Кон романот „По забавата“ од Стево Грабовац

Претпоставувам дека секој читател што ревносно ја следи книжевноста добро знае што претставува НИНовата награда „Роман на годината“, која го прослави 70-иот роденден.  И после сите случувања, реакции и контраверзи во изминатите десетлетија, оваа награда го задржа своето реноме и понатаму претставувајќи репер за квалитетна литература. Од моето скромно следење на наградените романи, во последниве години можев да забележам дека членовите на жирито беа прилично отворени и либерални, неретко наградувајќи романи кои си поигруваат со жанровите, и токму во тој импулс лежи храброста да се препознаат новите тенденции во книжевноста, за разлика од повеќето уредници во домашните издавачки куќи чие чувство не е далекусежно, туку во рамките на очекуваното и најчесто – здодевното. Актуелен добитник на „НИНовата награда“ за книга објавена во 2023 година е писателот Стево Грабовац за романот „По забавата“, во издание на „Имприматур“. Ова е едно од можните доживувања на овој стилски едноставен, но истовремено комплексен концепсиски роман.

„По забавата“ е само втор роман на Грабовац, а трета негова книжевна објава, по дебито со стихозбирката „Станица на непостоечки возови“ во 2007 година. Распадот на поранешната држава, војната во Босна и последиците од неа се во неговиот романескен фокус, можеби поексплицитен во првенецот „Мулат албино комарец“ од 2019 година, во кој авторот раскажува за судбината на неговата загубена генерација по крвавата разврска на една поранешна држава која многу ветуваше. Сличен сензибилитет провејува и во наградениот роман, кој концепциски е многу вешто изведен. Тој е составен од пет поглавја кои навидум го водат дејствието нанапред, а всушност, тоа тече наназад, за на крајот да дојдеме до последното поглавје насловено „Пролог“, од кое всушност и започнува целата приказна, целата иницијација за пишувањето на овој роман. Навистина возбудливо и вешто изведено!

Стево Грабовац има изградено свој, автентичен стил на раскажување. Иако во текот на дејствието ни нафрла референци од кои можеме да заклучиме кои се неговите музички, филмски и книжевни херои, тој сепак цврсто се држи до својот стил на раскажување кој е непосреден, питок, длабок, чист… Со тоа насетувате дека она што го читате тој длабоко го доживеал, преживеал и надживеал, без никакво лажно морализирање. Книжевноста е тука само алатка за пренесување на вистинските човечки емоции.

„Зошто би требало да се срамиме од она што го чувствуваме? Јасно ми е зошто писателите ја избегнуваат емоцијата, затоа што се плашат од патетика, се плашат дека ќе се лизнат. Не ми е јасно зошто постои тоа ограничување: па и патетиката е емоција. Се’ што е искрено, не е срамно. Исто така, мислам и дека треба да се биде храбар за да ја покажеш емоцијата. А бидејќи пишувањето претставува чин на храброст, тогаш – го знаете заклучокот“, вели Грабовац во едно од интервјуата по добивањето на наградата, прецизно поентирајќи.  

Лауреатот е роден 1978 година во Славонски брод, каде го завршил основното и средното образование, а дипломирал на Технолошкиот факултет во Бања Лука. Речиси целиот живот гравитира околу тој геополитички круг, што може да се почувствува и во неговиот роман, во кој главниот лик го носи неговото име. На кратките излети до Сараево отсекогаш гледал како на нелагодност, на неприпаѓање, на непознатиот Друг, и едвај чекал да се врати во познатото опкружување, каде иако ништо не се случува, сепак внатрешните процеси се оние кои движат напред. „И ако сам негде стигао било је изнутра…“ пееше на времето Милан од ЕКВ, омилената група на Грабовац и на неговото книжевно алтер-его. Токму затоа и доделувањето на „НИНовата награда“ на овој автор е храбар потег на жирито, во годината во која српската книжевна сцена понуди одлични романи, правејќи ја конкуренцијата за наградата прилично жестока, како никогаш досега.

„По забавата“ е комплетен роман кој функцинира на неколку нивоа. Во неговата основа сме сведоци на минуциозната разработка на односот татко-син, таа вечна и неодминлива тема во книжевноста. „Татко, таа голема и сјајна личност, продолжена божја рака, создавач, тој беше таа величенствена фигура заради која дојдов на овој свет и поради која бев она што сум“. Ова е само „лажна“ глорификација на татковата сеприсутна улога во животот. Грабовац ги знае механизмите на книжевноста и ни го претставува и од другата, нечовечна страна, детерминирана од улогата која му била доделена од службите во еден систем во кој се немаше право на избор. И колку и да сметаш дека си различен од него, сепак забелешката „колку личиш на Стариот“ од сопствениот полубрат те спушта благо на земјата.

Покрај кафкијанската димензија, ова е роман и за семејството, за односите во неговата внатрешност, за губењето на идеалите, на човечноста, на она што сме сметале дека е правилно, а денес е толку извртено и извитоперено. Следствено на тоа, романот на Грабовац е приказна и за растењето и созревањето, за загубените љубови и пријателства, но и роман за злосторството кое демне зад аголот, злосторство кое по доживувањето ве праќа од другата страна на огледалото, онаму каде што емоциите умираат, онаму од каде што човекот ретко успева да се врати назад, во нормалноста. И на крајот, „По забавата“ е роман за самотијата, таа вечна придружничка на повеќето добри писатели, каков што несомнено е Грабовац.

Многу ми се допаѓа што додека ја читаме неговата книга, писателот цело време ни кажува за тоа како настанал овој роман, за неговата намера да го напише затоа што работите што му се случуваат заслужуваат книжевен третман, тенденција која се провлекува и низ моите последни романи „Шрапнел“ и „Мина“. Тој постојано се критикува, ја иронизира својата позиција на „сезнаен“ писател кој всушност, првенствено е читател што се обидува да стане писател. Но од гените не се бега, особено кога секојдневен придружник ти е старата машина за чукање, чиј партизански историјат е фасцинантен (доколку е точен!?). На неа неговиот татко ги напишал сите барања и молби до државните институции (како свои, така и туѓи) со надеж дека правдата еден ден ќе тропне на вртатата на обичниот граѓанин. Но како и необјавениот роман на официрот во пензија, така и повеќето литерарни обиди на Грабовац остануваат да чмаат во папките, како вечна судбина на повеќето писатели несигурни во себе и својот книжевен глас.  

А тој, гласот на авторот, е сиров, директен и без влакна на јазикот. Грабовац преку главниот истоимен лик не ги штеди невладините организации и книжевните фондации, кои го преземаа критериумот поставувајќи се како главни штитеници на квалитетната литература. Тој е бескомпромисен и во однос на сите народи и народности кои некогаш живееја во братсво и единство, а денес секој засебно, во своето гето. Раздели, па владеј, нели. Но, истовремено, таа свесност за нештата околу себе авторот не ја прикажува како супериорна, туку на неа сопоставува ликови и дејствија кои се нивна спротивност, покажувајќи ја слабоста на човекот наспроти системот и неможноста за негово делување, кое најчесто предизвикува апатија и замореност. Постојаното пијанчење во Буковски стил понекогаш е ефикасно, но често пати и непродуктивно.

„Немаше причина да објаснувам како всушност се пишува; додаваш малку ова или она, како кога подготвуваш ручек, деталите се битни за вкусот, но ако претераш ќе направиш бучкуруш, така стојат нештата и со пишувањето“, размислува главниот лик Стево Грабовац при крајот од романот, во кој во текот на целото дејствие сонародниците, познати и непознати, го прашуваат дали навистина е писател, како тој избор кон кој стреми да е најчудниот на светот, како да не смееш да избереш таков повик за себе, како да си исклучителен. Но токму објавениот расказ по влегувањето меѓу десетте најдобри локални писатели на конкурсот приреден од странска фондација, ќе го придвижи писателот од мртвата точка, од вечното провинциско статус кво, собирајќи ги повторно во родниот град пријателите од детството расселени на сите четири страни низ светот.

Стекнувајќи впечаток за време на читањето дека писателот е вистински „мадрф.кер“, стравувајќи од вистината и од она што таа може да го каже, се молите како читател да не дојде до онаа ситуација кога на страниците ќе наидете на описи од некое злосторство од војната во Босна, затоа што во изминатите три децении многу пати дошло до тоа. Но приказната за автобусот полн со ромски деца кој се губи од лицето на земјата, за трговијата со детски органи и за масовните гробници е неминовно да се раскаже по којзнае кој пат, како потсетник, како предупредување, без разлика дали се работи за вистина или не. Тоа Грабовац го чува за пред самиот крај, по кое не’ враќа на почетокот, на иницијацијата, на она што го натерало да го напише овој роман.

„Чисто се сомневам дека мојата книга ќе го поттикне правосудството да се позанимава што се случило и кој ги убил тие деца. Искрено да ви кажам, мислам дека тие луѓе кои треба да ги бараат убијците на малите Роми не ни читаат книги. Но добро е ако книгата ја заинтересира читателската публика, тоа би било добро. Ако се заинтересираат за вистината, тоа би било доволно од оваа книга“, вели Грабовац во друго интервју, посочувајќи на улогата на книжевноста во потрага по вистината.

„Во војната времето течеше преспоро, а по него се’ се случи толку бргу“, е една од последните реченици во книгата, која како да го опишува и искуството при читањето на оваа книга. Се’ е навидум брзо и лесно, а истовремено тешко и длабоко. И што е она за што раскажува Грабовац, ако не приказна за луѓето што ги знае, за оние (некогаш) најблиските. Војната завршува, а она на што се сеќавате се токму лицата на оние што ги знаете, и на крајот од денот само тие и се најважни. Освен нивниот лик, го земате и нивниот глас и ја раскажувате приказната, поточно, приказните кои не смеат да бидат заборавени. „Не ме интересира стилот, туку приказната. Оние што се по стилот, немаат што да раскажат“, му вели еден од пријателите на главниот лик, така опишувајќи многу нешта поврзани со овој роман, преполн со живот, но и со смрт.

И за да не отидам предалеку во анализата на романот-лауреат на „НИНовата награда“, сметајќе дека досега доволно напишав, ќе завршам со уште еден цитат од книгата, кој вели: „Заеби ги критичарите, тие се недоебани писатели“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *