Баухаус во МСУ

Деновиве скопскиот музеј со најдобра локација и поглед кон градот , Музејот на современа уметност на скопското Кале, е прилично активен и приредува неколку интересни поставки. Онаа што може да се посети уште денес и утре, а беше отворена на 05 ноември, е супер интересната концептуална изложба на фотографии „bau1haus“ на германскиот уметник Жан Молитор, кој на едно место ни ја претставува приказната за култниот вајмарски Баухаус, по повод стогодишниот јубилеј од овој правец во модерната архитектура во сите негови аспекти и трансформации на постоење.

Низ 50 фотографии поставени во салата пред музејското кино, Молитор успева да не’ врати назад низ целиот 20 век преку репрезентативните обележја на Баухаус архитектурата, почнувајќи од матичната Германија, преку земјите од Источниот блок и Третиот свет, па се’ до државите од западната хемисфера.

„Изложбата во различни комплекси се доближува до целиот спектар на модерното градење. Во центар на вниманието не се архитектонските икони како мајсторските куќи во Десау, туку пред сѐ згради што го документираат меѓународниот дух на времето во нивното секојдневие, меѓу нив, станбени површини, кина, училишта, населби, театри, вили, болници, бензиски пумпи и индустриски градби. Тие ги отсликуваат и итните прашања на првата половина од 20 век: нова мобилност, социјална градба на станови, градска хигиена, медицинска грижа како и настојувањето за образование и активности во слободното време. Преку висококвалитетни црно-бели фотографии, прочистени од секакви влијанија што пречат, Молитор се концентрира со трезвен поглед на естетиката на архитектурата. Снимени од малку издигната позиција, се чини дека зградите со своите јасни линии, заоблени фасади и стаклени агли лебдат речиси безвременски“, се вели во каталогот од изложбата.

Она што импресионира на изложбата се централно поставените фотографии од објектите во Скопје, кои црпат директна инспирација од Баухаус правецот. Зградите покрај кои со години поминуваме се дел од меѓународното влијание на вајмарската уметност врз модерната архитектура, како доказ за нејзината космополитска естетика.

„Оваа архитектура во Скопје се создава во неколку наврати; во скромен обем, но со извонредно значење за прв пат се се појавува во периодот помеѓу двете светски војни (1918-1941 г.). Истовремени со градбите кои сѐ уште носат белези на академизмот и неговите локални подваријанти, делата на Иблер и Злоковиќ во Скопје храбро ја воведуваат естетиката на европската авангарда. Повоениот период (1945-1963 г.) веќе добива широк модернизациски карактер и додава нов, обемен архитектонски слој кој во себе ги обединува предвоените искуства и новите истражувања и стекнати знаења. Речиси без исклучок во делата на Леви, Ранковиќ, Брезоски, Петричиќ и др.,  доминира естетиката на едноставни, „бели“ волумени и големите застаклени површини. Ваквиот начин на архитектонско изразување и обмислување на просторот во континуитет продолжува да опстојува и во периодот на постземјотресната обнова и изградба на Скопје (1963- раните 1980-ти години), овојпат како еден од мноштвото можни архитектонски јазици (структурализам, метаболизам, брутализам итн.)“.

За крај, една моја мала интервенција врз целиот овој интересен проект, преку музичка тема од британскиот бенд Баухаус од средината на 70-те и почетокот на 80-те години, кој во својата естетика во видео спотовите и сценските настапи го вградува духот токму на овој правец во уметноста Всушност, доволно кажува и самото име. Повелете, г-не Марфи!

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *