Победник на Интернационалниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“, чие десетто, јубилејно издание финишираше на почетокот на минатиот месец, e грузискиот филм „Паноптикон“ на сценаристот и режисер Георге Сикарулидзе. Жирито во состав Срдан Голубовиќ (режисер), Владимир Самоиловски (кинематографер) и Хамед Солејманзадех (филмски критичар) својата одлука ја образложија на следниот начин: „Исклучителна режисерска интуиција во раскажувањето приказни која се базира на клише, но далеку ги надминува границите на очекуваното, внесувајќи нè во светот на личниот, кревкиот и еротски универзум на главниот лик. Чувствителноста, храброста, непредвидливоста и ранливоста на ликовите во филмот создаваат мозаик од необичен и фасцинантен свет на непознатата Грузија“. Сето ова е доволна провокација за потсетување и препорака за филмот, претставувајќи го во продолжение ова мало ремек-дело од различни агли.

„Паноптикон“ е деби изненадувањето на филмската сезона што изминува, со неколку фестивалски награди зад себе во Карлови вари, Монпеље, Палиќ… и се разбира, на „КинеНова“! Фокусот на приказната е врз Сандро (Дата Шакуа) и неговото растење и созревање во „превртени“ услови. Откако неговиот татко (Малказ Абуладзе) го напушта за да стане православен монах, Сандро се бори да ја помири својата должност кон Бога и својата пробудена сексуалност, која се манифестира на неконтролирани начини и го води кон сомнително однесување, додека бара смисла и припадност во турбулентното општество на постсоветска Грузија.
Со мајка која работи нелегално во странство и баба која е премногу стара за да ги замени неговите родители и за која мора да се грижи, младиот момак е оставен практично сам на/со себе. За да ја исполни новата обврска како син на иден монах, тој мора да се сврти кон религијата, и без да го сфати тоа, станува угнетен од невидливиот духовен надзор на татко му и од Бога, кој на суптилен начин го обликува неговото однесување.

Оваа ненадејна промена доаѓа во периодот на сексуалното будење на Сандро, создавајќи во него моќен конфликт помеѓу телото и душата. Убеден дека сексот пред брак е грев, тој ги потиснува своите желби кон својата средношколска љубов, Тина (Саломе Геленидзе), и наместо тоа почнува да ја манифестира целата сексуална фрустрација на несоодветни начини, како што е допирањето случајни девојки во јавноста и изложувањето пред мајката (Ија Сукиташвили) на неговиот фудбалски соиграч, Лаша (Вако Кеделадзе). Додека развива еротска фиксација кон неа, Сандро лесно паѓа под влијанието на нејзиниот шармантен син, кој е малку постар од него. Но тој исто така e и националист, кој брзо го намамува Сандро во растечкото христијанско фашистичко движење.
Сандро се обидува да ги помири овие спротивставени сили во своето срце. Тој се бори за опстанок и се обидува да ги разбере поимите за верата, љубовта и машкоста во најформативниот период од неговиот живот – искушение кое на крајот ќе се покаже како откровение на неговата човечност.

Во едно интервју, авторот Сикарулидзе на суштински начин објаснува што сакал да постигне со овој филм базиран врз неговите искуства во тинејџ годините: „Сакав да истражам како религиозниот и идеолошкиот фундаментализам можат да ги водат младите луѓе кон нездраво сексуално однесување, траума, отуѓеност и на крајот кон насилство, и како таков, овој филм е предупредување за овие опасности што се надвиснуваат над нив. Но, како и секаде низ светот, животот за децата е поголем од заканите што ги опкружуваат. Филмот се стреми целосно да го долови младиот грузиски дух и радостите од тоа да се биде тинејџер, малите и поголемите грешки и, најважно од сè, научените лекции притоа“.

Се чини дека многу млади луѓе би можеле да гледаат на „Паноптикон“ како на огледало. Но истовремено оваа приказна оди подалеку од тинејџерството и ги допира и оние млади луѓе кои поминале низ слично искуство. Во многу современи општества религијата се користи како оружје што раѓа омраза кон Другиот, а тие се во неможност да изберат да живеат поинаку од нејзиниот индоктриниран пат.
Затоа оваа приказна не е важна само за грузиското општество, туку е релевантна и за многу други земји во моментов, каде се актуелни силните струи на национализам, фашизам и верска нетолеранција, и генерално, нетолеранција кон сè што е различно. Филмот на Сикарулидзе ни праќа силна порака дека не треба да заборавиме оти најголемите ефекти од ваквите движења можат да се видат кај тинејџерите, бидејќи оваа ранлива возраст е онаа кога се обликува личноста на поединецот. Затоа „Паноптикон“ е важен филм кој се појавува во вистински момент и кој мора да се погледне. Срдечна препорака 😉
