„Падот на Масада“ од Андоновски во Драмски

Масада е древна тврдина во јужниот дел на Израел, која се наоѓа на врвот од изолирана карпа во форма на плато, на источниот дел од Јудејската пустина, крај Мртвото Море, 20 километри источно од Арад. Историчарот Јосиф Флавиј во своите списи запишал дека Ирод Први Големиот изградил палата за себе на планината, и ја утврдил Масада во годините меѓу 37 и 31 година п.н.е. Тврдината била последното упориште на крајот од првата Еврејско-Римска војна, кога трупите на Римското Царство извршиле опсада и со месеци се обидувале да ја заземат. Оваа историска приказна завршила со масовно самоубиство на 960 луѓе – сикариски бунтовници и нивните семејства кои се криеле таму. Масада денес е едно од најпопуларните туристички места во Израел, и како значенски термин често метафорично се користи за храброст, одважност, издржливост, непокорност… Токму овие значење во својот актуелен  драмски текст поставен во „Драмски театар“ во Скопје ги преиспитува Венко Андоновски, со фокус на прашањето за убиството и самоубиството.

„Вреди ли да се даде животот за идеја, и да се изврши самоубиство? Вреди ли да се бориш за татковина, ако притоа своите деца ги оставаш без татко? Ако животот е само еден, дали чинот на самоубиството за идеал може да се нарече херојско дело? Можеби самоубиството некогаш било највозвишен чин, но во денешниов егоистичен свет изгледа бесмислено да се посегнува по сопствениот живот заради возвишена идеја која нуди подобар свет, затоа што сите големи идеи за подобар свет доживеаја пораз од „верници“, меѓу кои повеќето се  „предавници“ што повеќе сакаат да лежат на земја и да ја гледаат убавината на облаците на небото, одошто да гинат за бесмислени и однапред пропаднати мега-историски наративи“, се вели во текстот кој ја најавува претставата во режија на Дејан Пројковски, чија премиера се случи на крајот од минатата година, поточно, на 28 декември 2023 година.

Низ шест различни приказни, со рамномерно распределена минутажа за секоја од нив, претставата се обидува да навлезе во сржта на наметнатата проблематика, притоа постојано провлекувајќи го и големото прашање: Што е поважно денес – човекот или големата идеја? Сцената е онаа стандардната, на штиците во Драмскиот театар, но публиката е дел од неа, близу до актерите, за да може и таа повремено да биде активен дел од случувањата во дејствието. Протагонистите неретко ги прашуваат гледачите одредени прашања очекувајќи одговори, па дури и суд дали некој од ликовите постапил добро или лошо. Тоа создава фина динамика, правејќи од сцената заедничка платформа за дејство, за размена на енергија, мисли, плуканки, крв, пот… сето тоа со цел барем малку да се разјаснат недоумиците што авторот на текстот ги поставува пред присутните.

Сепак, клучен играч во целава приказна е режисерот. Пројковски фино ја разиграл екипата на сцената, давајќи им улога на активно присуство и на техничкиот дел од театарот. Тоа не е нешто ново и невидено досега, но функционира. И не само тоа, секој дел си има своја функционална целина, токму толку колку што е потребно за да се долови драмата, да се достигне врвот, крешендото, така ослободувајќи го духот од ламбата кој долго време посакувал да биде слободен.

Воведниот дел припаѓа токму на приказната за Масада, на Исус, на љубовницата и проститутката, на чинот на простувањето… Како контрапункт на таа историска епизода, се катапултираме на почетокот од 20 век, на комитските маки и на изборот помеѓу херојската смрт и фантомот на слободата, наспроти семејниот живот и љубовта во окови. Историјата се повторува како фарса, натопена со дозиран национален патос.

Неколку декади подоцна, на сцената се соочуваме со приказната дали треба да се спаси најголемиот сатрап на минатиот век со дарување на нов, здрав орган кој нема цироза, и тоа од претставничка на омразените Евреи, иако истиот (не)човек е виновен за смртта на 40 милиони невини жртви. Терористот, пак, сретнувајќи туристи од Балканот, сфаќа дека на светов има и полуди од него, кои доаѓаат од сосема мирнодопски услови. Но црвот јаде ли јаде…

Така стигнуваме до прочистувачкиот факт дека светот е претворен во една голема лудница, дека самата историја е една голема лудница, дека сите ние сме пиони кои играме одредени улоги, дека ЕУ е старата неморална дама која игра превртлива игра, дека сите ние секојдневно го туркаме каменот како модерни Сизифовци, и нема кој да не’ чуе, бидејќи никој никого не сака да чуе.

Тандемот Андоновски-Пројковси, заедно со динамичниот актерски ансамбл предовден од одличните Степанулеску и Трајковиќ, создале гледлива претстава која отвора прашања, што е и една од целите на секое уметничко дело. „Падот на Масада“ можеби нема да биде најгледаната претстава на „Драмски театар“ затоа што и онака просторот за публиката е лимитиран, но се чини дека столчињата на сцената секогаш ќе бидат исполнети до последното место, бидејќи оваа претстава го заслужува тоа. А потоа, секој со својот крст на грбот…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *