Александриската библиотека во древниот Египет била една од најголемите и најзначајните библиотеки на античкиот свет. За да се зголеми колекцијата, се запленувале сите книги од бродовите што се вкотвувале во пристаништето, се правеле копии од нив, а потоа токму копиите ги враќале на сопствениците, додека оригиналите се зачувувале во библиотечната колекција. Оваа агресивна стратегија за стекнување на што повеќе пишани добра помогнала да се собере речиси сето знаење од целиот познат свет.

Од моментите на создавањето на најстарите цивилизации, најсвети места биле токму библиотеките, каде што луѓето ги депонирале своите искуства за полесно чување, користење и пренесување на идните генерации. Големите освојувања на Александар Македонски во Европа, Азија и Африка овозможиле слободно да се патува и тргува. На тој начин човековите хоризонти за знаење сосема се отвориле, исто како со географските откритија во 15 век, или со вселенските истражувања во 20 и 21 век. За таа цел, Александар во 332 година п.н.е. му доверил на архитектот Динократ да основа нов град. Тоа била Александрија, на уститето на реката Нил во Средоземното море. Во новиот град биле изградени прекрасни градби и во него живееле луѓе од разни делови на светот, делејќи заедничко искуство на едно мултиетничко и мултикултурно општество.
Посебно место во новиот и напреден град заземала старата Александриска библиотека за која се знае дека располагала со 700 илјади волумени. Таа била расадник на научната мисла во античкиот период и станала најголемата и најбогатата библиотека во Стариот свет, придонесувајќи за поостра перцепција за значењето на знаењето како инструмент во потрага за соработка и синтеза меѓу народите. Исто како и светилникот спроти неа, кој се возвишувал на соседниот остров Фарос, кој се сметал за едно од седумте светски чуда, и Александриската библиотека се смета за симбол на патот кој човештвото го води кон посветла иднина.

Основањето на Александриската библиотека било значаен научен потфат што до ден-денес е без еквивалент. Во периодот од повеќе од еден милениум, трудовите на научниците од античка Александрија им служеле како светилници на муслиманските и христијанските свештеници во Средниот век, исто како и на големите европски хуманисти од Ренесансата. Затоа се смета дека сето знаење во предалександрискиот период имало регионален карактер, а со основањето на библиотеката, тоа добило универзална димензија.

За жал, од старата Александриска библиотека не е останат ниту камен. Истражувањата и ископувањата немаат дадено никаков материјален доказ кој би овозможил реконструкција на изгледот на библиотеката и музејот, како нејзин придружен објект. Сите сознанија произлегуваат од прочучувањата и анализата на старите текстови, со што се создава простор за градење на митот до недоглед. Светислав Басара во своите романи од 90-те често ја провлекуваше приказната дека живееме во фалсификувана историја на човештвото, бидејќи оганот го однел сето дотогашно знаење, а се’ наваму е само копија на копијата на копијата.



Дваесет и кусур века подоцна, приказната доби свое легитимно продолжение, потврдувајќи ја изреката „Никогаш не вели никогаш“. Идејата за заживување на старата библиотека датира од 1974 година (годината на моето раѓање!), кога комисијата формирана од Универзитетот во Александрија избрала парцела за изградба на новата библиотека. Градежните работи започнаа во 1995 година, а откако беа потрошени околу 220 милиони американски долари, комплексот беше официјално отворен на 16 октомври 2002 година. Во 2009 година, библиотеката доби донација од 500.000 книги од Националната библиотека на Франција. Подарокот ја направи новата библиотека „Александрина“ шестата по големина франкофонска библиотека во светот.






Лудило! Да му е мерак на човек да седне, да учи, да чита, да истражува… по цели денови и цели ноќи. Се’ ми се чини дека кога ќе имам можност за прв пат да отпатувам во Египет, повеќе би сакал да ја посетам Александрија и нејзината велелепна библиотека, отколку прочуените пирамиди крај Каиро. Според достапните информации, таа нуди простор за осум милиони книги, а нејзината главна читална се протега на 20 илјади квадратни метри. Комплексот содржи и конференциски центар, специјализирани библиотеки за мапи, мултимедија, оддели за слепи и лица со оштетен вид, како и оние за деца. Исто така, овој мултинаменски центар содржи и четири музеи, четири уметнички галерии за привремени изложби, 15 постојани изложби, планетариум и лабораторија за реставрација на стари ракописи.
И за крај на ова александриско патување во минатото и иднината, да споменеме дека пред библиотеката, во чест на основачот од дамнешни времиња, симболично фигурира скромниот споменик со неговиот лик пред еден од влезовите во грандиозниот модернистички објект.

