Кон „17“ на Косара Митиќ

Тенденцијата во домашната кинематографија гласно да се раскажува за проблемите и искуствата со кои се соочува новата генерација млади луѓе кај нас продолжува и во дебито на Косара Митиќ едноставно насловено „17“. Во последниве години македонските филмаџи(к)и отворено се соочуваат со темите како првото сексуално искуство, траумата, одговорноста и женската солидарност. Споменувајќи само некои од нив, краткиот филм „Северен пол“ на Марија Апчевска и целовечерниот „Сестри“ на Дима Дума, и „17“ се надоврзува на ангажираноста на големото платно бескомпромисно да се претстават интригантните теми кои, всушност, се секојдневие меѓу тинејџерите, но за кои во медиумите ретко се зборува и пишува. Да не ги споменуваме службите кои треба да ја (а не ја!) вршат коректно својата работа.

Филмот започнува со категоризација на возраста, која гласи „16+“. Токму шеснаесетката е таа магична граница после која, во многу случаи, се влегува во светот на возрасните. На седумнаесет веќе посериозно се соочуваш со суровоста на светот околу тебе, и најчесто не знаеш како да реагираш, освен според истиот принцип кој го гледаш пред себе. Приказната се заокружува веќе со следниот телоп, на кој пишува „инспирирано од реална случка“.

Сара (Ева Костиќ) и покрај несаканата бременост, решава да оди на училишната екскурзија. Тоа истовремено е бегство од родителите, со кои не сака да се соочи. Таа ја крие тајната од соученичките, постапувајќи во ситуацијата онака како што знае и умее. Сето тоа го зголемува гневот кај неа најпрво кон себе, а потоа кон соучениците, особено откако ќе биде сведок на сексуална сцена во која цимерката и другарка ќе се најде во истата ситуација како и таа. Не дозволувајќи да се повтори препознатливото сценарио, таа реагира соодветно на нејзината возраст.

Изборот на режисерката Митиќ ова сценарио, потпишано од ко-авторот Огњен Свиличиќ, е да го реализира овој филм следејќи ја исклучиво Сара во гро-план. Камерата на Наум Доксевски е секогаш близу до тинејџерката која најчесто со молк минува низ предизвикот со кој се соочува, на тој начин создавајќи интимна и психолошка блискост меѓу гледачот и протагонистот. Со фокусирање на најситните експресии на лицето и говорот на телото, камерата ги доловува внатрешните морални дилеми, стравот и тензијата на ликовите без потреба од долги објаснувања или дијалози. На тој начин, камерата станува жив и активен сведок што ги следи ликовите во чекор. Ова го става гледачот во истата просторија со нив, создавајќи чувство на документаристички реализам.

Оваа постапка не е толку честа во кинематографијата и претставува интересен избор за еден дебитант, бидејќи крајниот резултат не секогаш знае да биде задоволителен. Пристапот меѓу филмаџиите е нарекуван „етика на погледот“ и овозможува публиката не само да ја разбере приказната, туку и физички и емотивно да ја почувствува тежината на одлуките што ги носат ликовите. Да ги споменам само белгиските браќа Дарден, кои милуваат на овој начин да ги снимаат филмовите за своите (анти)херои(ни) на големото платно, кои неретко им носеа значајни фестивалски награди (две „Златни палми“ во Кан, за „Детето“ (1999) и „Розета“ (2005) ).

Сепак, за комплетирање на целосната слика, се чини како ко-сценаристите да требало да се потрудат околу дијалозите и усложнувањето на односите меѓу ликовите со ситни, но битни детали, не пополнувајќи го просторот со кажување на средношколски вицеви. Споровозното дејствие кон очекуваната завршница мора да содржи повеќе суштина и длабочина. Но дали со тоа Митиќ само сака комплетно да ја разголи бесмисленоста во која живееме, реалноста без емпатија во која родителите се расфрлани наваму-натаму, трошејќи го времето без сериозно да разговараат со своите деца, а овие, изгубени во виртуелните светови и погрешни вредности, не знаат како да се соочат со разурнувачкиот свет кој е подготвен да им ги скрати крилјата!? Можеби.

Но каде е тука преиспитувањето? Прашањата како „што со себе понатаму“? Зарем новите генерации се толку површни што тоа тешко го забележуваме, или го забележуваме, но не сакаме да го прифатиме? Добро е кога еден филм отвора вакви прашања, колку и самите да си ги поставуваме во себе, не гледајќи ги на сребрениот екран. Филмската уметност ги содржи сите механизми преку кои овие нешта може добро да се разработат.  

По премиерата на „Берлиналето“ и наградите на фестивалите во Ерусалим, Сараево и Херцег нови, викендов стигна уште едно признание за дебитантскиот филм на Косара Митиќ, кој во моментов е актуелен на репертоарот во домашните кина. Имено, најстарото здружение на филмски критичари „ФИПРЕСЦИ“ го номинираше меѓу шесте наслови за наградата „Европско откритие“ на новите таленти во европскиот филм (European Discovery – Prix FIPRESCI). Доделувањето на наградите на Европската филмска академија е закажано за 16 јануари 2027 година во Атина.