Последниот роман на Давид Албахари

На 30 јули минатата година не’ напушти Давид Албахари, еден од најзначајните писатели во регионот во последните децении од 20-иот и првите децении од 21 век. Насловот на неговиот последен роман е повеќезначен, и како да го носи крстот на она што Албахари веројатно и го очекувал набргу да се случи, неговото заминување на некое подобро место, таму некаде, каде ќе се дружи со великаните на домашната и светската книжевност. Малку пред оваа неминовност изјави дека дотогаш напишал се’ што сакал, но сепак, црвот проработел, и Албахари ни го подари неговиот последен (диктиран) роман, во кој брилјира на неколку рамништа.

Малкумина автори во 80-те и 90-те години на минатиот век знаеја да ме допрат со своите книжевни дела како Давид Албахари и Светислав Басара. Нивните збирки раскази за мене беа вистинска духовна храна, приказни од кои учев како се перцепира светот околу себе, а потоа истиот се претвора во прекрасна книжевност. „Opis smrti“ (1982) и „Fras u šupi“ (1984) на Албахари беа врвна проза исткаена во неверојатни раскази, додека стилски различниот Басара „контрираше“ со двете стожерни збирки во 80-те, „Priče u nestajanju“ (1982) и „Peking by Night“ (1985). Потоа дојдоа и романите, антологискиот „Fama o biciklistima“ (1987) и симпатичниот, но моќен „Цинк“ (1988). Сето понатаму е историја.

А таа, историјата, сакаше токму Басара да биде еден од промоторите на последниот роман на Албахари, во текот на фрагилниот и се’ уште фатален постпандемиски период, на средината на март 2022 година, време кога Албахари веќе оддаваше свесност за ситуацијата во која се наоѓаше, после долгогодишната борба со тешката болест. Според известувањето на медиумите, Басара изрекол една прилично точна реченица, која според моето читателско искуство со нивните досегашни дела, и на мене ми се провлече како општ впечаток читајќи го последниот роман на Албахари. Имено, Басара, низ шега, бидејќи со Албахари се повеќедецениски пријатели, меѓу другото, подвлекол дека како минувало времето, Давид станувал се’ поблизок до неговиот сензибилитет. Сигурно оваа „досетка“ предизвикала смеа кај присутните, но таа е толку точна што треба да се сфати и сериозно, како чиста вистина.

Албахари во својата библиографија има многу фази. Ако во 80-те беше фокусиран на расказите, во 90-те малку повеќе се посвети на романескната литература („Мамец“ е генијален!), во првата деценија од новиот милениум, по преселбата во Канада, продолжи да се доближува до својот совршен роман, но од овој период сепак би ги издвоил неговите есеи посветени на животот „таму“ и „овде“, кои претставуваат драгоцено сведоштво за односот кон Другиот, оној отаде големата бара. Во сите нив Албахари е свој и препознатлив, стилски врвен и секогаш на висина на задачата, навлегувајќи во темнините за да ги осветли барем за момент, со мало кандилце, сите оние очајувања кои го мачат обичниот човек, аутсајдерот, оној временски патник кој секогаш делува од маргините. Басара, пак, откако се врати од амбасадорувањето на Кипар, конечно почна да добива книжевни награди (НИН-ова награда за „Uspon i pad Parkinsonove bolesti“, 2006 и „Kontraendorfin“, 2020), но неговите дела стануваа се’ понедофатливи, барем за потписникот на овие редови. Така, двете поетики на двајцата српски писатели, сосема различни по сензибилитет, станаа уште подалечни, за конечно, со „Поговор“, Басара да ја каже клучната реченица за Албахари, со што обајцата влегуваат во „истиот книжевен кош“.

Како и за секое дело, но особено за ова на Албахари, многу важен момент е фокализацијата, или односот на авторот кон нарацијата во текстот. Терминот кој го искова францускиот книжевен теоретичар Жерар Жене вели дека фокализацијата е обид да се избегне двосмисленоста на поимот „точка на гледање“ и со тоа од наративната перспектива да се отстранат непосакуваните конотации. Жене дефинираше три вида на фокализации: првата, нулта фокализација, или не-фокусирана приказна, која се однесува на сезнајниот раскажувач, кој во однос на случувањата и ликовите во приказната може да заземе внатрешна или надворешна точка на гледиште. Во втората, внатрешна фокализација, раскажувачот го знае она што го знае и ликот. И третиот тип, надворешната фокализација, со која раскажувачот ги опишува ликовите како да ги набљудува отстрана, и не се меша во нивниот внатрешен живот.

Во романот на Албахари тој направил хибрид од сите три фокализации, и во зависност од тоа за кого раскажува, тој ја менува точката на гледиште, и затоа со некои од нив сме на „здраво“, но со други само за момент се допираме, и тие потоа како да исчезнуваат од читателското видно поле. Сето ова бара максимална концентрација при читањето на овој густ ракопис, кој иако е распослан само на 100 страници, ќе ви се причини како да го читате со денови.

Следиме приказна која има неколку наративни линии, кои не се издвоени со никакви поглавја, туку сето тоа интензивно си тече, дејствието се прелева од една реченица во друга, за потоа да продолжи со сосема поинаков тек. Авторот не’ носи на патување низ комлицираните патишта на африканско-европските врски и релации, пат на кој ќе ги запознаеме Кралот без кралство, чие делување, навидум небитно, сепак влијае врз милиони луѓе; потоа, Србинот Драган со привремен престој на Црниот континент; љубовниците Сулејман Сомалиецот и Германката Грета, како и еден куп споредни ликови кои го збогатуваат раскажувачкото милје. Притоа, Албахари во полн сјај не’ води низ лавиринтот на двата чудно поврзани континенти заумно играјќи си со историските вистини, скокајќи од периодот на Неврзаните па се’ до нововоспоставените релации на светската геополитичка мапа. На тоа патување се сретнуваме и со многу знаменити историски личности во неверојатно испреплетени ситуации, токму онака како што Басара со години го прави тоа во неговите книги.

Постмодерниот пристап на крајот од романот ни ги донесува пред очи Борхес и Набоков, тие два спротиставени, а толку блиски светови во делото на нивниот колега Албахари, чие делување на последните десетина страници од романот на места предизвикува вистинска смеа, сето тоа залиено со пар кригли точено пиво. И секако, не смееме да го прескокнеме впечатокот дека оваа книга, на автентичен начин, колку и да се чини аполитична, таа претставува рефлекс кон долгогодишната политичка состојба во матичната земја на авторот, доколку сакаме (и можеме) да читаме меѓу редови. Кралот е мртов – Да живее Кралот!

„Оваа книга, всушност, е книга за ненапишаниот роман кој има свое име, но јас не го знам. А ова е поговорот за романот кој се надевам дека ќе стигне до читателите, или до мене, во некоја поблиска или подалечна иднина. Се надевам поблиска“, изјави Албахари по излегувањето на романот во издание на „Чаробна књига“, заокружувајќи ја својата богата библиографија со уште едно вредно дело.

Ти благодарам, Давид, за сето она што го остави зад себе, дела кои ќе се читаат и препрочитуваат. И извини што се осмелив да се обратам со „ти“, некако те чувствувам за близок после сите овие години дружба со твоите приказни 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *