Феноменот „Pulp fiction“

Кога човек сака да се потсети на некои убави времиња, вообичаено реченицата ја започнува со „како да беше вчера…“ Тоа, секако, најчесто е поради „жал за младоста“, и некои чувства и состојби низ кои сте поминале, а подоцна речиси никогаш, или сосема ретко, повторно сте ги доживеале. И навистина, кога поминаа три децении од премиерата на нaјвозбудливиот филм на сите времиња, после кој времето во филмската историја се смета пред и по прикажувањето на „Pulp fiction“. Ова ремек-дело на откачениот Квентин Тарантино ја преврте поп културата на глава, и по три децении се’ уште е вредно за почит, затоа што претставува вистинска филмска лектира, вистински учебник како треба да изгледа еден возбудлив модерен филм кој им се допаѓа на сите генерации, без исклучоци.

Годината е 1994. По летната сезона започнува есенскиот репертоар во кино „Центар“ (денешен кино „Милениум“) со новите премиери, а главен хит меѓу нив, секако, е актуелниот добитник на „Златната палма“ во Кан, „Евтини приказни“, како што гласеше дистрибутерскиот превод на филмот. Видеотекарството го достигнува врвот, Македонците гледаат филмови ко луди, но сепак главен „филм“ беше тие да се погледнат на големото платно, како што и заслужуваат. А кината, фала Богу, се’ уште функкционираа по инерција, и таму можеа да се видат вистинските бисери од актуелната светска филмска сцена. Меѓу нив и „Pulp fiction“.

Токму од тој филмофилски, видеотекарски свет од Лос Анѓелес доаѓаше и nerd-от Тарантино, кој претходно комплетно не’ полуде со првенецот „Reservoir dogs“, „Касапски кучиња“ по нашки, голем видеотекарски хит во Скопје. Оттаму дознавме за тој чуден тип од Л.А. кој не знае да престане да зборува, и ако му правиш друштво на забава, ќе ти ја раскаже целата филмска историја за неполн час, како во сцената од филмот „Sleep with me“ на Рори Кели исто така од 1994 година, кога „драпа“ две и кусур минути за „Топ ган“. Но, како предигра на сето ова, мора да го споменеме прекрасниот филм „True romance“ на Тони Скот од 1993 година, кој долго време играше на репертоарот на „Вардар“ 1 и 2, преку кој исто така се запознавме со генијалноста на мајсторот Тарантино, кој како и во „Евтини приказни“, го потпишува сценариото заедно со Роџер Ејвери.

Што е она што „Евтини приказни“ го издвои од останатата „евтина“ холивудска продукција? Да тргнеме од насловот. Зборот „pulp“ ја содржи таа одредница која вели дека се работи за популарно и сензационалистичко пишување кое на крајот сепак е со сиромашен квалитет, како детективските романи популарни во 50-те и 60-те години. Играјќи на таа карта, Тарантино оваа популарна „палп“ приказна ја носи на следното ниво благодарение на неговото познавање на филмската уметност, и од секојдневните ликови од педградието создава вистински (анти)херои во кои секој ќе се препознае и со кои секој ќе се идентификува. Кога на тоа ќе се додаде и „играњето“ со внатрешното филмско време, тогаш добивате полн погодок. Не е исто доколку „Pulp fiction“ го гледате како тече со линеарно време, од точка „А“ до точка „Б“, и вака како што е направен. Има гоооолема разлика, и во неа лежи сета возбуда на ова ремек-дело.

И ако за ликовите констатиравме дека се лузери од секојдневието, тогаш актерите кои ги играат се засебна приказна. Да почнеме од Џон Траволта. Ѕвездата на „Брилијантин“ и „Треска на саботната вечер“ од 70-те години живееше просечен актерски живот додека токму Тарантино не го извлече од нафталин и не му ја даде антологиската улога на нежниот мафијаш Винсент Вега, кој во пар со Семјуел Л. Џексон како Џулс, се пеколна, добитна комбинација. Џулс е оној кој пред секоја фрка цитира дел од Библијата (Езекиј 25: 17), со што Холивуд конечно комплетно се балканизираше, ако го земеме предвид фактот дека и овдешните дунстери со пиштоли се побожни верници пред да направат некој кретенска ѓурултија.

Ума Турман е особена приказна. Тарантино беше вљубен во неа. Таа со Траволта го одигра легендарниот танц во ресторанот, после кој светот полуде. Башка маестрално одиграната сцена со овердоузот, кога Ленс (Ерик Столц) и’ брца шприц во срцето за да ја врати во живот. На тоа ниво на срчан адреналин филмот не’ држи уште од почетокот, со воведната сцена во која брилјираат Тим Рот и Аманда Пламер. „Everybody be cool this is a robbery! Any of you fuckin’ pricks move and I’ll execute every motherfucking last one of you“, вреска Хани-бани, која заедно со Пампкин, и покрај совршениот план за грабеж, ќе го подвиткаат опашот меѓу нозете и достојно ќе излезат од типичното американско кафуле за кафе, јајца и сланина.

А што да кажеме за Винг Рајмс како незгодниот Марселус Валас кој, кутриот, по антологиската приказна за „масажата на стапалата“ ќе се најде во една продавница во предградието каде ќе му стават црвено топче во устата и… тиииит! Прекрасни улоги имаат и Брус Вилис како Буч и португалската актерка Марија де Медеирос како негова партнерка, во сцената во која во фокусот е Зед. But, „Zed’s dead, baby, Zed’s dead!“ И генерално, ова е филм со филмски реплики и референци кои долго се паметат, и кои во меѓувреме станаа дел од општата култура на глобалното село.

Епизодните улоги на Харви Кајтел и на самиот Тарантино исто така се приказна за себе. Мистер Волф е човекот кој доколку некој забрља, доаѓа се’ да среди и да биде цакум-пакум. Тарантино пак, како папучар кој не смее да и’ писне на жена му, појавувањето на филм го доведува на ново ниво, откако неколку децении пред него големиот Алфред Хичкок со камео појавувањата во своите филмови постави основа на која потоа многумина се обидоа да се приклучат. Но не како Квентин, бејби, не како Квентин. Тој дркаџија баш изгледа кул во неговите остварувања 😉

Има уште многу работи за пишување, во овие триесет изминати години се објавија еден куп работи од различни аспекти за овој филм, но ќе оставам простор и за вашата љубопитност малку да истражите и да се потсетите зошто „Евтини приказни“ и ден-денс кога ќе го начекате на кабловска, оставате се’ што дотогаш сте работеле, и седнувате да го гледате. Од пола – од пола, нема везе.

Јас само да му заблагодарам на човекот што ни подари таков филм, или подобро, такви филмови, затоа што следеа уште многу легендарни остварувања кои филмографијата на Тарантино ја прават безамлку совршена. И да не заборавам една битна работа: на отслужување на воениот рок во АРМ токму книгата за Тарантино на која често и’ се навраќав, во комбинација со усната хармоника за стражарските денови (и обете подароци од девојката и другарите), во тие девет месеци голгота, на некој начин, ми го олеснија животот.

И за крај на овој осврт кон јубилејот „30 години Евтини приказни“, простор за легендарниот саундтрак. Неверојатен избор на теми од џубоксот на Тарантино, кои ја обележаа последната деценија од 20 век. Немаше журка во Мусандра и во останатите градски клубови кои работеа со полна пареа до рано наутро, да не се пушти барем некоја тема од овој музички мастерпис. Затоа, за заокружување на Pulp fiction приказната, бујрум саундтракот во целост, за танцување до препотување!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *