Радоста е неизмерна кога, и по четири децении, ќе откриеш некое парче музика кое мудро се криело од тебе, за токму после толку долго време, да ти се „разголи“ во сиот свој сјај. „Талас“ е музички проект на Бојан Печар, басистот на ЕКВ, за кој ниту угледниот музички новинар Петар Јањатовиќ нема засебна референца во неговата антологиска „Екс-ЈУ Рок енциклопедија“, туку само попатно го спомнува низ текстовите за други музички проекти на музичарите кои се дел од оваа плоча. А насловот? Па, всушност тој е оној кој ме привлече кон овој албум. Насловот на славниот расказ на Џером Селинџер совршено одговара за музичката слика на „Талас“ во 1983 година и за сето она што низ нивниот њу-вејв пристап сакаат да и’ го подарат на тогашната (но и денешната) публика на овие простори.
Минатата година на некогаш славниот датум 25 мај го објавив освртот кон албумот „La Femme“ на бендот Karlowy vary, кој исто така е еден од оние скриени бисери на поранешната музичка сцена, чие реиздание и денес наидува на интерес меѓу љубителите на музиката.
Албумот на „Талас“ од 1983 година е токму на таа линија: без голема медиска помпа и со краток здив, но со материјал кој е пријатен за ушите и четириесет години по неговото објавување. Ајде малку историја. По „Лимуново дрво“, Милан, Која и ВД ги оформуваат „Шарло акробата“, и со неколку песни учествуваат на антологискиот „Пакет аранжман“. Потоа го снимаат деби албумот „Бистрији или тупљи човек бива кад…“ и заминуваат во легендите. Која ги оформува „Дисциплина кичме“, а Милан „Катарина друга“. По кратко време, се случуваат персонални промени, и во новата ритам секција на ВД му се приклучува басистот Бојан Печар, кој претходно свирел во „Мама Ко Ко“ и „БГ 5“. Пред да го снимат истоимениот деби албум „Katarina II“, се случува албумот „Perfektan dan za banana ribe“ во 1983 година, во издание наа „Дискос“ од Сараево.
Добра препорака за снимање на овој материјал е учеството на „Талас“ на компилацијата „ARA“ издадена од Југотон во 1981 година со две композиции, „Hawaii (Najlepsi kraj)“ и „Lilihip (My boy Lollipop)“, на која музицираат бендови од втората генерација на југословенскиот „Нов бран“, бендови на кои треба „да се внимава“ во иднина. За жал, најголемиот дел од нив бргу згаснуваат, но нивниот материјал, како во случајот со „Талас“, останува универзално музичко наследство кое функционира и ден-денес.
Инаку, овој албум имаше среќна ѕвезда инстантно да му се случи еден голем хит. Имено, првата тема која го отвора албумот, „Sama“, благодарение на популарниот филм „Secerna vodica“ на режисерот Светислав Прелиќ, стана голем југословенски хит пред се’ поради актерката во налет, сексипилната Соња Савиќ, која за оваа улога ја доби престижната „Златна арена“ во Пула за најдобра главна женска улога. Таа тема одлично функционира во сцената каде Савиќка лута низ Белград завршувајќи во славната флиперана, и тој дел од филмот функционира како видео спот инкорпориран во самото филмско сиже, на кој може да се гледа и како на засебно уметничко дело.
Музичарите кои свират на овој албум, покрај Печар, кој е композитор и автор на поголемиот дел од текстовите и музиката, се Душан Герзиќ Гера (саксофон и тапани), Мишко Петровиќ Плави (гитара), и секако, ВД и Милан како гости на неколку песни. Од другите куриозитети поврзани со овој албум, податокот дека е испечатен во мал тираж од само 3000 примероци, а најзначаен е оној поврзан со вокалистката Мира Мијатовиќ, која беше ќерка на тогашниот Претседател на СФРЈ, Цветин Мијатовиќ. Таа имаше и сестра Маја, а нивна маќеа беше легендарната актерка Мира Ступица. Тие биле бунтовни девојки кои користејќи ја моќта на своите родители, организирале легендарни журки на Дедиње. Подоцна нивната приказна добива тажен крај откако влегуваат во „хероинскиот пекол“ кој изеде многу деца од музичката сцена. Бојан Печар, пак, почина во Лондон во март 1998 година од срцев удар.
Но, да се вратиме на убавиот дел од приказната, она што останува вечно – музиката, или во поширок контекст, уметничкото дело кое го оставате зад себе. „Совршен ден за банана риби“ е совршен музички материјал за добро расположение, од текстови, преку музика, па се’ до завршниот момент – парчето хедонизам кое човек одвреме-навреме треба да си го дозволи во овие луди времиња. Затоа, Ви благодарам на вниманието, бујрум цел албум, и – уживајте во неговата магија, што друго!? 😉