Сент Паули, анархо-панк на трибините и на тревникот

Фудбалскиот клуб Сент Паули, по тринаесетгодишна пауза, следната сезона повторно ќе игра во елитната „Бундеслига“. Со тоа се случи еден преседан – тие за прв пат ќе играат во лига од повисок ранг од попознатиот тим од истиот град, Хамбургер, некогашниот европски шампион, кој во 1983 година во Атина го совлада Јувентус со 1-0 во финалето на КЕШ, со голот на Феликс Магат. На тој начин навивачите на Сент Паули за прв пат ќе почувствуваат како е да се биде број еден во својот град, со надеж дека тоа ќе потрае и во следните сезони.

Приказната за германскиот професионален фудбалски клуб со седиште во областа Сент Паули во Хамбург е повеќезначна. Имено, Сент Паули е миленик на левичарите, анархистите и социјалистите, и е во комплетна сопственост на навивачите. Поради сето ова Сент Паули многумина го нарекуваат и клуб на панкери, „етикета“ која се поврзува со нив уште од почетокот на 80-те, кога во екот на хулиганизмот (се сеќавате на жртвите на бриселскиот “Хејсел“ во 1985 год.) беа први кои забранија истакнување на десничарски пароли на својот стадион.

Нивното „алтернативно“ размислување започнало уште во 1963 година, кога била формирана „Бундеслигата“, и кога клубот потпишал со Гај Аколасте, првиот црн професионален фудбалер кој заиграл на терените во Германија. Врвот на популарноста го стекнаа во 90-те, кога редовно го полнеа стадионот со преку 20 илјади гледачи иако играа во пониските рангови, а популарноста ја проширија со помош на интернет глобализацијата. Инаку, фудбалскиот клуб од истоимената хамбуршка област е дел од поголем спортски колектив во кој фигурираат и тимовите за рагби, бејзбол, куглање, бокс, шах, велосипедизам, ракомет, ролер дерби, софтбол, пинг-понг и маратон. Се’ панкерски спортови 🙂

Во средината на 80-те започна преминот на Сент Паули од стандарден традиционален клуб во „култен“ клуб. Клубот во своја полза ја претвори и локацијата во пристанишниот дел од градот, во близина на познатиот „Рипербан“ во Хамбург – центарот на ноќниот живот, каде се наоѓа и „квартот на црвените фенери“. Полека почна да се појавува и алтернативната навивачка сцена изградена околу левичарската политика и општествениот активизам, кои правеа автентична атмосфера на натпреварите. Поддржувачите ги присвоија черепот и вкрстените коски како свој неофицијален амблем, кој потоа дизајнерот Стеф Браун го стилизираше, додавајќи го под нив и името на клубот. Во јануари 2020 година, знамето со черепот и вкрстените коски од страна на Обединетото Кралство беше ставено во водич испратен до работниците во јавниот сектор како дел од борбата против тероризмот, за да се забележи потенцијален екстремизам, што предизвика јавна реакција од велшкиот дефанзивец кој играше во Сент Паули, Џејмс Лоренс.

Во раните 1990-ти, медиумите во Германија почнаа да го препознаваат култ-имиџот на клубот, фокусирајќи се на панкерскиот дел од фан-базата во ТВ преносите на натпреварите. Но клубот постојано гравитираше меѓу првата, втората и третата лига, не можејќи да задржи стабилен лигашки статус. Дното го достигнаа во 2003-та кога испаднаа во третата лига, и оттогаш навивачите почнаа со низа добротворни акции за враќање на клубот во елитата. Тие испечатија маици со грбот на клубот опкружен со зборот „Retter“ („спасител“) и во рок од шест недели беа продадени повеќе од 140.000 маички, средства употребени за спас на тимот. Но клубот беше активен и во однос на добротворни цели со глобален импакт. На пример, во 2005 година тимот и навивачите ја иницираа кампањата „Viva con Agua de Sankt Pauli“, со која собраа пари за дозери за вода за училиштата во Куба, потоа, за чиста вода во завојуваната Руанда, итн, со што уште еднаш ја покажаа моќта на заедничкото делување. Цареви!

Повеќето од навивачите на тимот се сметаат себеси за антирасисти, антифашисти, антихомофобични и антисексисти, а тоа повремено ги доведува во конфликт со неонацистите и хулиганите на гостинските натпревари. Нивната организација усвои отворен став против расизмот, фашизмот, сексизмот и хомофобијата и ја отелотвори оваа позиција во нивниот спортски устав. Поддржувачите на тимот традиционално учествуваат на демонстрациите во областа Сент Паули во Хамбург, вклучувајќи ги и оние за сквотирање или домувања со ниски приходи, како што се „Хафенштрасе“ и „Бамбуле“. Сент Паули има и група на поддржувачи во Англија – „Јоркшир Сент Паули“.

Поради своите левичарски политички гледишта, навивачите на Сент Паули имаат блиски релации со навивачите на Баерн Минхен, Вердер, Тернана, Сампдорија, Рајо Ваљекано, Хапоел Тел Авив, АЕК Атина, Олимпик Марсеј, Селтик, Венеција, Козенца, Стандард Лиеж, Бохемијанс 1905 и Јунајтед оф Манчестер (нисколигаши). Групата „Ultrá Sankt Pauli“ има посебно пријателство со групата „Schickeria München“, од ултрас сцената на Баерн Минхен. Транспарентот на „Шикерија Минхен“ повремено се истакнува на стадионот „Милернтор“, а знамето на „Ултра Санкт Паули“ – со сликата на Че Гевара – на „Алијанц“ Арената. И обете групи се членови на меѓународната антифашистичка мрежа „Alerta Network“.

Сент Паули е светски симбол за панкот и сродните субкултури. Логото со черепот и вкрстените коски, заедно со кафеаво-белите фудбалски дресови на тимот честопати ги носат уметници, како момците од бендовите „Asian Dub Foundation“, „Gaslight Anthem“ и „Panteon Rococo“. Заша Кониецко, фронтменот на хамбуршкиот панк бенд „КМФДМ“ е препознатлив обожавател на Сент Паули, кој постави огромна слика со тупаница која крши свастика на главната страница на неговиот бенд, со натпис „Навивачите на Сент Паули против десницата“. И момците од американскиот панк бенд „Anti-Flag“ можеа да се видат облечени во маички од Сент Паули во бројните музички спотови за песните од нивниот албум „American Fall“.

Други познати поддржувачи на клубот се Ендрју Елдрич, пејачот на култниот бенд „The Sisters of Mercy“, потоа, Георг Холм, басистот на исландскиот пост-рок бенд „Sigur Ros“, кој настапи на неколку фестивали облечен во дрес од Сент Паули, Крис Урбанович често ја носи маицата со черепот и вкрстените коски, како и неколку музичари од германски бендови, кои припаѓаат на андерграунд сцената. Исто така, многу бендови напишаа и песни за Сент Паули, опевајќи ја нивната храброст и борбеност на теренот, но и онаа на навивачите на трибините. Клубот се гордее и со фактот дека има најголем број на женски навивачи во целиот германски фудбал. Во 2002 година, рекламите за машкото списание „Максим“ беа отстранети од стадионот „Милернтор“ како одговор на протестите на обожавателите поради сексистичките претстави на жените во нив.

Сент Паули е првиот клуб во Германија кој донесе „Основни принципи“ (Leitlinien) според кои треба да се води клубот, донесени со огромно мнозинство на годишното генерално собрание во 2009 година. Еве ги, во продолжение:

– Во својата севкупност, составена од членови, персонал, навивачи и почесни службеници, ФК Сент Паули е дел од општеството со кое е опкружен и затоа е под влијание и директно и индиректно од општествените промени во политичката, културната и социјалната сфера

– ФК Сент Паули е свесен за општествената одговорност и ги застапува интересите на своите членови, персоналот, навивачите и почесните службеници за прашања кои не се ограничени само на спортската сфера

–  ФК Сент Паули е клуб на одредена градска област, и токму на тоа му го должи својот идентитет. Ова му дава општествена и политичка одговорност во однос на областа и луѓето што живеат таму

– ФК Сент Паули има за цел да пренесе одредено чувство за животот и ја симболизира спортската автентичност. Ова им овозможува на луѓето да се идентификуваат со клубот независно од какви било спортски успеси што може да ги постигне. Суштинските карактеристики на клубот што го поттикнуваат ова чувство на идентификација треба да се почитуваат, промовираат и зачуваат

– Толеранцијата и почитувањето во меѓусебните човечки односи се важни столбови на филозофијата на Сент Паули

Боите на дресовите на клубот се кафеаво-бели, со што е задржана традицијата од формирањето во 1910 година. Омилена боја на навивачите, се разбира, е црната. Во 2020 година, барајќи добавувач на спортска опрема кој ќе ги исполни нивните еколошки и етички барања, а не можејќи да го најде, Сент Паули основаше сопствен бренд, „Di!Y“ (Do It. Improve Yourself). Од сезоната 2021-2022, фудбалерите на овој клуб носат спортски комплети направени токму од „Di!Y“.

ФК Сент Паули ги игра домашните натпревари на стадионот „Милернтор“. Изградбата на стадионот започнала во 1961 година, но неговото финиширање било одложено до 1963 година, бидејќи на почетокот немало одводен систем, па на теренот да не можело да се игра по дожд. Во 1970 година стадионот бил преименуван во „Вилхелм Кох“ во чест на поранешниот претседател на клубот. Сепак, ова име станало контраверзно кога историчарот Рене Мартенс открил дека тој бил член на Нацистичката партија за време на војната, како што е наведено во неговата книга од 1997 година „ФК Сент Паули – никогаш нема да одиш сам“. По протестите на навивачите, името „Millerntor-Stadion“ било вратено во 1999 година.

Сент Паули ги отвора своите домашни натпревари со песната „Hells Bells“ од AC/DC, а по секој даден гол на домашен терен се пушта „Song 2“ од Blur. Клубот неколку пати се појавуваше во пред-сезоната на хеви метал фестивалот „Wacken Open Air“. Тие беа домаќини и на „FIFI Wild Cup“ во 2006 година (паралелен настан со официјалното светско првенство на ФИФА одржано истата година во Германија), турнир составен од непризнаени фудбалски репрезентации како Гренланд, Тибет и Занзибар. Тие учествуваа како „Република Сент Паули“.

Од куриозитетите поврзани со клубот, да споменеме дека во 2008 година „Nike“ му даде значење на Сент Паули со креирање на две ексклузивни обувки наречени „Dunk“, и двете издадени во ограничени количини. „High Dunk“ (со црна боја и симболот на черепот и вкрстените коски) беа пуштени во продажба во сите земји низ Европа, со произведени само 500 пара. „Low Dunk“ (со мазна бела боја и со логото на тимот импрегнирано во кожа на страничната плоча) беа пуштени во продажба само во продавниците во Германија, Швајцарија и Австрија, со произведени само 150 пара.

И така, оваа хипстерска приказна продолжува и понатаму да се тркала, од следната сезона во елитната „Бундеслига“. Да му посакаме среќа на хамбуршкиот клуб што повеќе да се натпреварува во елитната германска лига, а зошто да не и во европските натпреварувања, клубот кој одамна ја надминаа популарноста на Битлси, кои во далечната 1962 година настапуваа во нивниот град. Oi! Oi! Oi!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *