Библија

Приказната за Библијата е повеќезначна, повеќеслојна, и уште многу повеќе-толкувачки аспекти кои посветените изучувачи можат да ни ги „подарат“. Веројатно постојат многу „нај-Библии“ во светот, но во овој краток приказ се фокусираме на најстарата комплетно зачувана илустрирана Библија од почетокот на 5 век, како и на првата испечатена Библија, која предизвикала реформација на црквата.

Најстарата и најкомплетно зачуваната библија е позната како „Етиопска библија“. Таа е напишана на козја кожа, и истовремено е и првата илустрирана христијанска библија во светот, создадена некаде во раниот петти век, на чии страници боите се сè уште живи, благодарение на Фондот за наследство на Етиопија, кој го конзервираше изданието.

Откриена е во еден од многубројните етиопски манастири од страна на Аба Гарима, еден од деветте светци во оваа африканска земја, кој во 494 година дошол од Константинопол во Етиопија и го открил ова безвременско чудо. Се верува дека таа никогаш не го напуштила манастирот каде била пронајдена, кој оттогаш го носи името токму на Аба Гарима.

Десет века подоцна, еден човек ја создал машината која можела да печати книги, и со тоа комплетно го сменил начинот на комуникација меѓу луѓето во средновековието. Се разбира, првата испечатена книга била Библијата, позната како „Гутенберговата библија“, според презимето на нејзиниот изумител, Јоханес Гутенберг, чија работилница во Мајнц предизвикала вистинска „револуција“ на умот, но и реформација на црката и на нејзиното дотогашно учење.

Се верува дека првото издание на печатената Библија е со тираж од 180 примероци, кои можеле да се добијат со преднарачка. Постоеле две верзии, едната основна, поевтина, и другата поскапа, со додатни илуминации на страниците, вклучувајќи илустрации во боја. Таа имала 1286 страници на кои евангелијата биле претставени во две колони со по 42 реда. Денес постојат 49 зачувани Библии во светот од тоа прво Гутенбергово издание, од кои 21 се комплетни.

За повеќе детали, се разбира, можете и сами да се потрудите и да истражите, бидејќи она што пресата на Гутенберг претставувала во средниот век, тоа е денес Интернетот кој секојдневно го користиме. За крај, информацијата која веројатно сите ја знаеме, дека и после толку векови, нормално, токму Библијата е најпечатената, најпродаваната и (веројатно) најчитаната книга на сите времиња.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *