За време на престојот на Љубљанскиот филмски фестивал, имав среќа да бидам сместен веднаш спроти Словенечката кинотека. Ме израдува фактот што на мојата листа на посетени кинотеки, по легендарната париска, потоа прашката, унгарската, белградската, загрепската, сплитската… ја додадов и Словенечката кинотека. За задоволството да биде двојно се погрижија фестивалските организатори, кои мастеркласот на легендарниот грчки режисер Коста Гаврас го ставија токму во кинотечната сала, па во ист ден можев да уживам и во предавањето, а потоа и во актуелната изложба посветена на словенечкиот мајстор на подвижните слики, Карпо Година.
Основана во 1996 година, Словенечката кинотека е една од најмладите јавни институции од национално значење во областа на културата. Нејзините главни задачи се да ја формира, одржува и презентира својата колекција на светскиот филм; да подготвува редовни програми и ретроспективи во својата сала; да изложува артефакти кои се важни за историјата на филмот и киното; и да врши истражувачка и издавачка дејност од историјата на кинематографијата. Словенечката кинотека има своја сала на улицата „Миклошичева 28“ и го издава месечниот билтен „Кинотечник“.
Словенечката кинотека е основана со уредба на Владата на Република Словенија со која се воведува одвојувањето на Филмскиот музеј од Националниот театарски музеј на Словенија. Основач и прв директор на Словенечката кинотека е Силван Фурлан (1953–2005), есеист и автор на бројни филмски студии и книги, како и најстраствениот промотор на филмската индустрија во Словенија, кој успеа да собере околу себе тим од млади филмски професионалци кои негуваа филмска презентација, зачувување, едукација, создавање и реализација, сето тоа под покривот на кинотеката.
Тековни се напорите да се формира збирка дела кои се фундаментални за историјата на светската кинематографија; Словенечката кинотека досега успеа да собере повеќе од 3.500 наслови, главно од последните две децении, но сепак треба да го заврши својот долгорочен проект за изградба на колекција на филмски класици. Најскапоцените примероци во колекцијата на Кинотеката се несомнено нејзините три најголеми откритија – единствениот преживеан оригинал од првиот филм на Ернст Лубич, „Als ich tot war“ [Кога бев мртов, 1916), потоа, оригиналната копија од првиот филм на Франц Хофер „Des Alters erste. Spuren“ [Првите знаци на стареење, 1913) и единствената преостаната оригинална копија во боја од краткиот филм „Le jongleur“ [Жонглерот, 1913).
Оваа година 35-тото издание на филмскиот фестивал во Љубљана му оддаде почит на легендарниот грчки режисер Коста Гаврас, приредувајќи ретроспектива на неговите најзначајни филмови. Иако во години, Гаврас беше дел од фестивалот, одржувајќи полнокрвен мастерклас пред заинтересираните гости, зборувајќи за своите остварувања, за филмот денес, и за предизвиците со кои, според него, ќе се соочи седмата уметност во иднина.
„По минатогодишната ретроспектива посветена на италијанската политичка кинематографија, се чини дека е неопходно, во екот на оживувањето на десничарскиот популизам, да им се даде простор на критичките гласови на либералните струи кои брзо реагираа на политичките пресврти од средината на 1960-тите. Ако италијанската кинематографија беше претскажување на колективниот отпор против актуелните прашања на Италија или европските колонијални наративи, филмографијата на Коста Гаврас го одразуваше универзалниот критички став на еден интернационалист во различни жанрови и продукциски контексти. Освен во Грција, тој работеше низ цела Европа и во Холивуд, се запозна со жанровите на политичкиот трилер и социо-критичката драма, па дури го сними и еден од најоригиналните и авантуристички инспирирани филмови за борците на отпорот („Шок трупи“, 1966), сместен во Франција за време на Втората светска војна“, пишува програмскиот директор на фестивалот Симон Попек.
Коста Гаврас е левичар во душата. Тој ја проблематизираше бруталноста на воената хунта во неговата родна земја („З“, 1969), советската инвазија на Чехословачка („Исповед“, 1970), воениот државен удар во Уругвај („Опсадна држава“, 1973), соборувањето на Аљенде и воспоставувањето на режимот на Пиноче во Чиле („Исчезнат“, 1982), како и замижувањето на Ватикан пред холокаустот („Амин“, 2002).
Тој се врати во својата родна земја во 2019 година за да го сними „Возрасни во собата“, драматизација на грчката економска криза од 2015 година, заснована врз книгата на поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис. Според „Гардијан“, книгата е „една од најголемите политички мемоари досега, внатрешна приказна за високата политика раскажана од аутсајдер. Варуфакис дава еден од најточните детални описи на модерната моќ (политичка и финансиска) напишана досега“, завршува словенечкиот колега во претставувањето на легендарниот грчки режисер пред словенечката публика и гостите од странство.
По завршувањето на мастеркласот, ја посетив и изложбата што кинотеката ја приредува во чест на Карпо Година. Еден од најпознатите словенечки режисери од времето на поранешна Југославија, во прекрасниот галериски простор на првиот кат е претставен со сите салтанати, со добро осмислена и концептуална изложба на која дури и оние што не се запознаени со неговата работа ќе се стекнат со потребното знаење, испровоцирани од изложеното и виденото.
Скопјанецот Карпо Година (да, роден е 1943 во Скопје) остави впечатлив белег во историјата на словенечката, југословенската и светската кинематографија. Како студент на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во средината на 1960-тите, тој го привлече вниманието кон себе со серијата експериментални филмови и остави свој белег на живата југословенска аматерска кино сцена, која произлезе од многубројната клупска кинематографија.
Како професионален режисер на кратки филмови и директор на фотографија, тој денес се смета за една од клучните фигури на таканаречениот „југословенски црн бран“. Како режисер и сценарист сними неколку култни словенечки играни филмови. Работеше на речиси стотина филмови и уште повеќе реклами. Тој го ко-оформи словенечкиот филмски пејсаж како педагог и сè уште неуморно го дооформува како чувар на филмската историја. Тој е светски промотор на филмот и се’ уште активен филмаџија. Тој е и единствениот словенечки автор кој – покрај бројните други ретроспективи, презентации и изложби низ светот – имаше ретроспектива на неговите филмови во „МоМА“ во Њујорк.
Насловена „Филмски имагинариум“, изложбата во Словенечката кинотека „претставува естетика на живите слики испреплетена со ретката способност да се види трансцендентното во баналноста на секојдневието. Трансцендентното понекогаш може да биде критичко препознавање на противречностите на општествениот систем, а понекогаш препознавање на возвишената убавина, или едноставно канализирање на радосната фасцинација и афинитет кон другите луѓе кои се среќаваат како патници на најнеобичните места. Во работата на Карпо Година, сето горенаведено обично се спојува и внимателно се врамува низ објективот на камерата во границите на статична снимка. Како уметник, тој е секогаш естетски остварен, субверзивен, но не и циничен; како хуманист, тој е духовит и постојано љубопитен; како занаетчија, тој е мајстор и, како човечко суштество, секогаш посветен на истражување и восхитување на светот околу него“, се вели во каталогот кон изложбата.
И сосема на крајот од ова патување, пријатно ме изненади новооткриениот простор под кинотеката, каде во подрумските простории постои мала сцена за алтернативен театар, на која, според програмата, редовно се играат претстави на ентузијастичките вљубеници во театарската уметност. Ете каде се скрасил пост-панкот. Прекрасно!