(Во) Главата на Кафка

Книжевен туризам! Колку тоа интересно звучи, особено доколку добро е осмислен, бидејќи дел од туристите не се секогаш заинтересирани да ги посетат само оние, најизвиканите места во понудата, туку сакаат да видат и нешто друго, поинакво. За мене првата асоцијација на Прага отсекогаш била Франц Кафка. Познавајќи го неговото книжевно дело, сигурен сум дека тој се превртува во гробот знаејќи на каков комерцијален начин се „користи“ неговата оставина. Но, живееме во 21 век, каде „се’ е дозволено“ и „се’ мора да помине“.


За љубителите на животот и делото на прашкиот писател со еврејско потекло чие творештво комплетно е напишано на германски јазик, чешката туристичка заедница до детаљ ја разработила турата насловена „Прага на Франц Кафка“, во која ви нуди 33 точки поврзани со еден од навлијателните писатели во 20 век. Веројатно треба да се издвојат неколку денови за да можат да се посетат сите, или повеќето од нив, така што овој предизвик најдобро е да се остави за некоја следна средба со средноевропската убавица.



Водич „Прага на Франц Кафка“; (внатре) Фотографии на Прага од првите децении на 20 век; Мапа со 33 точки поврзани со Кафка; Стара мапа на Прага од 1885 година

Впрочем, се прашувам, чуму ми е да ги видам бањите кои тој ги посетувал со својот татко, или зградата во која тој ја добил својата прва работа? Или пак зградата во која три месеци земал курс за работно осигурување? Да, можеби е интересно, бидејќи на тој начин на лице место добиваш впечаток за она што си го читал во делата, но ми се чини дека е доволно само да се почувствува духот на Прага (иако сто години подоцна) со едно кафенце во „Café Louvre“, отворен во 1902 година, каде Кафка често навраќал со пријателите, и во комбинација со имагинацијата, да се спојат сите коцки во главата.

А токму „Главата на Кафка“, или официјално, „Статуата на Кафка“, е едно од местата кои треба да се видат, иако и тука можеме да најдеме многу контроверзности,  пред се’ во изборот на локацијата каде истата е сместена. Имено, оваа кинетичка скулптура висока 11 метри и тешка 24 тона е позиционирана веднаш до шопинг центарот „Квадрио“, и знаејќи дека расположението на Кафка преточено во литературата е претежно базирано на депресијата и преиспитувањето на сопствените постапки, станува јасно дека едното и другото се неспојливи нешта.

Но, тргајќи го настрана идеализмот и трезвено сфаќајќи дека сепак сето ова е во служба на туризмот, кој на градот му носи големи приходи, посветата на ликот и делото на Франц Кафка од страна на еден од најпознатите чешки современи скулптори, Давид Черни, е потег за поздравување, на радост на читателите на овој незаборавен автор, особено и поради фактот што главната идеја околу која се врти реализацијата на импозантната статуа тргнува од неговиот славен расказ „Преобразба“.

„Кога Грегор Самса се разбуди едно утро од немирните сништа, се виде себеси на кревет претворен во гигантски инсект“. (Преобразба)

Вкупно четириесет и двете паралелни плочи низ огледален ефект го создаваат ликот на прашкиот писател, кој постојано се менува и трансформира благодарение на придвижувањето на истите од големиот мотор и километарските кабли. Со тоа ефектот е очудувачки, бидејќи лицето на Кафка е комплетно само за момент или два, а потоа повторно се трансформира во нешто поинакво, барајќи ја својата целосна форма. Со тоа Черни сакал да ја потенцира постојаната активност и желба за промена во писателскиот ум. Свечено поставена и отворена за јавноста во ноември 2014 година, „Главата (Статуата) на Кафка“ е едно од оние „must see“ места во Прага.

Покласичен избор за посета е споменикот посветен на Франц Кафка кој е поставен во 2003 година меѓу Шпанската синагога и Црквата на Светиот Дух. Во срцето на Еврејското маало во Прага, оваа скулптура на уметникот Јарослав Рона исто така привлекува внимание поради симболиката во која Кафка е седнат на рамениците на безглавата фигура, како референца на неговиот расказ „Опис на една борба“ од 1912 година.

„Започнат разговор со еден богомолец: Едно време секој ден одев во една црква, бидејќи таму секоја вечер една девојка во која се заљубив по половина час се молеше на колена, па за тоа време можев мирно да ја набљудувам“. (Опис на една борба)

Сепак, најфасцинантна посвета на животот и делото на Кафка низ уметноста е поставката која се наоѓа веднаш под Карловиот мост, всушност, под замокот „Храдчани“, крај реката В’лтава. Написот на платното распослано на кејот не можете да го избегнете со погледот и уште од далеку го привлекува вниманието на посетителот. Најпрво во дворот повторно ве пречекува скулптура од Давид Черни, славните „мочковци“, две машки скулптури-фонтани едн наспроти друг кои уринираат со бронзени пениси. Има неколку толкувања на визијата на уметникот, а едно од нив е тоа дека се работи за политичарите кои бесрамно мочаат врз својата земја сите овие години наназад.

Во дворот пред влезот во автентична куќа каде е поставена изложбата има и едно големо „К“ пред кое не одолеав да не се сликнам. А потоа… потоа, влез во интровертниот свет на големиот Кафка. Првично поставена во 1999 година во Барселона, а потоа репризно поставена во 2002-2003 година во Еврејскиот музеј во Њујорк, изложбата конечно го наоѓа својот постојан дом во срцето на Прага, онаму кадешто и треба да биде, во градот-инспирација на неповторливиот писател.


„Беше доцна навечер кога К. пристигна. Селото леѓеше во длабок снег. Од брегот на кој се наоѓаше замокот ништо не се гледаше; (…) К. долго стоеше на дрвениот мост кој од патот водеше кон селото и гледаше нагоре во привидната празнина“. (Замок)

Насловена како „Градот на К.“, изложбата ја истражува интимната врска меѓу писателот и градот кој го инспирирал, низ оригинално изложени писма, фотографии, новински написи и оригинални изданија на неговите книги од различни периоди, сето тоа надополнето со видео и звучни инсталации. Посебната (клаустрофобична) атмосфера која се чувствува додека минувате од просторија во просторија претставува совршено доловување од страна на уметниците на литерарниот свет на Кафка, особено во делот во кој низ десетици фиоки е доловена службеничката стварност на писателот, која колку што го мачела, толку и го детерминирала да ги напише неговите генијални дела.


Изложбата е поделена на два тематски дела насловени „Егзистенцијален простор“ и „Имагинативна топографија“. Во првиот дел сме сведоци на приказната како градот со сета своја моќ, магија, мит и рефлексии влијае врз креативноста на Кафка. Градот е претставен како мајка со канџи, која во исто време крева и заканувачка тупаница. Низ дневниците и преписките со членовите на семејството и пријателите, како посетители треба да се обидеме да влеземе и да го сфатиме контекстот во кој живеел прашкиот писател во првите децении од минатиот век, со тоа обидувајќи се да проникнеме и во тајните на Прага од тоа време.

„Кога шеснаесетгодишниот Карл Росман, кој беше испратен во Америка од страна на неговите родители, бидејќи беше заведен од една слугинка со која доби дете, заплови во њујоршкото пристаниште, ја здогледа долго набљудуваната статуа на божицата на слободата облеана од сончевата светлина која ненадејно стана посилна“. (Америка)

На следното ниво веќе сме на теренот на книжевноста, каде го гледаме начинот на кој Кафка го прикажува својот град воопшто не именувајќи ги, освен неколку исклучоци, местата кои ги опишува, така давајќи им универзален тон. Градот е лик од позадината на приказните, и само добрите познавачи на Прага ќе препознаат дека патувањето на Јозеф К. во последното поглавје од „Процес“ се одвива од Стариот град преку Карловиот мост па се’ до предградието, во кое се случува финалниот чин. Значи, топографијата на Прага е присутна, но најчесто е неименувана. Но, тоа и не е важно, затоа што сето тоа е фина и одмерена метафора и алегорија на светот во кој човекот живее(л).

„Каде беше судијата? Каде беше високиот суд? Јас морам да зборувам. Ги кревам рацете“. (Места пречкртани од авторот, „Процес“)

Франц Кафка (1883-1924) е писателот чии книги се релевантни и во ова (не)време во кое живееме, затоа, топла препорака да ја дувнете прашината од полиците, да ги извадите од заборав, и повторно да уживате во нив. Затоа што, клин со клин се избива 😉

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *