По светската премиера на угледниот „Vision du reel“ во Нион и македонската на „Македокс“ фестивалот, креативниот документарен филм „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар се прошета на безброј светски фестивали, освојувајќи и неколку награди (Гвадалахара, Порторож, Улсан, Загреб, Отран…). Така приказната за тројцата браќа во македонските планини, кои заедно со своите уникатни овчарски кучиња ја одржуваат вековната традиција имаа можност да ја видат многу гледачи низ светот. Животната сторија во која главните протагонисти се растргнати меѓу својот начин на живот и соништата за поинаква иднина носи универзална порака во која секој може да се препознае.

Во светот на Зариф, Зекир и Зани се’ е извесно. Тие се браќа кои заедно со малолетните „помошници“ Басри и Бесам, на падините на Мокра планина на Јакупица, поголемиот дел од годината го поминуваат таму горе високо, чувајќи го своето стадо од стотици овци заедно со триесетина шарпланинци. Природата е нивното опкружување кое најчесто им создава задоволство, но и фрустрација што се дел од приказната во која не гледаат надеж за подобро утре. Но никој не може да им ги одземе желбите и соништата, особено во моментите кога работата за тој ден е завршена, стадата згрижени, кучињата нахранети, па се пали цигара со вкусното кафе, и филмот почнува да се одмотува.

Тие се сами мажи во контекстот кој го диктираат времеснките (не)прилики на 2400 метри надморска височина. Сами готват, ги мијат чиниите, го организираат животот, а нивни најдобри пријатели се животните. „Јас ги слушам старите, кои велат дека кучињата треба да бидат од иста мајка. Така нема да се тепаат меѓу себе, туку ќе се штитат, бидејќи мирисаат исто“, вели средниот брат кој постојано го задева постариот велејќи му дека „мајка само еднаш херој раѓа“. Тие меѓу себе хиерархиски добро ги имаат поставено нештата за да можат да функцинираат, и на крајот на краиштата, да преживеат уште една година со своите овци и кучиња. Но понекогаш меѓу нив нема разлика – и тие на зафрканција си ги грицкаат ушите меѓу себе, и тие знаат убаво да се искапат во планинските вирови…

Филмот е медитативен, и низ монтажниот процес се фаќа ритамот на овој автентичен планински живот, небаре и ние како гледачи сме таму горе со Тито, Хитлер и Сталин (имиња на кучињата-чувари), сплотени со природата. Тоа е поетика на животот во која фасцинацијата од пејзажот полека, но сигурно почнува да го губи значењето заради суптилното навлегување на виртуелниот свет во животот на момците, бидејќи таму се’ е можно. А човекот секогаш посегнува по она што му е недофатно. И додека кравите по цел ден пасење сочна трева се прибираат во бачилото, се зборува за новата верзија на месинџер додека Месечината во позадината е голема и прекрасна.

„Камо да имаше девојки на планиниве, ќе ги поканевме на вечера. Ми се плаче за жена“, вели најстариот „каубој“, а помалиот надмено му враќа „твоја жена, твој проблем“. Затоа, за „разбибрига“, се игра „Не лути се човече“, табла, домино… Планината е тука, таа не оди никаде, минуваат само нашите животи. Целата филозофија на овој филм лежи токму во насловот. Во неа е собран целиот универзум.
Но, полнолетството е на прагот, а желбите за заминување големи. Дали можеби во тој клучен момент лежи оној „штоф“ толку потребен за заокружување на едно успешно филмско дело!? Се чини како на филмот на Селишкар да му треба оној „switch“ кој некогаш, за време на снимањето, природно се случува, а некогаш не. Затоа е важно да се биде постојано „со отворени очи“. Односот со Другиот (дали тоа е дилерот со кучиња, или девојчето кое сосема од поинаква перспектива ги согледува нештата) е суштествен за развој на приказната во различни насоки, за да не се дозволи нештата да ги прекрие маглата, како завеса врз еден помалку или повеќе проживеан живот. Затоа што во шаренилото од можности лежи убавината на нештата. Оние, животните. Колку и да се трошни и минливи.
