На конференција за новинарите денеска беше објавена програмата на претстојното, јубилејно издание на „КинеНова“, кое ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври. Фестивалот, како и секогаш, носи возбудливи деби остварувања, а годинава за фестивалските награди рамноправно ќе се борат три документарни и три играни филмови. Во продолжение ви ги претставуваме сите наслови во официјалната конкуренција 😉

- ПРАСЛОВЕН (PRASLOVAN), 2024, Словенија
Сценарио и режија: Слободан Максимовиќ
Улоги: Ненад Токалиќ, Франо Машковиќ, Жига Предин
Времетраење: 112 мин.
Бунтовник, борец за правда, пост-панкер и шансонер. Незаборавен член на југословенскиот „Нов бран“. „Прасловен“ е емотивна и инспиративна биографска драма што го следи животот и кариерата на еден од најважните кантавтори на поранешна Југославија, Зоран Предин. Филмот го открива неговото патување од младоста во Марибор, каде што почнал да се занимава со музика, до врвот на славата со бендот „Лачни Франц“ и неговата соло кариера, што го направи икона на музичката сцена. Низ филмот нè водат гиганти на југословенската музичка, литературна, филмска и спортска сцена, како Ѓорѓе Балашевиќ, Бранко Ѓуриќ, Миљенко Јерговиќ, Габи Новак, Јуре Франко, Зоран Чутура, Мањифико, Петар Јањатовиќ, Анте Томиќ, Александар Станковиќ…
2. ПАНОПТИКОН (PANOPTICON), 2024, Грузија/Франција/Италија/Романија
Сценарио и режија: Георге Сикарулидзе
Улоги: Дата Шакуа, Малказ Абуладзе, Ија Сукиташвили, Вако Кеделадзе
Времетраење: 95 мин.
Откако татко му го напушта за да стане православен монах, Сандро се бори да ја усогласи својата должност кон Бога и неговата пробудена сексуалност, што се манифестира на неконтролирани начини и го води кон сомнително однесување, додека бара смисла и припадност во турбулентното општество на постсоветска Грузија. Приказната не е важна само за грузиското општество денес, туку е релевантна и за многу други земји во моментов. Силни струи на национализам, фашизам и верска нетолеранција кон сè што е различно се појавија на многу места, а сепак имаме тенденција да заборавиме дека најголемите ефекти од ваквите движења може да се видат кај тинејџерите, бидејќи ова е таа ранлива возраст кога се обликува личноста на поединецот.
3. ЈОХАЦУ – СО МАЛКУ ВОЗДУХ (JOHATSU – INTO THIN AIR), 2024, Германија/Јапонија
Режија: Андреас Хартман, Арата Мори
Сценарио: Андреас Хартман
Играат: Сугимото, Канда, Гото
Времетраење: 86 мин.
Секоја година, илјадници луѓе исчезнуваат без трага во Јапонија. Познати како „Јохацу“, или „испарените“, тие ги напуштаат своите животи од различни причини – проблематична врска, растечки долгови или закани од мафијата. Некои добиваат поддршка од таканаречените компании за „ноќно преселување“, кои им помагаат на луѓето да исчезнат и да започнат нов живот некаде на друго место. Фрлајќи интимен поглед на феноменот на „испарување на луѓето“, овој филм ги прикажува внатрешните конфликти и обидите за помирување на оние кои исчезнале и оние кои се оставени зад себе.
4. ПОМЕЃУ БОГОВИТЕ (DWELLING AMONG THE GODS), 2024, Србија
Режија: Вук Ршумовиќ
Сценарио: Вук Ршумовиќ и Момир Турудиќ
Улоги: Ферештех Хосеини, Реза Аклагирад, Никола Ристановски
Времетраење: 102 мин.
Млада Авганистанка доаѓа во Белград во пикот на мигрантскиот бран. Нејзината борба започнува кога дознава дека нејзиниот помлад брат се удавил во реката таму, и е решена да го погреба под неговото целосно име.
5. БЕШЕ НЕКОГАШ ВО ГАЗА (ONCE UPON A TIME IN GAZA), 2025, Палестина
Режија: Араб и Тарзан Насер
Сценарио: Мари Легранд, Амер и Араб Насер
Улоги: Надер Абд Алхај, Мајд Еид, Рамзи Макдиси
Времетраење: 87 мин.
Газа, 2007 година. Јахја, млад студент, се спријателува со Осама, харизматичен сопственик на ресторан со големо срце. Заедно, тие почнуваат да продаваат дрога додека доставуваат сендвичи со фалафел, но наскоро се принудени да се справат со корумпираниот полицаец и неговото преголемо его…
6. ИЗГУБЕНИОТ СОН НА ТИМОТ ОД СОНИШТАТА (LOST DREAM TEAM), 2025, Хрватска
Сценарио и режија: Јуре Павловиќ
Учествуваат: Душан Ивковиќ, Тони Кукоч, Владе Дивац, Јуре Здовц…
Времетраење: 85 мин.
Приказна за фантастичната генерација на југословенската кошарка, која во 1991 година во Рим го освои своето последно злато, токму во моментите кога земјата се распаѓаше и веќе не постоеше. Во филмот со свое гледиште настапуваат Дивац, Кукоч, Здовц, Паспаљ, Раѓа и останатите ведети на југословенската кошарка, која за жал, не го оствaри сонот да се сретне со првиот „Дрим тим“ од НБА лигата на ОИ во Барселона во 1992 година, како можен и посакуван „судир на титаните“.
Драги љубители на седмата уметност, Вие сте на потег 😉
