Горан беше вљубен до уши. Тајната ја делеше со малку другари, најмногу двајца, и тие беа негови сојузници кои правеа сè за да се оствари љубовта, да добие фидбек и од другата страна. Но, тоа, за жал, никако не се случуваше. Тој секое утро се будеше со мислата за неа, за прекрасната Миа со сини очи, остар поглед и прекрасна насмевка. Кога добро размисли, всушност, таа беше неговата прва вистинска љубов. Многу девојки од одделението потајно го сакаа, но Горан беше до уши вљубен во Миа од другото одделение, врсничка и сопатничка од другата, соседна училница.
Горан имаше петтобрзинец што го обожаваше. Како помал стартуваше со „пони“ на кој научи да вози велосипед, а новиот убавец беше добра надградба на неговата страст кон превозното средство на две тркала, кое го сметаше за еден од најгенијалните изуми на човештвото. Тој беше единствениот со таков примерок во пошироката околина и во маалото беше главен. Нискиот велосипед со суперсоничен изглед беше во црвено-црна комбинација на бои и со детали што самиот сопственик си ги одбра како дополнителна опрема. Не беа многу на број, но сосема доволни за збогатување на изгледот. Мачкините очи, по две на секое тркало, беа со суптилен и ненападен дизајн, напред имаше светилка за ноќно возење што имаше кружен облик, а не коцкест како другите велосипеди, а како вистинско изненадување за сите, Горан на гиданот стави сирена со различни звуци што беа многу гласни и на која можеше да се зборува со токи-воки поврзано со кабелче од страната. Така, при возењето, доколку сакаше некого да изненади, тој ја употребуваше гласната сирена и потоа слатко се смееше на стравот што го предизвикал кај некое од маалските деца по гласното трубење со неа.
Токму петтобрзинецот беше неговото главно оружје за освојување на срцето на Миа. Таа живееше недалеку од неговата куќа, во соседната, паралелна улица и Горан секој ден по неколкупати поминуваше пред нејзината порта со велосипедот со надеж дека ќе ја види и можеби ќе му рече да подзастане за да разговараат. Но, тоа никогаш не се случи. Сепак, тој не се откажуваше. Деновите, месеците, годишните времиња се менуваа и минуваа, а Горан и понатаму беше вљубен до уши. Сепак, тоа беше неговата прва вистинска љубов во животот, која се појави токму навреме, на прагот од неговите тинејџерски години.
А во училиштето беше сосема поинаку. Тие се сретнуваа во ходникот при менување на училниците, разговараа, ќе си дадеа „петка“ и сè си беше в ред. Горан се обидуваше да не покаже ништо кон Миа, иако во стомакот му татнеше. Сепак, успеваше да остане смирен и да се однесува другарски. Но, попладнето, кога не беа на часови, тој се претвораше во вистински „лавербој“, повикувајќи ја љубовта во себе да излезе на виделина, надевајќи се дека ќе му биде возвратена. Сметаше дека она вистинското треба да се случи надвор од училиштето, затоа што тоа е нивен приватен живот и ваквите одлуки, да се биде со некого, треба да се донесат на приватен план, а не во рамките на образованието што ги мелеше и им го одземаше слободното време.
И на училишните екскурзии се случуваше истото. На еднодневните, кои бргу поминуваа, Горан го користеше секој момент да биде во близина на Миа и нејзините другари и другарки, неретко и приклучувајќи им се на активностите како играњето карти, одбојка, серва и слично. На оние неколкудневни екскурзии што се реализираат во завршните години од основното образование еднаш дури успеа и да ја бакне Миа во образот кога се играше „љубовно фото“ до доцна во ноќта, и тогаш си легна на креветот пресреќен, цела ноќ сонувајќи огромни балони во кои со Миа левитираат над морската шир.
Всушност, колку и да се правеше кул, Горан беше екстра срамежливо момче. Неговото вцрвување во одредени ситуации беше забележливо оддалеку и кај некои девојки тоа поминуваше, но не и кај Миа. Таа беше вистински џамбаз. Умееше да разговара и со многу повозрасни момци од неа, барабар водејќи муабети на различни теми. И Горан присуствувал на такви маалски сеанси, каде што Миа дури и доминирала над маалските фраери и на тој начин неговата љубов кон неа уште повеќе се зацврстуваше.
Срамежливоста кај него се влечеше од мали нозе. Едноставно, беше сигурен во себе само кога е на позната територија и со блиски и познати деца и луѓе околу себе. Штом се најдеше во ситуација да биде во присуство на непознати деца кога со неговите родители одеше на гости кај роднини и пријатели, тој не се одделуваше од здолништето на мајка му. Неверојатно. И ете, таа срамежливост му остана и во предворјето на тинејџ-годините. Тој се храбреше дека мора да го направи вистинскиот потег, да ја праша Миа дали сакаат да бидат пар и на тој начин таа срамежливост која, мора да се признае, умешно ја криеше, одеднаш магично ќе исчезне. Но, остануваше да се направи тој којзнае колку пати замислен и планиран „вистински завршен потег“.
Кога веќе не можеше да издржи откако слушна дека Миа веќе добила неколку понуди за врска што ги одбила, тој реши да стапи во акција. Неговата блиска другарка од одделението беше идеална за асистенција, бидејќи таа навистина добро стоеше со Миа. Муабетот беше направен, предлогот ставен на маса и Гоца му вети дека уште вечерта ќе ја праша Миа дали сака да му стане девојка. Горан знаеше дека нешто тука не штима, но едноставно, немаше храброст самиот да го стори тоа. Вечерта не можеше да спие. Се врткаше цела ноќ на креветот, бидејќи информацијата требаше да му биде соопштена утрината, на првиот час во училиште.
Утрото стана, ги заврши сите хигиенски обврски во студената бања, го испи млекото со лажица „Краш-експрес“ и замина на училиште. Попатно се надеваше дека ќе ја сретне Гоца за колку што е можно побргу да го дознае одговорот, но неа ја немаше. Сите ученици пристигнаа во училницата, веќе беа на своите столчиња зад клупите, дојде дури и одделенската, но Гоца ја немаше. Таа дојде неколку минути подоцна, се извини и седна на нејзиното место, во другиот ред со клупи, паралелно со оној на Горан. Тој цело време ја ловеше со погледот, но таа најпрво од чантата ги извади учебникот и тетратката потребни за часот, и најпосле конечно се сврте кон нејзиниот другар. Тој направи прашална фаца со надеж дека таа само со еден потег ќе му го соопшти одговорот, што секако и се случи, со тоа што Гоца го крена показалецот во воздух и со него заниша лево-десно неколкупати. Јасниот знак за „НЕ“ го здроби Горан. Тој легна на клупата со главата
настрана и освен еднаш, кога одделенската го опомена да се исправи, тој остана во таа положба до огласувањето на ѕвончето.
„И што ти рече?“, беше неговото прашање чиј одговор едвај чекаше да го слушне на малиот одмор.
„Па, Миа рече дека може да бидете пар, но малку подоцна, не сега“, му кажа другарка му.
„Кога подоцна?“, се чудеше тој.
„Па, не знам, подоцна, така рече. Веројатно за неколку месеци, година, две… не знам“, таа не сакаше да го повреди, туку му даваше надеж.
Во тоа, всушност, лежеше скриена назнака дека и таа мисли на него како што тој по цели денови мисли само на Миа. Но каков е тој одговор, се прашуваше Горан. Подоцна. Кога подоцна, кога ќе остариме?, сакаше да викне, а сепак не сакаше Гоца подлабоко да ја вплеткува во целата приказна. Таа засега направи доволно и ѝ се заблагодари за нејзиниот ангажман. Гоца многу го сакаше Горан, но тој не го забележуваше тоа, бидејќи беше вљубен до уши во Миа.
Горан беше на крстопат што да прави во однос на својата љубовна опседнатост. Конечно собра храброст да ја праша љубовта на неговиот живот. Добро сега, не директно, туку со посредник, но и тоа беше нешто отолку ништо. Можеби треба самиот да ја праша, да собере храброст и конечно да го стори тоа, па што биде нека биде. Еве, таа вели дека можеби подоцна би биле пар, и тоа е добар индикатор дека можеби и таа мисли на него, но сигурно би било поинаку доколку тоа го стореше тој, лично и персонално. Затоа периодот што следуваше беше многу тежок. Ја гледаше Миа, но таа го игнорираше. Чувствуваше дека ништо не е како порано. Тој продолжи да вози со петтобрзинецот со надеж дека конечно ќе се случи тоа запирање на портата, разговорот, па можеби и поканата да поминат заедничко попладне или вечер во нејзината соба, за која од Гоца знаеше до детаљ како изгледа. Но, таквата средба не се случи. Затоа Горан донесе значајна одлука. Тој реши да се одљуби.
„Еј дечки, како се одљубува?“, праша еднаш гласно на голем одмор.
Сите момци се изнасмеаја на неговото прашање, а девојките почнаа сериозно да расправаат на темата. Горан не ја сфати завршната поента на ниту едно поединечно излагање на своите одделенски другарки, па реши тоа да го стори сам, на своја рака. Лека-полека да ја згасне првата љубов што тлееше веќе неколку години во него, да ја уништи и веќе никогаш да не се врати во неговиот стомак, во неговото срце. Би требало да успее, се тешеше. Ќе биде тешко, но нема друго чаре. Миа очигледно избра форма што даваше некаква перспектива за обајцата, но тој сакаше тоа да се случи веднаш, додека беше жешко, заедно да ја почувствуваат сета сила на љубовта, колку тоа патетично да звучи. Но, работите никогаш не се случуваат онака како што посакуваме, заклучи тој.
Проретчија излегувањата надвор и собата за Горан стана единственото светилиште. Едвај чекаше да помине завршната школска година и да премине во друго училиште, на следно ниво, каде што ќе запознае нови деца од различни делови од градот, со што побргу ќе заборавеше на Миа. Тоа беше неговата зацртана цел и од ден на ден ја остваруваше. Ја реализираше на различни начини низ повеќе активности – цртање, пишување, читање, помагање низ дворот на родителите кои сакаа уреден тревник и безброј цвеќиња околу него, и секако, со гледање филмови.
Еден ден Горан стана и сфати дека веќе не мисли на Миа. Немаше веќе грчеви во стомакот што го измачуваа во претходниот период, проследени со зачестена дијареја. Тој се чувствуваше свеж и нов, како да поминал низ искуство што, иако не се реализираше, сепак ја спозна неговата внатрешна сила.
И тогаш се случи она на што не се надеваше никој. Дечкото на неговата постара сестра ненадејно почина. Тоа беше како удар на гром од ведро небо. Семејството се затвори во себе, сестра му се зави во црнина и сè отиде по ѓаволите. На Горан не му требаше уште една емоционална бура, бидејќи само што се извлече од онаа од која најмногу болуваше, но ете, животот е таков, суров и непредвидлив, помисли.
„Сакам да ми напишеш некролог за во весник“, го замоли сестра му. „Знам дека добро пишуваш, ги прочитав тајно твоите белешки во тетратките, прости за тоа, но сфатив дека навистина добро пишуваш“, му рече таа низ солзи, „затоа те замолувам како брат да ми напишеш краток текст за некролог во неколку реченици, а потоа да го проследиме до еден од весниците како последен поздрав од мене.“
Горан се најде во небрано. Тука имаше прекршување на непишаното правило меѓу нив да не си брчкаат низ личните работи, кое тој верно го почитуваше. Но, сегашната ситуација не налагаше да се расправа за тоа. Смртта на дечкото навистина ја погоди сестра му, заедно беа веќе три или четири години и тој вети дека уште попладнето ќе го напише текстот.
Се затвори во својот свет и почна да размислува што треба да напише. Навистина не беше фер што сестра му го побара тоа од него, бидејќи таа најдобро чувствува што треба да бидат нејзините последни зборови кон саканиот и неговото заминување на оној свет. Но, ете, не сакаше да цепидлачи, не беше моментот за тоа, па се нафати да ја направи оваа мала услуга за неговата разжалостена сестра.
И тогаш му светна. Да, тоа е тоа. Горан сфати дека ова е одличен момент да ги вложи своите емоции во текстот и на тој начин да напише некролог за својата прва љубов, која веќе е зад него. Тој дефинитивно беше одљубен од Миа и сега повторно беше свој и на свое, можеби сè уште срамежлив, но посилен за искуство повеќе. Тоа го окуражи и тој седна на бирото во собата, зема молив и лист хартија и го напиша најубавиот некролог за својата прва љубов во неколку реченици, кој совршено одговараше и на ситуацијата за која требаше да биде наменет. Кога сестра му го прочита, веднаш почнаа да ѝ се тркалаат солзи низ образите, што значеше само едно – полн погодок!
Погребот беше траорен, дојдоа сите што можеа да дојдат, бидејќи светот го напушташе еден млад живот. И Миа беше меѓу присутните. За момент им се пресретнаа погледите за време на пеењето на попот, но Горан изигра мудро и набргу потоа ги стави темните очила за да го скрие погледот. Сега беше слободен да гледа во Миа колку сака и тоа воопшто да не го боли. Тој беше одљубен… ах, колку му се допаѓа тој збор, штом толку често си го споменува во главата… и, она најважното, беше слободен!
Следното утро првата работа што ја направи е купување на дневниот весник од блиската трафика во кој беше објавен некрологот. Всушност, купи два примерока. Едниот им го однесе на неговите родители, кои исто така тешко ги погоди смртта на дечкото на ќерка им, а другиот го зачува за себе. Попладнето, кога се врати од училиште, зема ножички, го исече некрологот што го красеше неговиот текст, текстот што тој во име на сестра му го напиша и го закачи на ѕидот над креветот, како потсетник на едно време во кое тој ја доживеа својата прва љубов, која остана невозвратена. Некрологот ќе го потсетува на тоа.
Многу години подоцна, Горан влезе во една продавница во градскиот трговски центар за да купи нешто што во моментот му беше потребно. Го изненади изгледот на продавачката која му заличи на некого. Па, да, тоа е мојата прва некогашна љубов, си рече во главата и во дел од секундата ја почувствува онаа некогашна непријатност, онаа срамежливост што одамна не фигурираше кај него, но очигледно останала длабоко скриена внатре и само чекала ваква ситуација за да избие на површина, барем за момент.
„Еј, Горан, здраво, лонг-тајм-но-си“, му рече Миа во нејзин стил, како пред петнаесет-дваесет години, кога беа клинци.
Таа сè уште беше пеколно привлечна, со оние сини очи кои како да продираат низ битието на другиот. Навистина, бутките на нозете малку ѝ се покрупни отколку што треба, забележа тој, и газенцето малку ѝ е потспуштено, а сепак таа и понатаму добро се држи. Горан се насмевна и отиде да се поздрави со неа, а попатно го пушти она чувство што за момент го почувствува да тресне од подот и да се распрска на илјадници парчиња, бидејќи не беше негово. Разговорот со Миа беше вообичаен, за секојдневието, за некои претходни времиња, сè на сè, сето она што може да се набувта во десетминутен разговор на луѓе кои не се виделе одамна, а во меѓувреме им се изнаслучиле илјада работи. На крајот, срдечно се простија со надеж дека повторно ќе се сретнат и можеби ќе излезат на кафе-пијачка.
Горан замина од дуќанот малку растреперен, иако успешно го скри тоа од некогашната прва љубов. Со секој следен чекор таа растрепереност доби доза и на растревоженост, бидејќи почувствува дека омразата кај него почнува да расте. Не онаа убиствена омраза што може да те уништи, туку онаа што веројатно тлее кај човек по различни поводи. Горан токму во тие моменти почна да сфаќа каков е всушност тој како личност. Кога ќе погледне на годините наназад, тој имаше повеќе или помалку успешни врски со разни девојки, но ниту една од нив не му остана пријателка. Всушност, тој и не сакаше понатаму да контактира со нив. Секако дека се обиде да го прави тоа по раскинувањето на врските, но по првата или втората средба на неформална кафе-дружба, тој не гледаше поента во сето тоа и го прекинуваше секој контакт со неговите поранешни девојки. Неговите пријатели, напротив, и понатаму се гледаа со „бившите“, неретко и повторно влегувајќи и излегувајќи од врска со нив. Но, за тоа тој никогаш не размислувал бистро и јасно како во овој момент, додека заминуваше од дуќанот во кој ја сретна Миа, неговата прва љубов. Мораше да се случи оваа средба по толку време за да сфати каков е тој и како се однесува со другите луѓе. Не знаеше дали е тоа добро или лошо, дали од него таквите постапки создаваат неемпатичен ѕвер, кој се оддалечил од реалниот свет, но ете, тој така чувствуваше однатре и на тој начин и ги донесуваше крајните одлуки.
„Па, што има лошо во тоа?“, се тешеше Горан во себе додека чекореше низ градскиот плоштад, а небото над него стануваше сè потемно и потемно, подготвувајќи се да истури. „Само сакам да се заштитам себеси“, заклучи.
И сметаше дека има право. Многупати размислувал каде ќе беше во моментот и каков живот ќе живееше доколку беше со Миа, или со Сузана, или со Бети… ах,
Бети… или со Зага, или со Фани… на сите ним им даде парче од себе, сите нив многу ги сакаше, бидејќи тој не знаеше поинаку, мораше целиот да се внесе во врската, без пардон, без предрасуди. И тие, секако, вложија дел од себе во врските, но никогаш како тој, никогаш со таква сила и занес како тој. Затоа Горан потоа не можеше да продолжи да се гледа со нив. Неговиот став беше дека нешто што поминало – поминало, и нема враќање назад. Тоа како принцип го воспостави уште со првата љубов и остана негова карактеристика до денешен ден. Дали е тоа правилно – којзнае?! Но, негово право е да постапува како што мисли дека треба, за да се заштити. За да се заштити!
Размислувајќи за овие работи, Горан конечно стигна до десеттобрзинецот што неодамна го купи на болвапазарот, го отклучи катанецот со кој беше врзан, се качи на него, ги заврти старите педали што малку крцкаа и го напушти централното градско јадро. Во истиот момент плусна пороен дожд што за кратко време градот го претвори во немирен брод што плови.
@Расказот е дел од збирката „Двојна експозиција“ (2022). Истиот беше преведен на пет јазици и објавен во магазинот „Literatur review“: