Тонг и Белфер привремено си заминуваат, а Питер Принципл се придружува како редовен член, и ова е тројката која во следниот период ќе биде таа авангардна основа на бендот, која ќе сними еден куп возбудливи албуми и ќе има многу настапи.
Таксидомун ќе потпишат договор со издавачката куќа на веќе популарните и мистериозни Residents, Ralph Records во 1979 година, кои имаа испостави и во странство. Чувствувајќи дека нивните идеи се повеќе во склад со европската електронска музичка сцена, групата по издавањето на првенецот Half Mute во 1980 година претежно концертираше низ Европа, каде повторно им се приклучи Тонг заедно со новакот, режисерот и визуелен уметник Брус Гедулдиг. Тоа е уште еден од клучните моменти во историјатот на бендот, затоа што нивната музика е толку сугестивна, што секогаш оди во пакет со визуелните илуминации. како убава илустрација на ова, погледнете го нивниот настап на Messehalle 8 во Хамбург, емитуван во живо на германската телевизија NDR, каде Гедулдиг изведува шамански перформанс со јажињата.
По објавувањето на култниот албум Desire (1981), бендот трајно се преселува во Ротердам, каде Рајнингер почнува да се развива и како соло уметник. Бендот, исто така, беше ангажирани да ја сними и музиката за балетот на Морис Бејарт, чии резултати беа објавени во 1982 година под името Divine. Рајнингер во 1983 година заминува во соло води и заменет е со Френки Ливарт и хорнистот Лук ван Лиешут.
Помеѓу сајд-проектите на членовите на бендот, тие го снимија албумот Holy Wars (1985), кој претставува нивен најголем комерцијален успех. Тонг таа година засекогаш ја напушта групата, оставајќи ги Браун и Принципл единствените преостанати членови од Сан Франциско; мултиинструменталистот Иван Георгиев беше ангажиран да го надополни звукот на групата за албумот и турнејата Ship of Fools од 1986 година.
По jazz-fusion ориентираниот албум You од 1987 година, Таксидомун влезе во творечка криза, но членовите останаа активни во други проекти. Во текот на 90-те, тие објавија уште два албума, The Ghost Sonata (базиран на продукцијата од 1982 година) и Joeboy in Mexico (името на бендот никаде не фигурира на пакувањето). Токму тие два албума се омилените во мојата колекција. Ghost sonata отсекогаш сум го имал само на касета, а сега конечно и на ЛП, а Џоибој го нема меѓу десетте албуми во бокс сетот, но го имам на компакт диск.
Во новиот милениум, подостарени и секако, многу позрели, Браун, Принципл, Рајнингер и ван Лишоут повторно се собраа за да ги издадат прекрасните албуми „Cabin in the sky“ (2004), „Bardo hotel soundtrack“ (2006) и „Vapour trails“ (2007). Приказната завршува со специјалната, десетта плоча во колекцијата, насловена „Appendix“, која содржи 11 теми изведувани во живо по повод различни поводи во текот на нивната богата кариера. Убавини!
Така ја заокружуваме приказната враќајќи повторно до ЛП бокс сетот издаден во 2015 година за белгиски Crammed discs, како круна на нивната кариера. Раскошно дизајнираниот каталог содржи фотогафии од различни периоди на нивното музицирање и создавање, текстови од песните, и највредното, искази од членовите засебно за секој албум како настанал, во какви околности го снимале, од каде црпеле идеи и инспирација, итн. Фантастично!
Во меѓувреме почина Питер Принципл (2017 во Брисел), другите членови, фала Богу, здрави-живи се, продолжувајќи да брчкаат разни музики, но токму бокс сетот е нивниот тестамент, нивната планина на која се искачија создавајќи инспиративна современа авангардна музика повеќе од три децени.
Се надевам дека ви се допадна текстот, а сега извинете ме, одам да ја сменам плочата од Б-страната, каде фигурира антологиската No tears.
Гуд бај 😉