„Уметник во гладување“ на Кафка

За многумина вљубеници во ликот и делото на Кафка, оти едното без другото не може, расказот „Преобразба“ е оној најпрепознатливиот во неговиот книжевен опус. Меѓутоа, постои и едно друго ремек-дело на кое денес ќе му обрнеме внимание. Тоа е расказот со провокативен наслов „Уметник во гладување“ (германски: „Ein Hungerkünstler“), кој премиерно е објавен во 1922 година во списанието „Die neue Rundschau“.

Приказната го следи животот на професионалниот уметник кој гладува, поранешен изведувач кој по подолг временски период како забавувач прави пауза. Расказот зборува за неговите техники на работа, големите подвизи, широката популарност во славните денови, како и зголеменото отуѓување кога неговата кариера оди кон дното. Наративот ги истражува темите на отуѓеноста, односот на уметникот со јавноста и воопшто, човековата состојба во време на општествена и персоналона криза. Карактеристичниот стил на Кафка и употребата на симболиката се очигледни низ целата приказна, бидејќи на искуствата на уметникот со состојбата на гладта се гледа како на метафора за борбата на уметникот со општата човекова егзистенција.

Автопортрет

За Кафка, кому постхумно му била дијагностицирана анорексија, гладта ​​и уметноста се испреплетени, а слабото тело на уметникот е непобитен доказ за неговиот интегритет и кредибилитет. Гладот ​​во неговата приказна не се сведува само на физиолошка потреба која никогаш не може целосно да се задоволи, туку ја означува природната потреба на човекот, како и на уметникот, да го најде своето место во светот, т.е. да го потврди своето постоење и дејствување. Проучувачите на писателот ќе забележат дека во неговите писма до Фелис Бауер тој пишува за тоа како слабата исхрана влијаела на неговото тело и дух, и за гладувањето како предуслов за потребата од практикување на уметност, во неговиот случај – пишувањето.

Приказната „Уметник во гладување“ во изминатите сто години е една од најшироко анализираните и интерпретираните од страна на научниците и читателите. Освен премиерната објава во книжевното списание, таа беше објавена и во истоимената збирка која ја издаде „Verlag Die Schmiede“ во 1924 година, што всушност беше и последната книга која Кафка ја подготвуваше за објава за време на својот живот, пред истата година да го напушти овој свет. Збирката раскази потоа излезе постхумно.

@ За Кафкаљупците, бонус текст во продолжение 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *