Откако се појави, рокенролот претставува еден вид на огледало во кое особено прецизно се гледа сликата на општеството и културата. И додека во таа слика на интернационален план доминираат модата и воопштувањата кои се неопходни за рокенролот да биде прифатлив за сите на Земјината топка, во сликата на национален план често доминираат критички елементи на бунт и незадоволство кои играат примарна улога во поттикнувањето на рокерската имагинација. Рокенролот, односно неговата главна струја, никогаш не престана да биде глас на совеста, отворено реагирајќи на разни неправди.
Ако е тоа точно, каква слика за младите во денешна Србија може да се добие на основа на слушањето на поновата рокенрол продукција? Вистина, базирана е врз мал примерок – преслушав само 7-8 понови компакт дискови од српските рок-групи, но верувам дека и значително поголем примерок би дал слични резултати.
Рокерскиот глас често е глас на самотија, предизвикан од неспособноста на поединецот да се прилагоди на општеството, односно, многу почесто, неподготвеноста на општеството да ја прифати „неприлагодената“ млада личност. Тоа добро се воочува во песните на групата „Репетитор“ која пее, на пример, „мојот живот не е во мои раце“, „не ми треба никој да ми каже дека ме сака“, потоа, потресните стихови „десет пати неделно сфаќам дека сум жив, но никогаш не знам што да правам со тоа“… Стравот од системот, пак, се препознава во „орвеловските“ стихови „ќе земат цевче мозокот да ти го испијат“.
Групата „Слаптрап“ на сличен начин укажува на телевизијата како извор на злото: „на ТВ нешто нудат, баш се обидуваат да ме полудат“. Во друга песна, иронично го советуваат младиот човек: „Продај се за големи пари, биди убав и глупав, уживај во животот“, но исто така и констатираат „не сакам да се спуштам во калта на овој град“. Тоа е истата таа кал за која во истоимената песна пее групата „Клопка за пионира“. Тие велат: „Калта всушност е насекаде – калта те гази – калта не заминува – калливо утре – каллив однатре“.
Каква млада личност ќе порасне во таа духовна кал? Тоа е личност која, не успевајќи да се ослободи од калта, станува деструктивна, неспособна да сака и да биде сакана. За таква личност, верувам, зборува песната „Омраза“ на истата група: „Омразата на светот ми го исполнува срцето, се’ можам да разорам, да запалам и срушам, да почувствувам мир во душата; бидејќи кога мрзам јас постојам, а кога сакам – јас се плашам“. Ова е совршена слика на менталната состојба на младите српски (и, секако, на сите останати) јуришници кои сите проблеми сакаат да ги решат со ќотек, насилство и презир, бидејќи се плашат од убавите чувства. Во нивната свест нежноста е симбол на кукавичлук, а љубовта е симбол на поразот.
Во песната „Глутница“ на групата „Клопка за пионира“ тоа додатно се разјаснува: „Во глутница сонувам, на глутницата се поклонувам, во глутницата не ми е страв, глутницата може да убие“. Таа глутница „мисли наместо мене, гледа наместо мене“, и затоа „не ја напуштај глутницата, која ќе те штити, или си во глутница, или нема да постоиш“. За спротиставување на таквата идеологија неопходно е да се формира свој став, односно да се мисли со сопствената глава. Тоа го вели и групата „Репетитор“: „Гледам со свои очи, полека се ослободувам“.
Без него, без личниот став, младиот човек секогаш е во опасност да биде злоупотребен. Во времето во кое живееме тешко е да се одржиш на површина, објективно согледувајќи ја ситуацијата. Општеството, системот, околината главно не ги сакаат поединците кои покажуваат тенденција да бидат поинакви. „Оваа средина го држи под вода“, пее групата „Клопка за пионира“, „таа го дави, му два малку воздух, па му вели сега слави ме“. Значи, се’ си има сопствена цена и секоја лојалност се наплатува. После се’, мрачно ќе заклучи оваа група: „Кога зборот не вреди, пиштолот може да убеди, пиштолот решава недоразбирања, пиштолот може страстите да ги скроти“.
Да, мрачен е светот на младите денес во Србија, и мрачен е рокенролот што тие го создаваат. Тогаш, сосема е природно што групата „Нежни Далибор“ пее „И’ припаѓам само на маглата“, бидејќи таа потполно недефинирана зона, тоа магливо подрачје кое нема цврсто утврдени граници, претставува засолниште од светот во кое насилството е едно од ретките извесности. Но маглата не е доволна без зборови. Затоа понекогаш треба сериозно да се ислуша она што младите настојуваат да го изразат во своите стихови и во својата музика. Ако многу млади луѓе, да ја парафразирам групата „Клопка за пионира“, се чувствуваат како странци иако се дома, тогаш тоа е знак дека дошло време таа куќа да се среди и исчисти од разно-разни натрапници, да стане нивен вистински дом.
Автор: Давид Албахари (Текстот е објавен во „Политика“ во 2009 година)
Доколку сакате да го прочитате освртот кон последниот роман на српсклиот писател, повелете линк: