„Зен и уметноста на поправање мотори“ од Роберт Пирсиг

Поминаа педесет години од објавувањето на еден од култните романи во 70-те години на минатиот век. Настанат на основите на слободарските движења една декада пред тоа, книгата на Роберт Пирсиг со своите ставови делува свежо и релевантно и ден-денес, неретко служејќи како референца во разни дебати (не само книжевни). Башка, издаден е во 1974-та, годината на моето доаѓање на овој свет, а кон тој период во книжевноста и воопшто, во уметноста, имам посебни чувства. Токму затоа периодов решив да му се навратам и да го препрочитам ова дело, и во продолжение ќе се обидам да објаснам зошто истото се’ уште е битно.

„Американскиот сон“ се состои од качување на моторот, давања гас и возење низ непрегледните патишта на северноамриканскиот континент, преминувајќи од исток кон запад, или обратно, како ви е кеиф. Американскиот писател и филозоф Роберт Пирсиг го има сторено тоа и буквално и метафизички, пренесувајќи ги своите размислувања и искуства во неговиот роман „Зен и уметноста на порпавање мотори“. Ако се сеќавате на филмот „Карате кид“, во кој учителот му вели на ученикот дека не е доволно само да ја совладате борбената вештина, туку мора и физички да поработите, па му дава сунгери да го измие автомобилот, така и Пирсиг не е фенси-моторџија што прави селфија на отворениот автопат, туку напротив, тој нурнува длабоко во себе и на површина вади едно прекрасно дело кое, еве, е возбудливо за читање и по пет децении.

Приказната раскажана во прво лице е заснована на патувањето со мотор што тој и неговиот млад син Крис го сториле од Минеаполис до Сан Франциско. Тоа е истражување на основите на метафизиката на западната култура, преку длабочинско истражување на природата на квалитетното живеење. Токму затоа и поднасловот на романот гласи „Испитување на вредностите“.

Книгата на Пирсиг, исто така, му дава на читателот и кратко резиме на историјата на филозофијата, вклучувајќи го и неговото толкување на филозофијата на Аристотел како дел од спорот меѓу универзалистите, признавајќи го постоењето на универзалистите и на софистите, на кои се спротивставуваат Сократ и неговиот ученик Платон. Пирсиг во клучниот термин „Квалитет“ наоѓа посебно значење и заедничка основа меѓу погледите на западниот и источниот свет. Таа суптилна спојка во овој роман е навистина незаборавна.

На американскиот писател и филозоф му требале речиси четири години за да го заврши „Зен и уметноста на поправе мотори“, пишувајќи го најголемиот дел од книгата додека живеел над продавницата за чевли во јужен Минеаполис, додека истовремено работел како теч-писател за „Honeywell“. Урбаната легенда вели дека добил 121 одбивање на ракописот, пред 122-иот уредник да прифати да ја објави книгата, мислејќи дека никогаш нема да и’ донесе профит на издавачката куќа, Но, романот се продава во 50.000 примероци во првите три месеци, а во повеќе од 5 милиони во децениите што следат. На тој начин, „Зен и уметноста на поправање мотори“ дефинитивно стана најпродаваната филозофска книга на сите времиња.

Во декември 2019 година, Националниот музеј за американска историја „Смитсонијан“ го купи моторот на Пирсиг од 1966 година, марка „Honda CB77 Super Hawk“, со кој се возеше во 1968 година со неговиот син Крис. Во април 2024 година беше јавно изложен за прв пат, на музејската изложба насловена „Америка во движење“, заедно со оригиналниот ракопис на книгата, машината за пишување на Пирсиг и неговиот компјутер „Apple II“.

Поради сите горенаведени работи, ова е една од оние книги кои вреди да се имаат во домашната библиотека, бидејќи овој роман треба да се чита и препрочитува секогаш кога немате подобра опција меѓу останатите книги кои висат на полиците и фаќаат прашина. Иако, се сеќавам, во 90-те години ја читав на српскохрватски јазик (не знам каде, или поточно, кај кого ми исчезна тој примерок?), многу се израдував кога „Зен и уметноста на поправање мотори“ во 2003 година излезе и на македонски јазик благодарение на издавачката куќа „Слово“, во превод на Илина Јакимовска.

„Во автомобил сте како во купе, и бидејќи се навикнувате на тоа, не сфаќате дека низ прозорецот од автомобилот сè што гледате е само ТВ. Вие сте пасивен набљудувач и сите работи надвор се движат во една здодевна рамка. Но на мотор рамката ја снемува. Целосно сте во контакт со се’ околу вас. Вие сте внатре, дел сте од сцената, и не само што ја гледате, туку и чувството на присуство во неа е ненадминливо“.

Напишете коментар