ЧИЈА СИ ТИ?

ЗА (БЕЗ)СМИСЛАТА НА ГРАНИЦИТЕ

„Сакаме ли поспокоен свет, ќе треба да се научиме на мир себеси. Тоа е најтешката задача!“ („Кон Езерото“, Капка Касабова)

пишува: проф. д-р Ана Витанова-Рингачева (Филолошки факултет, Универзитет „Гоце Делчев“, Штип)

Сеќавањата на минатото, без разлика дали се слушаат како раскажани приказни или како доживеани премрежиња, чувството на припадност го вкоренуваат уште подлабоко. Спомените за животот некогаш стануваат слики коишто човекот засекогаш ги носи со себе, како болен израсток на кожата, кој на ниту еден начин не може да се отстрани. Неговото хируршко, насилно отстранување подразбира крварење и болка, а потем и лузна, длабока до коска. Откорнувањето од домот во суштина значи откорнување од самиот себе, свлекување на кожата и нејзино положување на земјата создателка и хранителка. Кожата ‒ жртвениот подарок за мајката земја, да се услиши и да им прости на оние кои со човечка крв испишувале нови граници на Балканот, а место меѓа, оставале куп човечки коски.

Балканот, местото на зелените и шумни планини чува во себе гробници од човечки судбини закопани слоевито удолу. Балканот е еден посебен свет, тло на кое уште стојат трагите од потковиците на коњите, чии господари токму тука ги кршеле копјата. Колку ли лица (убави и грди) има Балканот? Колку приказни (трагични и трагикомични) чува? Колку ли истории (вистинити, измислени, замислени) запишал? Колку ли граници (природни и насилно создадени) има издлабено по неговиот нерамен релјеф? Историјата на Балканот најубаво знаат да ја раскажат бегалците, расселените, разделените од едната и другата страна на границата, најубаво знаат да ја раскажат оние родени во еден дом со едно срце, а погребани во друг дом со половина срце. Војните први и втори, балкански и светски, востанијата, успешни и крваво задушени, пропагандите и преселбите, го искасапиле телото на стариот балкански масив.

И токму во срцето на тој зелен, шумовит предел, во срцето на високите шумовити планини, под фитилот на бурето со барут, местото кое светот ги набљудува како нешто примитивно, варварско и туѓо, се вкотвило најстарото езеро, Охридското. Двете езера, Охридското и Преспанското, иако разделени со Галичица како природна граница, имаат заеднички крвоток. Тие се поврзани со реки коишто течат под земја и со тие ги хранат езерата со вода. Она што ги разделува езерата е политичката граница заради која тие се разделени меѓу Македонија, Албанија и Грција. Границата е онаа линија на раскинување на телото на земјата, рез насилно повлечен. Дали е таа граница меѓу Бугарија, Грција и Турција или меѓу Бугарија и Македонија, сеедно. Таа  е универзалниот симбол на поделбите, таа остава трагични човечки судбини на едната и на другата страна. „Ние сме едно семејство, не можеш да нѐ делиш просто со една црта“ („Кон Езерото“). Но токму таа црта, станува длабок расцеп, длабоко од срцето на човекот до земјата, во вечната студена прегратка. Само пред границата човекот се смалува до невидливост, станува мал, скоро невидлив, со желба да се всели во срцето на птица за да ја прелета. Како во приказните!

И токму оттука тргнуваат книжевните расткајувања на темите за границите, поделбите, преселбите, јазиците, слободата, актуелна преокупација на извонредната Капка Касабова, Бугарка која живее во Шкотска. Таа денес претставува синоним за автор кој враќајќи се на овие теми, всушност како да ги бара и распретува одамна затрупаните темели на некогашните цврсти столбови на мостовите, што ги поврзувале народите. „Кога и да проговориш за Балканот, магливата истрошена метафора за мостот е неизбежна, но никаде на друго место таа не  е повидлива отколку на југоистокот на Балканот, секојдневната капија помеѓу она што сме навикнати да го нарекуваме Исток и Запад“ („Граница“). На местото на мостовите денес се издигнати високи граници, непремостливите политички поставени линии.

Романите „Кон Езерото“ и „Граница“ се своевиден нејзин личен протест против политичките граници, чие поставување низ историјата создавало прототипови на победници и победени, надмоќ на посилниот над послабиот, чудовишна желба за асимилација, претопување, бришење, замолкнување. „Граница“ и „Кон Езерото“ се еден вид „херодотски патешествија во една географија која истовремено е надворешна, но и психоемоционална“ ‒ вели самата Капка.  И двете дела содржат една ненаметлива психогеографија (термин на Касабова) во душите на ликовите, коишто се потомци на предците со колективна траума на разделбата. Трансграничните места се нејзината најголема книжевна преокупација, таа свесно им се навраќа за да ги распрета закопаните приказни на минатото, со сѐ уште живи рецидиви во сегашноста. Зборот исткаен во приказна има силна исцелителна моќ, да ги очисти засирените струпки на раните, за да се обнови тенкиот епител на историјата.

Токму од балканската историја, авторката создава свој микросвет од приказни кои природно гравитираат кон магнетното поле на најстарото езеро во Европа, Охридското. Од длабочините на Езерото, Касабова како да ги вади на површина историските, културните и воопшто судбинските артефакти на луѓето од нејзиниот род по мајка. Нејзината баба по мајка, Анастасија, потекнува од Охрид, местото кон кое авторката се навраќа за да го открие животниот пејзаж на мајка си и нејзиниот род: „За да се вратиш на местото каде што живееле твоите предци, треба да си подготвен да го видиш она што е полесно да го одречеш“ ‒ вели Капка.

Географски, Охридското езеро е едно од најстарите езера во светот, длабока пропаст во срцето на Балканот. Личната приказна е всушност само еден мал сижет од големата балканска приказна за географските граници и нивната постојана непостојаност. Егзилот, траумите од постојаните бегства и семејни приказни пишувани на граница, сите тие како концентрични кругови се движат околу епицентарот во кој се наоѓа Болката. И како поинаку да се канализира таа, како да се прочисти душата од наследените трауми на егзилот, трауми сраснати со потсвеста на оној кој ги наследил од предците? Подвижни слики на луѓе натоварени со (не)потребни партали, влажни очи и поглед кон недоодниот пат, на која страна да се тргне за да се стигне до никаде? И што се променило до денес? Истата балканска приказна, само страдањата се нови!

Езерото како архетип, живата вода како постојана солза во окото на земјата. Една историја потопена на дното од Езерото испливува години подоцна и станува приказна во која се испреплетуваат судбините на многумина страдалници со иста преживеана траума. Езерото, матката на природата во која расте(л) животот на предците, станува синоним за домот, семејството чии корени сѐ уште пијат вода од него.  Тука е, спокојно пркосејќи им на сите човечки пакости. Патувањето кон Езерото е патување назад кон изворот на Болката, кон местото на кое започнува приказната за семејството и неговата судбина. Бегалските приказни, егзилот, траумата и болката се стожерните топоси на прозата на Касабова. Да се прифати новата средина, а да престане да боли споменот за домот?!

Навраќајќи му се на Езерото, Капка Касабова се навраќа на корените и спомените, на потомците на предците чии гени ги носи. Приказните коишто ги слуша и запишува, луѓето со кои се среќава и разговара, како да се сенки од некој претходен живот кога не постоеле границите и кога човекот од каде и да тргне, стигнувал до себе. Границата како скршено огледало во кое се прекршуваат сликите, се преклопуваат и повторуваат, всушност ги чува баш таквите човечки судбини, слични и скршени на две. Среќавајќи ги луѓето во Охрид и Преспа, Капка всушност среќава прототипови на веќе познати соговорници. Таа го започнува своето патешествие со мисла да ги запише приказните на луѓето од земјата на нејзината баба, приказни кои како кондензирани капки паѓаат на земјата, чии процепи жедно ги голтаат. Матафората за водата судбински е поврзана со авторката чие име е семантички полно поле. „Името ти е Капка! Ти имаш страст кон водата“, вели Иглика во „Граница“. „Да, човекот е создаден од вода, во неа расте и трошно се губи низ нејзините подземни патишта. Секогаш кога ќе влезев во вода, чувствував радост. Чувствата и спомените исчезнуваа, остануваше само мигот. Тоа беше доволно“ („Кон Езерото“).

Бремето на историјата жените го понеле во своите утроби, породувајќи се од другата страна на границата, оставајќи пород со две срца. Судбината на мајките и ќерките, болката на семејствата кои преживеале трансгранична траума и сеќавањата за неа, за Капка се првичниот духовен стремеж за да се врати назад и да им тргне во пресрет. „Граница“ е еден полифоничен расказ за тоа како да се биде човек, вели Капка, оти таа е во потрага по човекот кој одејќи и селејќи се, зад себе оставал траги на стапалки, верувајќи дека еден ден потомците ќе ги пронајдат. И еве го, се разденува зад зелените високи планини на Балканот. Балканот, тоа сме ние! – вели Анастасија, бабата на Капка. Сонот за чисти нации, за чисти територии и нови граници на Балканот станува кошмар. Балканот како општочовечка болка и судбина, Балканот како душа заробена во телото на историјата постојано силувано од посилните, но и Балканот како место на крајпатни чешми, лековити и издашни. Најблиската претстава за ајазмата, чешмата, значи гостопримство без домаќин, Балкан без граници. („Граница“).

Границата е човекот обременет со стереотипи, националистички чувства, наметнати наративи, необјаснива желба за оградување личен простор, (не)свесно отуѓување и оддалечување од човечното. Светот самиот за себе е омеѓен простор во бескрајниот универзум, единствено слободни се човековиот дух и мисла.  Капка, ослободувајќи го својот творечки дух, го пушта како претходница на патувањето до себеси и назад. Светот е исцртан на географските карти преполни со гранични линии. Но, духовниот свет на човекот истите ги поништува до степен на симболичност. Границата како метафора го заробува човекот во минатото, му го скратува погледот и му го заматува хоризонтот. Таа е совршен сојузник на политиката, за која само таквиот човек е подобен.

Со толку многу запаметени и засведочени бегалски приказни Балканот станува место на една напластена траума со која живеат генерации до денес. „Само да нема војна“ ‒ велеа нашите стари,  за сѐ друго чаре ќе се најде. Каква е таа болка којашто откорнатикот ја носел со себе, но и ја зачувал во колективната меморија претворајќи ја во песна, молитва, клетва, благослов, расказ, роман….

Капка Касабова е раскошен раскажувач, прониклив ум, постојано будна над историските случувања во минатото и денес. Родена во Бугарија, се преселува во Нов Зеланд, па во Шкотска. Заминува од домот и станува дете на светот, за на истиот тој свет да му ги подари „Граница“ и „Кон Езерото“, книги преведени на многу светски јазици, а меѓу сите нив и на македонски (дело на преведувачот Бранислав Мирчевски во издание на „Или-Или“). Преводот значи ново пресоздавање на делото, негово значенско збогатување, откривање на јазични форми кои само го умножуваат јазичниот раскош. Преведувачката постапка на Мирчевски подразбира превод од оригиналот на делата напишани на англиски јазик. Со широки познавања на македонската дијалектна лексика, особено на архазмите како јазично богатство, но и на социокултурните нијанси на македонскиот јазик, преведувачот создава дело на кое му вдахнува топла човечка димензија. Оти јазикот не постои надвор од човекот.

„Граница“ и „Кон Езерото“ се романи за потрагата на човекот по смислата на постоењето надвор од границите, а длабоко до изворите на големата вода, во чие средиште е окото на земјата. Туку човекот се раѓа, страдален и трошен.

И навистина, завршена ли е приказната за границите или има уште црвена боја во мастилницата на заумните пишувачи?!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *