Драги пријатели и читатели,
со радост Ве информирам дека од денес „Дријади“ е достапна за сите љубители на добрата проза. Тринаесеттата објавена книга која, според суеверието, никако не значи лоша среќа, туку напротив, отворање на една нова врата, нов свет во кој уживав да престојувам додека пишував. Ова е мојата прва книга за деца и млади, која може да ја читаат и возрасните кои ревносно го негуваат „детето во себе“.

Во последнава декада навистина имаме со што да се пофалиме кога се работи за литературата наменета за помладите читатели. „Дријади“ со својата непретенциозност се приклучува кон книгите наменети за возраста која ако сега не кликне на читањето книги, тогаш засекогаш ќе биде оддалечена од богатите содржини што ни ги „подарува“ литературата, овозможувајќи критичко согледување на нештата околу нас и оформување на свој светоглед.
„Во романот „Дријади“ главни протагонистки се три средношколки, три другарки кои по прославата на роденденот тргнуваат на својот прв заеднички летен одмор на море. Решени да не лудуваат, туку да поминат еден мирен и „пензионерски“ одмор во соседството, тие неочекувано наидуваат на случки и ситуации на кои на почетокот не им придаваат значење, за потоа, како дејствието се развива и се згуснува, сѐ да почне да се отплеткува пред нивните очи. Умешно вметнувајќи елементи од митологијата на случувањата во сегашноста, книгата ја скокотка фантазијата и се чита со задоволство“.
Искрено се надевам дека „Дријади“ е вистински погодок, и дека ќе биде читана, подарувана, коментирана…

