65 години „Наш свет“

Прв прозорец кон светот за секој основец долги децении беше неделникот „Наш свет“, кој со нетрпение очекувавме да ни го донесат, ако добро се сеќавам, во средите. Потоа следеше читање од „А“ до „Ш“ на секој објавен текст, и на крајот вистинското колаче – музичките топ листи, на кои, барем во 80-те, неодминливи беа Мили Ванили, Т’Пау, Сузан Вега, Трансвижн вамп итн. Оваа година се навршува 65-годишнината од излегувањето на првиот број, а токму деновиве случајно наидов на една фина архива од стари насловни, па ми се чинеше дека е убаво да се одбележи јубилејот.

Во јануари 1960 година излезе првиот број на тинејџерското списание „Наш Свет“. Кум на списанието е Максим Гонев од Велес, кој победил на конкурсот организиран во почетокот на 60-те години од минатиот век. Првиот број на неделникот го уредувале некои од најеминентните имиња во македонската литература како Васил Куновски, Симон Дракул, Ванчо Николески, Видое Подгорец, Киро Донев и Рајко Јовчевски. Токму во Наш свет се одбележани најголемите спортски успеси на клупско и репрезентативно ниво, објавени се првите текстови за бендови како „Леб и сол“ и „Мизар“, но и многу наши писатели своите први објави ги имале токму во култниот „Наш свет“. Затоа инсистирав ќерка ми, додека беше во основно, да го зема списанието во училиште, иако, за жал, беше единствената од одделение што го правеше тоа. Но текстовите и’ беа интересни, и сето тоа не беше за бадијала. Еве, денес пишува прилично добри есеи за нејзина возраст.

Од овие ретро насловни на неделникот се гледа тематската преокупација на уредништвото, одбележувајќи значајни историски датуми, но и отворајќи теми за размислување соодветни за возраста за читателите на магазинот. Веќе 65 години „Наш свет“ ги бележи активностите на сите основни училишта во Македонија, ги презентира регионалните, државните и меѓународните успеси на многу генерации ученици, на стотици деца врвни спортисти, актери, музичари…

На едно од предавањата на тема „списанија наменети за деца и млади“, професорката на штипскиот универзитет Ана Витанова-Рингачева прецизно го лоцираше значењето на ваквите проекти:

„Росица, Другарче, Развигор и Наш свет ја имаат улогата на пишан медиум кој остварува директна комуникација со читателот – ученикот, а таа комуникација е во согласност со наставните содржини предвидени за секое одделение, приспособени на возраста и когнитивните способности на учениците. Едукативната функција, која е клучна, а која несомнено ја поседуваат списанијата, ја немаат како свој приоритет друштвените мрежи.
 
Списанијата имаат редакција која се грижи за квалитетот на избраните текстови, за нивните јазични и книжевни карактеристики. Станува збор за селекција која е во функција на правилниот развој на детето. Ако имаме потреба да споредуваме, тогаш несомнено стои заклучокот дека друштвените мрежи го немаат тој филтер и затоа таму децата се соочуваат со примери на насилство (вербално и физичко) – но и она што е во доменот на нашиот интерес денес, се соочуваат, за жал, со примери на насилство врз јазикот, сквернавење на литературниот јазик и сосема неправилна употреба (или непознавање) на основните правописни правила.“

Од мноштвото жанрови застапени во „Наш свет“, еден од најдрагите, се разбира, беше стрипот. Деветтата уметност беше претставена со најразлични примери, а од архивата ми излегоа овие две страници со популарните Станлио и Олио, но и нашиот Силјан штркот 🙂

Списанието кое едуцира, информира и забавува генерации ученици од шесто до деветто одделение со децении предизвикуваше љубопитство и амбиција да претставува позитивни модели на однесување, да поттикнува на истражување и креација, притоа следејќи ги најновите трендови во дизајнот и визуелното обликување. За жал, „Наш свет“ веќе одредено време не излегува од печат, делумно поради други политики во образованието, делумно, претпоставувам, и поради незаинтересираност кај учениците, на кои во најмала рака им е „чудно“ да држат часопис в рака и да го листаат и читаат. Чуму, кога имаат телефони!

Сепак, честит јубилеј!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *