Кон албумот „Метаградот на Серава“ на Александар Пејовски

За да не биде муабетот дека се работи за првоаприлска шега, ден потоа излезе новиот албум „Метаградот на Серава“ на Александар Пејовски, во издание на „Шарла рекордс“. Станува збор за единствениот современ македонски композитор чиј нов материјал секогаш го очекувам со нетрпение, затоа што Пејовски не објавува било што, туку музика што останува за навек. Неговите албуми се во редот на оние универзални убавини на кои секогаш со драга волја можете да им се навраќате, повторно и повторно откривајќи нешто ново. На тој начин влегувате во комплетна симбиоза со музичките композиции со кои се дружите и заедно созревате, секогаш пристапувајќи си еден на друг на нов начин, со взаемна доза на искрена почит. Така меѓу слушателот и музичкото дело се создава жив организам кој постојано пулсира и создава нови емоции, понекогаш изненадучки свежи и полетни, како да откривате сосема нов, поинаков човек во себе. А зарем тоа не е една од целите на уметноста, да ви го открие новото „ЈАС“ во Вас 😉

Како и претходните, и новиот албум на Пејовски квантитативно не е долг, но квалитативно ве принудува на повторно преслушување и уживање. Не дека и претходно композиторот не си „играл“ со градот во кој живее и работи, но чинам дека „Метаградот на Серава“ е неговата најдиректна посвета на вакво или онакво Скопје. Навлегувајќи во неговото историско ткиво, Пејовски успеал да му вдахне длабочина каква одамна не сме чуле на еден материјал од домашни музичари. Вклучувајќи го ориенталниот момент, преку византиското пеење, па се’ до актуелниот момент со девастираната Газа, музичарот создава дело кое е отисок на времињата во кои паралелно егзистираме, времињата минати, сегашни и идни.

Осумте композиции содржат наслови кои плетат една длабоко продуховена историска приказна која ве тера да нурнете и да истражувате во значењата на зборовите, додека музиката го задоволува вашиот естетски код. Но, да почнеме од насловот. За помладите генерации кои можеби не знаат, освен Вардар, низ Скопје тече(ла) и реката Серава, составена од три помали планински реки, која се спушта од Скопска Црна Гора и се влева во Вардар, некаде кај денешно МАНУ. По Скопскиот земјотрес нејзиното корито низ градот е покриено и пополочено и таа денес е всушност главна канализациона артерија на северниот дел на градот од левиот брег на Вардар. Многу често самото име „Серава“ меѓу скопјаните се споменува во потсмешлив контекст, но во случајот со албумот на Пејовски, повеќе сакам да го „читам “ насловот во контекст на речната тајновитост, бидејќи таа е тука, гравитира под земјата, но сепак не ја гледаме. Исто како и неговата музика, која е тука, жива и присутна, но за жал, невидилива за медиумите и пошироката јавност. Но со ваков материјал така и треба да биде. Во спротивно, нештата сосема би се изјаловиле и таа би го изгубила својот квалитативен плашт со кој е обвиткана, за да може да медитира во тишината.

Албумот го отвора едноипол мунутната тема „Гази Иса-бег во смотра“. Музички, сосема соодветно интро кое ви соопштува дека следи приказна за метрополата во која се спојуваат светови, источни и западни, а историски, не’ потсетува на скопјанецот, високиот турски великодостојник, кој учествувал во освојувањето на Цариград и во падот на Византија во 1453 година. А по падот на Византија, светот веќе не бил ист. Џамијата на Иса-бег во Скопје е изградена посмртно како негово завештание, во 1475/6 година, и таа денес е единствената џамија во градот која има две куполи.

„Комшикапиџик – токата“ е прекрасна композиција во стилот на „North star“ на Филип Глас, во која е позајмен оној сеприсутен глас на „старо купујем“ кој во последниве години го слушаме низ сите скопски маала, и кој соопштува многу важна информација, „плаќаме на готово – нема чекање“. Во метаградот кој функционира на многу нивоа се’ е ставено на продажба, особено меѓукомшиските односи. Луѓето се отуѓени еден од друг, а цената на чинење е евтина – едно ѕидарско пиво пред кооперација. Парадоксот лежи во тоа што само Ромите, кои се најзагрозена малцинска етничка група – плаќаат во готово. И нема чекање!!!

Со сериозноста во пристапот, третата композиција насловена „Епигони во пајкомаалски кафез“ не’ наведува на помислата за оригиналноста на идеите и нивната реализација во реалноста. Дали ние, овде и сега, можеме да се пофалиме со нешто автентично, или се’ е веќе измислено? Дали пајкомаалските фраери се се’ уште автентични, или и нив ги изел забот на времето? Веројатно најлесно е да си епигон, затоа што, за жал, конформистите поминуваат најлесно на овие простори.

„Госпоѓата Серава Дижонска“ е на трагата на филмските теми, кои на Пејовски не му се непознати. Градот претворен во нежност претставува радикално поинаквување на стварноста. Одеднаш тој станува елегичен, претставен од дама со сите манири, но сето тоа трае кратко. Таа е хероина на еден ден. Можеби затоа и’ треба духовно прочистување. Понекогаш доволно е да го чуете ѕвоното од Султан-Муратовата џамија за да ги прескокнете границите, за да ги раскинете прангите во кои сте оковани и не се чувствувате слободни.

Тивко-полека, албумот веќе навлегол во длабоко духовна фаза без да го почувствувате тоа. А се’ е така лесно, како прелест. Во шестата и седмата тема на албумот, композиторот ни реоткрива скопски топоними кои паднале под превезот на заборавот, но тој звучно ги оживува преку црковното пеење на кое се слуша поењето на Ристо Солунчев и Христијан Моневски, за по него да следи смирувачка тема која го запира времето, и која не’ потсетува на Виргиновиот рид над реката Серава, кој некогаш бдеел и го чувал градот. Светите храмови кои некогаш постоеле никогаш не замираат. Како и музиката.

И на крајот, за затворање на албумот, 11-минутната композиција „Отаде ридот, ангелите од Газа, носат светлина“. Пејовски и на претходните албуми ужива во долгосвиречките излети, сумирајќи како емоција многу нешта во едно тело. Овој пат тој ја сублимира сета неправда на светот за која многумина неправедно премолчеа, создавајќи реквием за ангелите од Газа, чија светлина ќе бдее над човештвото уште долго, долго во наредните децении и векови. Звукот на челото ве разнесува на парчиња, како да сака да каже дека ништо не сме научиле од историјата, бидејќи таа немилосрдно се повторува. Со тоа музичарот премостува векови во само едно музичко парче, кое како филм се препелка пред нашите очи. А тоа да ти била стварноста која веќе е непрепознатлива. Фотографијата на Ѓорѓи Клинчаров на обвивката од албумот е најдобар доказ за тоа – Скопје во магла, железница која не води никаде, и човек во црно кој кревајќи ја раката, како да кажува дека сепак се’ уште надежта не го напуштила.

Интересно, доколку музиката на албумот ја слушате без да ги прочитате насловите на песните, најверојатно ќе ја „прочитате“ на сосема поинаков начин. Токму во тоа лежи убавината на овој албум, што може да функционира на мета-нивоа, и секој го бира она во коешто сака да престојува и да ужива. Александар Пејовски создаде уште едно музичко ремек-дело со универзални вредности, кое ќе функционира и во времињата идни, како доказ дека ова тло има талентирани музичари кои кореспондираат со актуелниот момент и современиот израз. Во очекување на винилот за двојно зголемување на задоволството, уште еднаш го стискам копчето „плеј“ за да го преслушам албумот во целост на следниот линк:

https://sharla.bandcamp.com/album/lp