Алјаска е американска сојузна држава која кон САД била приклучена во 1959 година, откако ја купиле од Русија во1867 година. Таа со површина од 1.717.855 км2 е најголемата држава во САД, и на тој простор живее население од 663.661 жител. Главен град е Џуно. Но приказната овој пат е за еден друг град, кој го сочинува една единствена зграда. Неговото име е Витиер.
Со оглед на големината на сојузната држава и малиот број на население, географските одредници на Алјаска се раководат според посебни правила, па така, градот Витиер е познат по тоа што речиси целото население живее во една единствена станбена зграда. Зградата се нарекува „Бегич Тауерс“, и се работи за 14-катен станбен комплекс во кој се сместени околу 90% од жителите на градот (вкупно: 272). Оваа ситуација му го донесе на Витиер прекарот „град под еден покрив“.
Зградата, првично изградена како армиска касарна, иако на прв поглед, особено во зимските денови, изгледа како да е излезена од некој хорор филм, сепак служи како пријатно место за живеење кое содржи пошта, прехранбена продавница, полициска станица, перална, здравствена клиника, канцеларија на градоначалникот и загреан затворен базен. Пристигнувањето до Витиер е можно по воздушен пат, или преку тунел со една лента што се протега на две милји низ соседната планина Мајнард.
Временските услови во градот во текот на зимата се прилично сурови, што ги прави Бегичките кули сосема практично и оправдано решение за живеење за жителите. Училиштето и спортската сала во градот се наоѓаат во посебна структура, но се поврзани со кулите со тунел, што овозможува лесен пристап во текот на зимските месеци. Во летните месеци, пак, кога температурата е колку-толку прифатлива, местото претставува пристаниште за поморскиот автопат на Алјаска, и глетката, за разлика од зимските минусни месеци, е навистина величенствена.