Нови изненадувања за нови поколенија

Поговор кон реизданието на „Писма“ од Игор Исаковски (ИЛИ-ИЛИ, 2026)

Почетокот на последната деценија во 20 век беше катарзичен. Истовремено финишираа 80-те години, кои за многумина на овие, регионални простори беа „рајот на земјата“, со една од најсилните европски музички сцени и генерално безгрижното живеење и патување со црвениот пасош каде и да ви текне, а започнуваа крвавите 90-ти години на Балканот кои ќе го ослободат притаеното зло и за кои, од оваа дистанца, знаеме како ќе завршат – со илјадници невини жртви. Како увертира на босанската приказна, во 1989 година на телевиските екрани, во живо, ја следевме автентичната романска револуција низ улиците на Букурешт, додека во Берлин се рушеше ѕидот како најава на почетокот на крајот на неколкудецениската блоковска „студена војна“ меѓу Истокот и Западот.

Што да прави во таква ситуација еден млад човек кој неодамна влегол во пубертет и се соочува со нова, средношколска средина, со нови „клинци“ кои доаѓаат од другите скопски населби, секоја со сопствен табиет, и со кои треба да размени каква-таква енергија? Една од опциите е да влезе во светот на литературата. И што го чека таму? Поголем дел од лектирните изданија не кореспондираат со неговата моментна зрелост, па дури и го одвраќаат од намерата дека со читањето може да се подотворат некои врати кои би го понеле во други, возбудливи насоки.

И додека во независната и самостојна „оаза на мирот“ продолжуваа да пристигнуваат информации за жртвите отаде нововоспоставените граници, приказната полека почнуваше да се развива, и на училишното мени се редеа книги како „Странецот“ на Ками, „Степскиот волк“ на Хесе, „Процес“ на Кафка… кои бараа поинаков мисловен ангажман, и кои изискуваа проширување на истрагата по дела кои ќе ја вознемират душата на младиот човек. Покрај голтањето на останатите наслови од споменатите писатели, љубопитноста водеше до нови откритија каде клучен елемент беше еротиката. Ох, толку природно!

Радоста со која се читаа делата на Чарлс Буковски и Хенри Милер не се опишува, бидејќи не беше обременета со денешната севладеачка „политичка коректност“. Стариот пес Буковски со својата сурова јазична едноставност го „разголуваше“ американскиот сон од секој можен аспект, додека поетичниот Париз на Милер од 30-те години беше вистински лек за влажните соништа на секој тинејџер кој мисли дека станал адолесцент читајќи само пар наслови од овие писателски големини.

Се разбира, сето ова делуваше инспириративно за правење и на првите книжевни обиди најчесто обликувани во песни со слободни стихови, кои, кутрите, можеа да го истрпат сиот аматеризам кој излегуваше од сивите мозочни ќелии. Но, пар песни во одредени моменти поминуваа кај девојките, и тоа е се’ што ви треба, станувајќи херој на денот. Се’ до следното, отрезнувачко утро.

И тогаш… од нигде-никаде, во раце ми падна книжулето со помалку од сто страници, во кое имаше се’ што дотогаш не ни помислував дека може да постои. Шнурајќи низ градските книжарници наидов на кусиот епистоларен роман на имењакот за кој не знаев ништо, и за кој, по чувство, поради необичниот формат и црната корица со жолти букви со едноставен наслов „Писма“, како да насетував дека ќе биде она што треба да биде. По нејзиното читање во еден здив, книгата ни стана генерациска „библија“ која одеше од рака в рака и која неретко се читаше под клупа за време на здодевните средношколски часови.

Зошто „Писма“ толку инстантно не’ освои? Едноставно, затоа што сето она што го читавме кај Милер и Буковски одеднаш го имавме во толку посакуваната одомаќинета варијанта, на скопските улици и во ноќните локали, кои и ние штотуку почнавме да ги откриваме. Градот кој живееше со полни гради и кој во 90-те веројатно беше единственото место на Балканот на кое требаше да се биде, си доби свој книжевен дом во преписката меѓу двајцата наши сограѓани, за кои појма немавме кои се и каде се, но потајно се надевавме дека навечер ќе ги сретнеме во некое од кафулињата. На тој начин нашиот „модус вивенди“ си доби нова естетска форма обликувана од уличниот слободоговор спакуван во симпатичното книжевно издание, кое не’ инспирираше со секое ново препрочитување. „Значи можело и вака, овде и сега“ беше ослободувачка мисла која не’ водеше напред во секој нов ден, и немаше враќање назад. Читајќи го Исаковски со неговиот нескротлив дух, се чувствувавме слободни и нестварни.

Подоцна сосема случајно, како што сосема случајно и ја открив неговата дебитантска книга, се запознавме со Игор и се гледавме низ скопската чаршија. По „Писма“ следеа неговите нови литерарни приказни повторно поврзани со ноќниот живот во метрополата, исполнети со експлозии, трудна месечина, ерупции… кои не’ тераа да пливаme во прашината… како и многуте песни кои тој почна да ги објавува во неговите стихозбирки. Но, чинам дека „Писма“, барем за мене, остана камен-темелникот на сето она што авторот го пишуваше во неговите подоцнежни поетски и прозни дела.

Во новиот милениум, со Игор најчесто се сретнувавме на точак низ град. Тогаш станавме и колеги по перо и издаваштво, а разговорите пред дуќан за книжевноста, и генерално, за животот… за мене беа драгоцени. Тогаш ја засакав и неговата поезија. Долго време имењакот беше единствениот современ македонски поет што го читав, затоа што беше релевантен, универзален, свој… Игор беше човек на градот, тој беше човек на светот… и за жал, прерано замина.

Па оди по ѓаволите, Исаковски! Имаше само 19 година кога го заокружи своето прво чедо, своето прво зрело книжевно остварување кое беше пред времето и кое сите не’ полуди! Затоа сметам дека после три ипол децении, книгата заслужува реиздание кое на новите генерации ќе им покаже како се пишува бескомпромисно, бидејќи денес веќе никој не пишува на овој начин, а толку ни е потребно некој да не’ размрда од зачмаената книжевна понуда. Или, како што поентира професорката Елизабета Шелева на самиот крај од поговорот на првото издание: „Писма се вклопува во трендот на анти-уметноста и вербалниот ready made – писмото, документот, дневничкиот запис, што се стреми кон субверзивно прелевање на говорните и обликовните жанри, на книжевната уметност и нефикционалната проза, со цел да создаде суб-културен идеолошки производ и опонент“.

По повод годишнината од прерната смрт, една тивка ноќ на средината од декември 2024 година се одржа поетско читање во негова чест. Имав можност да кажам збор-два за познанството со Игор и да прочитам една негова песна. Притоа го искажав воодушевувањето за „Писма“ и влијанието што книгата го изврши врз мене и мојата генерација. По настанот, ми пристапи неговата мајка, госпоѓа Олга, која ме замоли, доколку се’ уште го имам примерокот од книгата, да и’ го подарам, бидејќи само тој и’ недостасувал во колекцијата. Ветив дека ќе го сторам тоа. Неколку месеци подоцна, на промоцијата на „Совршен поет“ изненадувањето беше бескрајно. Мојот примерок на „Писма“, иако во распаѓање, но се’ уште жилав и целосен, отиде онаму каде што треба, во домашната библиотека на госпоѓа Олга. Тогаш начелно падна и договорот со Сара и Лина дека оваа книга заслужува реиздание.

Се радувам што ИЛИ-ИЛИ на едно место ги објави сите негови стихозбирки во исклучителното издание насловено „Совршен поет“. Како фино надоврзување на тој издавачки потег, следи реиздавањето на „Писма“, неговото деби од 1991 година, во кое се надевам дека ќе уживате. Книгата трпеливо чека читање и препрочитување, како и превреднување на нештата, бидејќи добрата литература го прави токму тоа, таа не старее и никогаш не губи од својата релевантност и вредност.

Затоа, на реизданието на „Писма“ можеме да гледаме како на потсетник дека книжевната сцена кај нас одвреме-навреме знае(ла) да изнедри авторски глас кој на автентичен начин го обликува(л) современието, а Исаковски тоа го правеше во текот на целиот свој креативен живот. Оваа драгоцена книга е потсетник на еден град кој живееше 24/7, на едни луѓе кои ги знаеја сите негови светли и темни сокаци, и на еден автор кој сето тоа го обликуваше во книжевен бисер што живее за вјек и веков.