Бункерот на Хитлер

Доколку во Ваша близина се наоѓа легендарниот бункер на Хитлер, дали би го посетиле без око да ви трепне? Особено ако сте една седмица во Берлин, и судбината сакала бункерот-музеј да биде на стотина метри од хотелот во кој престојувате!? Но и поради фактот што секојдневно минувате крај него, и не можете да не го забележите. Сепак, германската метропола нуди многу работи што треба да се видат, затоа бункерот е ставен во фолдерот „ако“ и фигурира на последното место на листата. „Ако има време, можеби последниот ден“, соопштувам гласно. „Летот е попладневен, одјавувањето од хотелот е во 12 часот, таман ќе има време да се види и тоа чудо“. И така се случи.

Случајниот избор на хотел близу прочуениот „Постдамер плац“ ни овозможуваше лесна врска со сите работи што сакавме семејно да ги видиме и доживееме. Испадна дека култниот „Чекпоинт Чарли“ е на 10 минути одење, додека на спротивната страна срамежливо, но сепак видливо, беше истакнат музејот-бункер, кој го забележавме уште првиот ден, кога го баравме „Ханза“ студиото во кое Боуви ја сними славната берлинска трилогија од 70-те години на минатиот век.

Враќајќи се пеш кон хотелот, притоа сликајќи се и пред театарот во кој секој февруари се одржува Берлинскиот филмски фестивал, наидовме на бункерот кој во тоа време, околу 20 часот, веќе беше затворен. Направивме пар фотографии оддалеку, и падна одлуката од почетокот на текстот, музејот (евентуално) да се посети во последниот ден, утрото пред заминување.

Близината на метрото на улицата „Анхалтер“ ни овозможуваше лесна комуникација со сите делови во градот. Притоа не можеше да не забележиме дека фонтот на буквите со кои беше испишано името на станицата потсетува на национал-социјалистичка Германија од 20-те и 30-те години на 20 век, кога Хитлер лека-полека се искачил на самиот трон. Само оваа метро станица беше испишана со вакви букви, и разбирливо, бидејќи требаше да ги наведе туристите дека во близина се наоѓа музејот-бункер, единствен во градот.

Но крај влезот во метрото, со својата убавина пленеше една друга реликвија од минатото. Останатите портокалови ѕидини од главниот објект на некогашната железничка станица во срцето на градот и денес привлекуваат со својата импозантност исправена кон небото.

Некаде на средина од престојот во Берлин се задржавме малку повеќе пред овој монумент, а на информативните табли отстрана пригодно беше раскажана приказната за најголемата градска железничка станица во тоа време, од која многумина заминувале, некои од нив во слобода, а други засекогаш напуштајќи го овој свет.

Како го откривавме градот, така сфативме дека изборот на хотел во близина на плоштадот „Потсдамер“ е полн погодок, затоа што насекаде во околината сме опколени со историја, и тоа онаа од безмилосната Втора светска војна. Секојдневно минуваме крај изложбата на отворено „Topografie des terrors“ во дворот на берлинскиот „Документаристички центар“.

Малку понатаму, до плоштадот „Хана Арент“, на огромна градска парцела се простира „Меморијалот на убиените Евреи во Европа“, една застрашувачка бетонска инсталација во просторот која на жителите и минувачите им служи да земат малку здив. И сето тоа проследено со парчиња од берлинскиот ѕид распослани насекаде.

И конечно, помина цела седмица и дојде денот „Д“. Полн со позитивни впечатоци од градот направен по мерка на човекот, остана време уште за утринска посета на музејот-бункер, како што и претходно беше планирано. Но некако не ми се одеше. Сепак времето мораше да се потроши, и тргнав да ги пополнам тие 2-3 часа пред напуштањето на прекрасниот Берлин. Излегувам од хотелот и се упатувам по „Анхалтер штрасе“. На раскрсницата уредно чекам да светне зеленото светло за пешаци, и преминувам од другата страна, онаму каде што се ѕидините на старата железничка станица. Продолжувам крај нив и во далечина здогледувам детско игралиште на кое се возат велосипеди. Потаму и модерна спортска сала. Во здраво тело – здрав дух.

Сите знаци водат кон Хитлеровиот бункер, нема бегање. Поминувам крај напуштена метро станица. Влезот е непристапен. Нашата е подолу, од другата страна на улицата, а претпоставувам дека од оваа директно се доаѓало до влезот од музејот, бидејќи забележувам дека објектот е близу.

Тогаш наидувам на една убава глетка во која во иста фотграфија ги врамувам германскиот влочјак и едгар-алан-поовиот гавран. Најчесто животот сам ги реди коцките, само треба да се опуштиме 😉

Се приближувам до објектот во чиј двор, всушност, се наоѓа бункерот на Хитлер. Модерната зграда плени со својата архитектура, а дрворедот на улицата ме засолнува од летното сонце. Има уште десетина минути до отворањето на музејот, и не брзам. Чекорам полека, и одеднаш од внатрешноста на зградата слушам детски џагор. На прозорците се истакнати детски цртежи на различни теми. Тогаш сфаќам дека се работи за детска градинка. Морници ми полазија по телото. Во дворот на детската градинка е бункерот во кој се самоубил најголемиот крвник во 20 век!? Неверојатно.

Останувам уште одредено време за внимателно да ги разгледам цртежите на децата. Меѓу нив се наоѓаат вистински уметници. Здогледувам и еден „Џексон Полок“ обид, изгледа многу симпатично. Детската врева однатре го зацрвстува мојот претходен став дека јас, всушност, ова го правам насила. Уште првиот ден, кога го здогледавме музејот-бункер, знаев дека не сакам да го посетам. Гласовите на дечињата само ми го потврдуваат тоа. Тие се иднината, нивната енергија и светлина е онаа за која треба да живееме, помагајќи им утре да станат горди жители на оваа планета.

Јас повеќе сакам да се држам до тој дел од приказната, а не посетувајќи музеј со една приказна за која толку многу сме читале, гледале, слушале и учеле, приказна која никогаш не сакам да се повтори. Иако во последниве години, за жал, се повторува. Јас сум за позитивната страна на човековата историја. Јас сум за емпатија. И затоа, принципиелно, нема да го посетам Хителровиот бункер, особено поради тоа што нацизмот и фашизмот во Европа во последнава декада како да воскреснуваат од секој можен агол. Тоа не е мојата приказна. Тоа не е мојата визија на светот, врескав во себе.

Сепак, кога сум веќе тука, ќе ѕирнам барем малку. Љубопитството е човечка особина. Вратите се отвораат, и влегувам во дворот на објектот. Вработените го отворија и влезот во бункерот кој бетонски, како грдосија, се извишува високо угоре. Интересно, овој простор им служи како паркинг и на вработените во градинката и на оние во музејот. Десно, пак, забележувам приватен ограден простор кој служи за некаков приватен бизнис. На почетокот има и заградена гаража. „Македонски“ вирус во Германија 🙂

Се качувам до влезот и разгледувам како е уреден. Забележувам дека билетарата не е во првиот ходник, туку веројатно треба да се влезе внатре. Го правам и тоа. Во ходникот е изложена бомба од Втората светска војна. На ѕидовите се истакнати изјави од видни личности за значењето на музејот-бункер и за чувствата што ги предизвикала приказната кај нив.

Конечно, официјалниот влез во бункерот од Втората светска војна. Двете девојки со модерни кратки фризури си бркаат своја работа. Доаѓа еден стар пар, купува билети и влегува во музејот. Забележувам дека отстрана има книжарница/библиотека со книги. На прашањето дали може да влезам во тој дел и да го разгледам, бев студено одбиен од девојките. Време е да го напуштам просторот во кој и онака не сакам да бидам.

Надвор забележувам дека прецизните и практични Германци ја раскажале целата приказна што ја содржи внатрешноста на бункерот-музеј. Низ текст и фотографии набрзина со мобилниот апарат ја архивирам целата приказна, за да не ме копка што сум пропуштил. Затоа што, велат, „љубопитноста ја убила мачката“ 😉

И на крајот, она што лебди во воздухот целото ова време. Овој бункер на улицата „Анхалтер“, се разбира, не е оној бункер во кој Хитлер, според официјалната историја, си го одземал животот на 30 април 1945 година. Нормално, за привлекување на повеќе посетители, во музејската содржина е вклучена и приказната за самоубиството на Хитлер низ оригинална ре-креација на собата каде го сторил тоа.

Оф-топик, според новиот документарен филм емитуван пред неколку месеци на „History channel“, во бункерот е најдена крвава крпа на софата, и со ДНК испитување, утврдено е дека Хитлер имал т.н. Калманов синдром, односно, еден тестис и микропенис. Но и АДХД, шизофренија, аутизам… Угледниот „Гардијан“ е критичен кон авторите наведувајќи дека немаат доволно докази за овие тврдења, и дека одат на сензационализам, не почитувајќи го научниот пристап. Но, филмот барем го разбива митот дека Адолф немал еврејски корени.

Враќајќи се на темата, бункерот-музеј на „Анхалтер штрасе“ е еден од многуте бункери низ Берлин во кое цивилното население се засолнувало кога сојузниците силно го бомбардирале нивниот град. Бидејќи овој бункер е најзачуван од сите берлински бункери, тој послужил за раскажување на таа страшна приказна од пред 80 години. „Оригиналниот“ е на сликата долу.

А сакате да знаете каде се наоѓа местото на вистинскиот бункер во кој Адолф си пукал во слепоочницата? Нормално, руската војска тој бункер го срамнила со земја за да не останат никакви траги веднаш по завршувањето на војната, но се’ уште има туристи што сакаат да го посетат тоа место, и некои од туристичките водичи тоа им го овозможуваат. Еве фотографија за која ниту оддалеку не би претпоставиле дека ова мирно градско подрачје крие една од најозлогласените тајни на минатиот век.

Небото над Берлин е спокојно, онакво како во филмот на Вим Вендерс. Заклучувам: „Oнаму каде што има убавина, зад неа секогаш се крие одредена доза на болка“. Време е да се замине.