Пред три дена на 61-годишна возраст почина Стив Албини. Човекот во кој се крстеше светската алтернативна сцена замина ненајавено, впрочем, како што и делуваше целиот свој живот: тивко, ненаметливо, а многу битно. Едноставно, доколку сте успеале да се договорите со Албини да ви го продуцира албумот, тогаш гооооолема е веројатноста вашиот бенд да стане видлив. И влијателен. Тоа се случи безброј пати во минатите неколку децении, и така овој момак роден во Пасадена, но со адреса на живеење во Чикаго, си обезбеди бесмртност во музичката индустрија.
А токму тој термин, „музичка индустрија“, Албини воопшто не го сакал, бидејќи секогаш, според исказите на членовите на групите со кои соработувал, гледал да им излезе во пресрет. Деновиве кога сите пишуваат сеќавања и проштални писма до омилениот момак со кого соработувале, излегоа и четирите листа од писмото на Стив до момците од Нирвана напишано и пратено пред триесет и кусур години. Токму тоа ќе биде и содржината до крајот на овој текст, бидејќи во тие редови се крие суштината на неговиот светоглед. Ситуацијата била следната: Албини во сред продуцирање на новиот албум на Fugazi, наоѓа време да чкртне пар зборови до момците од Сиетл, во име на нивната потенцијална соработка:
Се надевам дека немате проблем со англискиот јазик, и дека писмото до Курт, Дејв и Крис ќе го „голтнете“ во целост. За мене е фасцинантен податокот што Албини се нафатил да го продуцира „In utero“ на тогаш ултра-популарните „Нирвана“ само две години по светскиот успех на „Nevermind“. За такво нешто навистина требаат мадиња, бидејќи по албум кој ја одбележа не само кариерата на бендот, туку и целиот звук од Сиетл во деведесеттите, никој не знаел кон каде требало да се движи следниот материјал, па дури ни самите членови на бендот. Но, Албини знаел, бидејќи секогаш имал џокер во ракавот. Тој бил техно-фрик и повеќе сакал да го нарекуваат „инженер на звукот“, отколку она помодното – „продуцент“. Типчето навистина и физички изгледаше како да завршил „Електро“ во Скопје 🙂 Еве ги на увид и (по)следните две страници од писмото до „Нирвана“:
И на крајот, да додадам дека Албини бил сосема задоволен од продукцијата на албумот на „Нирвана“, кој потоа ќе испадне дека ќе биде нивната „лебедова песна“, но самиот Кобеин не бил баш, па одредени фаци од музичката компанија сепак платиле уште некоја додатна лова за песните малку да се „доиспеглаат“. Курт изјавувал дека кога ги слушнал прв пат, не ги замислувал баш така, но како течело времето, се’ повеќе му се допаѓале како испаднале под палката на Албини. Сепак, на крајот претрпеле мали, но значителни измени во финалниот микс на звукот. Како и да е, Албини, како што нагласува во писмото, не земал ниту долар повеќе за неговата работа, а можел. Збор си е збор, принцип си е принцип, и тој не се погазува. Хонорарот од сто илјади долари во моментот му се чинел сосема доволен за неговото учество во работата, која највеќе зависела од креативноста на самиот бенд. Затоа „In utero“ за многумина е подобар албум од „Nevermind“.
Така Албини уште еднаш покажал став, и иако неговата авторска музика никогаш не ми легнала нешто особено на увце (Big black, Shellac…), сепак, му оддавам почит поради тоа што ги продуцираше некои од моите омилени бендови и албуми во младоста, оние кои претежно циркулираа околу етикетата „Touch and Go“. Доволно е да споменеме некои од нив, и сликата да стане појасна: Slint, Brainiac, The Jesus Lizard, Bellini, Arcwelder, Silkworm, Mono, The Pixies, Tar, The Poster Children, Bush, the Jon Spencer Blues Explosion, Helmet, PJ Harvey, Fugazi, Mule, Nirvana…
Лесен пат, друже Албини!