„ЈУГОСЛАВИЈА, МОЈА ДЕЖЕЛА“ од Горан Војновиќ

„Југославија, моја дежела“ раскажува за триесетгодишниот Владан Боројевиќ, кој со својата мајка живее во љубљанскиот кварт „Фужине“, метафора за „Југославија во мало“, место кое постојано се менува и добива нов облик. Тој преку Интернет дознава дека неговиот татко, поранешен офицер на ЈНА, не е мртов, како што му кажала неговата мајка пред седумнаесет години. Владан, кој е дете од мешан брак, веднаш тргнува на патување низ бившите југословенски републики за да ја дознае вистината за сопствениот татко и неговото семејство. На тоа патување, Војнович на прекрасен начин успева попатно да ги протне големите прашања за смислата на војната, семејството, жртвувањето, отуѓувањето… Насловот на романот е мотивиран од популарната парола во осумдесетите години во Словенија, која гласи: „Словенија, моја дежела“.

Горан Војновиќ (1980, Љубљана) е словенечки режисер, писател и колумнист. Автор е на романите: „Јужњаци, марш“ (2008) и „Југославија, моја дежела“ (2012), за кои ја добива престижната „Кресникова награда”, а годинава е актуелен со новиот роман насловен „Смоква“ (2016).

Извадок од книгата

„Кого барате?“

„Добар ден. Барам еден господин, кој живее тука. Не знам како му е името“.

Госпоѓата Бабиќ веќе ме погледна со сомнителен поглед и претпоставував дека е убедена, дека сакам да ѝ откорнам некоја гранка од коприва или да се исфиксам на нејзиниот бришач за нозе.

„Господинот го заборавил паричникот во гостилницата преку патот, но нема никакви документи во него. Само сакав да му го вратам“.

„Господинот Здравковиќ веќе не живее тука речиси три години“.

Климнав со главата, а госпоѓата Бабиќ го пресретна мојот скептичен поглед на купот со весници, кој лежеше на бришачот за нозе.

„Овие весници на господинот Томислав му ги остава некое момче. Веќе три години се обидувам да го пресретнам, за да му кажам дека се исели, но тој секогаш доаѓа во некоја чудна доба. А потоа јас ги читам и ги фрлам. За да не собираат прашина“.

Со својот препознатлив стил, остриот и жив јазик, со умешното и луцидно раскажување, авторот во својот роман ги демитологизира Југославија и Балканот и на новите генерации им овозможува еден поширок и понепосреден поглед на она што се случуваше во војната во 90-те години на просторот на некогашната заедница. Книгата го поставува прашањето за смислата на сите војни, прашањето на злото, на вината, прашањето за односот татко-син, како и прашањето дали злосторствата можат да се оправдаат и дали децата треба да ги плаќаат гревовите на своите родители.

Според романот „Југославија, моја дежела“, култното Словенско младинско гледалишче ја постави истоимената претстава која долго време ги полнеше театарските сали во матичната земја и ширум Балканот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *